Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?






Вкупно гласови : 7505
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Религија > Христијанство > Цркви и манастири во Македонија
Манастир Свети Јоаким Осоговски
Сподели на Facebook
Во близина на градот Крива Паланка, на североисточните падини на Осоговските планини, сместен во густата и зелена шума на надморска височина од 825 метри, вековите ги брои манастирот Свети Јоаким Осоговски.

Нудејќи ја можноста да се почувствува како минатото и историјата живеат во сегашноста, тој плени со својата духовна, архитектонска и уметничка естетика и вредност.

Манастирскиот комплекс во себе ги опфаќа двата храма Свети Јоаким Осоговски (Големата манастирска црква) и Света Богородица (Малата манастирска црква), главниот трикатен конак, камбанаријата во чие подножје се наоѓа коскарницата, т.н. проодна зграда, туристичката зграда, летната бавча и летната кујна, плочарницата или стражарница, новиот конак што е во изградба и резиденцијата на Поглаварот на Македонската православна црква.

Според житието на свети Јоаким Осоговски, историјата на манастирот започнува во XII век, во времето на византискиот император Манојло Комнен (1143-1180). Во него се кажува дека е основан од страна на свештеникот Теодор од Овче Поле, кој, откако му умрела жената, решил да се замонаши. Под монашкото име Теофан тој се спомнува како градител на првиот храм, во кој ги пренел и погребал моштите на светецот. Манастирот бил наречен Сарандопор, и тоа по областа каде бил изграден, а чие име во превод значи Четириесет дола, и посветен на подвижникот пустиножител Свети Јоаким Осоговски, кој својот аскетски живот го минувал во една пештера што се наоѓала во негова близина, во месноста Бабин Дол.

По подигнувањето, манастирот постојано привлекувал внимание, при што бил посетуван од важни историски личности. Меѓу нив се спомнуваат Стеван Дечански, турскиот султан Мехмед II, и други.

Низ времето, тој честопати запаѓал во економски кризи, бил разрушен од земјотрес во 1585 година, а во XVII век, по основањето на градот Крива Паланка, тој станал важен религиозен, културен и просветен центар на монасите од различни краишта, но и на луѓето од овој регион.

По XVIII век кој се бележи како негов најтежок период,  XIX век донел промени на подобро. Почитуваниот трговец Хаџи Стефан Бегликчија успеал да издејствува кај султанот дозвола за изградба на нов храм кој го заменил стариот настрадан верски објект.

Новата црква се градела во периодот од 1847 до 1851 година и тоа со средства кои ги вложувале еснафите, трговците и другите луѓе од кривопаланечкиот крај.

Подигнувањето му било препуштено на големиот и прочуен македонски градител Андреј Дамјанов, кој со својот талент и смисла за оригинална убавина, успеал да создаде вистинска уметничка креација.

Црквата Свети Јоаким Осоговски е трикорабна базилика, со дванаесет куполи (седум мали и пет поголеми), изградена од делкан камен кој бил носен од с. Ранковци, месност Камнеш. Влезот е на западната страна, а десно од него, во подножјето на западниот ѕид, се наоѓа гробот со моштите на светецот на кого е посветена црквата. Во внатрешноста на црквата се поставени шест камени столба, за секој кораб по два, а светлината влегува преку двата реда прозорци.

Во 1884 година, започнало живописувањето на храмот, а како познати зографи биле ангажирани Аврам Дичов, Мирон Илиев и Григорие Петрович од Тресонче. Тие работеле на западниот ѕид, западната купола од средишниот кораб и на дел од јужниот и северниот ѕид. Подоцна работата му била препуштена на Димитар Андонов Папрадишки, кој со мајсторски живопис го испишал храмот. Особено впечатлива е композицијата “Проповед на Св. Павле” во која тој ја насликал кривопаланечката народна носија, како и портретот на св. Јоаким Осоговски, насликан над влезната порта.

По оштетувањето од срушената карпа во 1909 година, црквата била обновена, а идејното и техничкото решение за иконостасот ги дал Димитрие Андонов, чие авторство се и поголемиот број икони од иконостасот.

Малата манастирска црква Света Богородица била обновена во XIV век. Со основа на слободен крст,  тристрана апсида и пипрата, оваа црква од делкан камен и тули, низ времето честопати била реновирана, доградувана и поправана. Стариот слој на фрескоживопис се претпоставува дека потекнува од времето пред нејзиното обновување во XIV век. Во XIX век, од страна на Димитрие Андонов Папрадишки, е живописан нартексот, проскомидијата и конхата на апсидата. Дел од иконите од иконостасот исто така се негова изработка. 

При нејзиното обновување,  реконструирана е една од фасадите, старата и нескладно голема купола над централниот дел е заменета со нова, а кровот е прекриен со бакар и керамиди.

Манастирот Свети Јоаким Осоговски во историјата на македонската култура е забележан како место каде, според едно предание, престојувал и творел Јоаким Крчовски, свештеник и верски учител, македонски преродбеник и основач на новата македонска литература во XIX век.

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 7690 пати
Просечна оцена од посетителите
 4,2 од 5
Оцена:




 
Запиши
Коментар:

 

петок, 24 ноември 2017
Моментно посетители: 104

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Византија паѓа заради долгови
--------------------------------
 Кралските круни потекнуваат од Македонија
--------------------------------
 Заслугите на Анастасие I за градбите по Македонија
--------------------------------
 Кулите како градби во Македонија
--------------------------------
 Македонците и чамците
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: