Активностите на Друштвото започнаа да се одвиваат преку Академскиот хор, Фолклорниот ансамбл, Академската сцена, Народниот и Изворниот оркестар, како и преку Детското фолкорно студио. Своите уметнички достигнувања ги презентира во нашата земја и во странство, постигнувајќи значајни успеси во афирмирањето на македонското културно творештво.

Фолклорниот ансамбл негува народни песни и ора од Македонија, како и од другите народи во светот. Богатата ризница на народното творештво, создавана со векови на македонското поднебје, се афирмираше со учество на многу фестивали во Европа и во светот, добивајќи врвни признанија. Хорскиот ансамбл освои повеќе први места на меѓународни фестивали, меѓу кои, во Ланголен и Мидлсброу, Англија. Академската сцена, со својата професионалност, ги победува и државните театри на некои фестивали на кои учествува, а видни резултати постигнува и Детското фолклорно студио.
Во досегашниот период, Друштвото успешно има настапувано во повеќе земји: Бугарија, Грција, Романија, Италија, Австрија, Чешка, Полска, Германија, Франција, Англија, Ирска, Турција, Шведска, Шпанија, САД и Австралија. За постигнатите успеси, АКУД "Мирче Ацев" е добитник на Орден со сребрени зраци, доделен од Претседателот на тогашната југословенска држава.
АКУД "Мирче Ацев" е организатор и на Меѓународниот студентски фолклорен фестивал, кој традиционално се одржува повеќе од дваесет години, со учество на многу ансамбли од универзитетските центри во светот.
Во досегашното 50-годишно постоење на АКУД "Мирче Ацев", во него членувале над 7.000 членови, изведени се повеќе од 5.000 концерти, а неговите настапи ги следела публика од над пет милиони луѓе.