Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?

Вкупно гласови : 8866
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Етнологија > Традиции и обичаи > Маски и џаламарство
Традиционално и современо во василичарскиот обичај
Сподели на Facebook
Споредбената анализа на денешната форма на василичарски обичај во с.Вевчани со неговите постари форми не е можна затоа што во литературата не постои емпирски материјал што ќе ја овозможи.

Затоа, во овој труд ќе се обидеме да направиме споредбена нализа на традиционалното и современото во денешната форма на обичајот и од податоците што ги добивме за време на теренските истражувања во 1990, 1992 и 1996 година.

На деталниот опис и текот на обичајот нема да се задржуваме затоа што тој е даден во повеќе трудови.

Од денешната состојба на василичарскиот обичај можат да се издвојат елементи кои го сочинуваат првобитниот слој на обичајот, што ја определуваат неговата првобитна смисла и елементи со сличен или сосема поинаков карактер што се инкорпорирале со текот на времето.

Елементите кои го сочинуваат првобитниот слој на василичарскиот обичај се: времето на одржување на обичајот, 13.01 до 14.01, учество на мажи, собирање на василичарите во “конакот:, започнување на обичајот надвор од селото со василичарско оро, сценариото на селската свадба - играњето на свадбарски ора, присуство на ликовите невеста, зет,побратими,девери, присуство на териоморфни маски, обиколката на селото оддесно на лево, посета на некој селски дом, изразувањето на благослови на домаќините за здравје и плодност, посетата на култните места, завршувањето на обичајот со општа веселба на сред село.

Времето на одржување на обичајот што е на преодот од старата во новата година, е моментот кога треба де се обезбедат услови за благосостојба во новата година.

Обредната обиколка на селото и селските домови оддесно на лево и посетата на култните места бил и останал главен момент во изведувањето на обичајот и претставува многу важна магиска интерпретација во потикнувањето на плодноста и обезбедување на благосостојба во критичниот момент во новата година.

Селската свадба како симбол на плодноста лежи во основата на овој обичај и претставува нејзин архетип. Практично, тоа е пародија на селската свадба во која главна улога ја игра невестата, една од најзначајните антропоморфни маски, олицетворение на плодноста и зетот кој со патерицата како симбол на фалусот придонесува за зголемено дејство на магијата на плодноста. Теримофорните маски ја имаат истата улога со нагласена лустративна функција.

Собирањето на василичарите во “конакот” го претставува делегирањето на претставници од страна на селската заедница кои на одреден начин треба да воспостават врска меѓу профаното и светото и со посетата на култните места во и околу селото да се пренесат желбите за изобилие и сигурна иднина. На крајот, повторното собирање на василичарите во “конакот” каде што пируваат и општата веселба на сред село сметаме дека претставува манифестација на “добро завршената мисија” и знак за сигурна иднина на селската заедница во наредната година.

Кажаното не упатува на присуството на култот на магијата на плодноста во овој обичај, но, од друга страна, обичајот е значаен за селската комуна затоа што го јакне чувството на припадност кон групата и придонесува за нејзиниот хармоничен развој.

Со текот на времето во василичарскиот обичај се инкорпорирале елементи со сличен или сосема поинаков карактер од елементите што го сочинуваат првобитнио слој. Такви се: масовното учество на селаните во изведувањето на обичајот, појавата на многубројни ликови, појавата на многубројни драмски сценарија, учеството на жени, учеството на деца, заедничкото играње на двете тајфи на сред село, формирањето на одбор кој раководи со василичарите, свирењето на новокомпонирани, покрај традиционалните песни и ора, собирањето исклучиво пари при обиколката на селските домови, присуство на т.н. “помошни нести” кои ги обиколуваат подалечните куќи, присуството на голем број гости и публика и обидот на туристичките работници од Струга и Охрид за комерцијализација на обичајот.

Првото што се забележува во денешното изведување на обичајот е масовното учество на селаните и појавата на множество ликови, покрај традиционалните и оние кои се познати од телевизијата, потоа јавни личности од земјата и странство, додека во кругот на “странците” не е само соседството туку и пошироко. Териоморфните маски кои во минатото биле повеќе застапени денес се во незначителен број.

Драмските сценарија што ги изведуваат василичарите се најчесто најразлични настани од мината година од земјата и странство, драматизација на некои аномалии во општественото живеење на селото и пошироко и сл. Практично, Вевчанското сред село во времетраењето на обичајот претставува сцена на која се игра пародија на изминатата година. Пред насобраната публика василичарите го покажуваат својот ентузиазам, сериозност и соживеаност со улогата која ја играат, но и љубовта кон обичајот.

Учеството на жените и малите деца во василичарскиот обичај е неформално, затоа што тие не се вклучни во василичарските тајфи и делуваат независно. Може да се заклучи дека маскираните жени и деца не се сфатени сериозно од страна на жителите на селото, во смисла на нивната обредна функција.

Подвоеноста на василичарските тајфи не е токлу изразена како во минатото, иако се чуствува за време на изведувањето на обичајот. Напуштени се тепачките меѓу нив, напуштени се и ласцивните сцени и вулгарните зборови што ги упатувале василичарите кон младите девојки и жени, заради кои во минатото било невозможно во времетраењето на обичајот да се забележат жени надвор од своите домови. Денес пак, со опсценост, лацивни движења и вулгарни зборови изобилуваат новите драмски сценарија и иконографијата.

Собирањето исклучиво пари од сите селани и гости, а особено поставувањето рампа на влезот на селото и присуството на т.н. “помошни нести” се повеќе го истакнува економскиот мотив што ги раздвижува василичарите, но и на карактеристичен начин го истакнува единството на групата.

Интересно е формирањето на одбор што има за цел да раководи со организација на обичајот. Според наши сознанија, тој придонел за напуштање на некои традиционални карактеристики на обичајот како што се тепачките помеѓу двете тајфи, непристојното однесување на василичарите, собирањето пари надвор од тајфата, како и за зближување на двете тајфи.

Во последните неколку години се прават обиди за комерцијализација на обичајот од страна на туристичките работници во Струга и Охрид и негово искористување за поголема заработувачка на тој начин што тие ги канат василичарите да ги посетат хотелите во овие два града за да ги забавуваат нивните гости.

Од теренските истражувања на василичарскиот обичај од с.Вевчани заклучивме дека интегрирачката сила на обичајот денес силно дејствува врз селската зедница, а тој претставува централен празник на Вевчанци. Меѓутоа, сметаме дека латентната функција доаѓа се повеќе до израз за сметка на манифестната функција на обичајот, желбата и настојувањето задолжително да се биде во селото за време на изведувањето на обичајот, особено кај печалбарите кои дури во местото на престојот се преоблекувале и маскирале на денот на празникот и на тој начин ја искажувале својата припадност кон групата, или, како што истакна еден учесник во обичајот: “Учествувам во обичај за да се знае дека сум Вевчанец”.

За време на истражувањето го поставивме прашањето: “Зошто многубројните учесници вложуваат толку голем труд околу обезбедување на маски, костими, реквизити и вложуваат голем напор во целовечерното обиколување на селото?”. Одговорот може да се најде во приврзаноста кон традицијата, можноста да се измени секојдневието, да се прават работи кои обичните денови се санкциониораат, но и во економскиот мотив и забавата.

Во времетраењето на обичајот селската зедница претставува реципрочен и компактен колектив, но во исто време тој ги има нашироко поминато границите на селската заедница која не е свртена само кон својата непосредна средина и околина, туку и пошироко, може да се каже и кон светската заедница. Овој обичај го искажува односот на селската заедница кон појавите и настаните што се случуваат, особено кон оние кои на некој начин го загрозуваат нејзиниот опстанок, иако не се случиле во нејзина непосредна близина. Во основа на тој однос секако лежи желбата за отстранување на опасноста преку смеата, химорот, сатирата, но и преку манифестацијата на единството на групата.

На крајот, може да заклучиме дека василичарскиот обичај во с.Вевчани претрпува промени што ги наметнува времето, но во основа ги задржал своите специфични моменти: култот поврзан со магијата на плодноста и традиционалната селска забава. Сепак треба да се истакне дека во денешна форма на Василичарскиот обичај во селото Вевчани се потиснува неговата вегетативна подлога и се повеќе се истакнува неговата општествена функција.

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 7192 пати
Просечна оцена од посетителите
 3,25 од 5
Оцена:

Запиши
Коментар:

 

среда, 24 април 2024
Моментно посетители: 158

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Пожар во Александриската библиотека од Христијани
--------------------------------
 Прва монашка република на Балканот
--------------------------------
 Македонците и чамците
--------------------------------
 Овошја во Македонија со потекло од Арапите
--------------------------------
 Св. Ап. Сила, Силуан, Крискент, Епенет и Андроник
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: