Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?

Вкупно гласови : 8863
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Историја > Антика > Македонски градови и области
СТОБИ
Сподели на Facebook

Оваа градска населба е подигната нешто пред владеењето на македонскиот крал Филип V.

Стоби е на 160 км. од Солун, на магистралниот пат Виа Егнатиа што водел од Дунав кон Егејот, што како  местоположба му овозможила да биде значаен воен, стратегиски, економски, културен центар во тоа време.

Благодарение на бројните историски и книжевни документи, како и евидентираниот археолошки материјал од систематските истражувања на тој простор, комплетирана е урбанистичката слика на античкото Стоби. Неговата архитектонска структура и организација на животот говори за една развиена урбана средина со висок степен на културен развој. Некои извори укажуваат на негови почетоци уште многу порано во VII и VI век пне, а тоа го поткрепуваат и откриените бронзени предмети кои датираат од архајскиот период, како и одделни керамички наоди од неолитското и железното време.

Во раниот и средниот римски период, градот бележи подем и благосостојба. Тоа, се должи на фактот што овој град добил статус на муниципиум со своја сопствена ковачница каде почнале да се коваат монети со натпис Муниципиум Стобенсиум. Овде се исковани парите кои го носат името денари. Од друга страна, откопани се голем број  споменици со натписи и градби кои се единствени и неповторливи во својата убавина, меѓу кои големите светилишта и фамозниот Театар.

Не помалку значаен бил градот и подоцна, во зацврстувањето на христијанството. Како епископско седиште, подоцна и епархија, Стоби бил доста влијателен. Од тогаш се многуте цркви и базилики со богато внатрешно уредување и раскошни приватни палати и луксузни објекти.

Во Стоби во III век има еврејска заедница за што сведочи Синагогата којашто кон крајот на IV век е урната и врз нејзините остатоци  подигната старохристијанска базилика.

Во доцниот V век и почетокот на VI век градот е опустошен во големите Аваро-Хунски инвазии и настрадал во катастрофалниот земјотрес во 518 год. Пронајдените монети од Јустин II од втората половина на VI век, како и некрополата со 23 гробови од IX до XII век го потврдуваат животот во Стоби и по земјотресот. Градот е обновен, но никогаш не достигнал степен на развој како порано.
На тлото на некогашниот град се откопани и истражени голем број објекти. Северната трикорабна базилика датира од V век. Нејзиниот централен кораб е одделен од страничните два со колонади. Во црквата, што лежи врз постар сакрален објект, бил изграден баптистериум.

Во истражувањето на цивилната базилика, откриени се седум градежни фази. Под нивото откриени се бронзени предмети од V век, а под наосот се пронајдени фрагменти од фреско-живопис со мотив на барска птица од I век пне.

Малата бања (терма) се наоѓала на просторот помеѓу цивилната и северната базилика. Во изградбата на големата бања се забележани повеќе градежни фази. Во нејзината внатрешност е пронајдена статуа од царскиот период.
Централната базилика спаѓа во типот на трокорабни базилики и подигната е врз една синагога кон крајот на IV-V век. Синагогата, пак, е изградена врз една постара синагога од III век, позната како Полихармосова Синагога. Под нивото на оваа синагога се пронајдени два сада со пари од I век.
Куќата на псалмите се наоѓа на јужниот дел пред Централната базилика. Таа се состои од централна просторија, сала со колонади, патосани со луксузно изведени мозаици со геометриски шари. Во главната сала постои осумаголна фонтана. Овој објект лежи врз постари антички градби.
Плоштадот во Стоби го формираат улиците Виа Аџиа и Виа Принципалис , во чие средиште се наоѓа градската чешма.

Перистериевата палата претставува градежен комплекс за повеќе семејства и простории за дуќани и магацини. Во средишниот дел се наоѓа дворот со фонтани. Главните простории, јужно од дворот, се сали патосани во мозаик техника. Палатата датира од IV и V век.

Спроти Перистериевата палата, сместена е Теодосијанската палата, која е една од најимпозантните и луксузно уредени градби во Стоби. Има план на латинската буква Л. Централната сала, опкружена со колони, има базен со осум пиедестала од мермер украсени со спиритуални канелури, на кои стоеле откриените статуи. Во пределот на дворот постоеле цветни тераси со раскошно декорирани патоси. Таа датира од IV-V век.

Со идентичен градежен план, но значително помала и со поскромно внатрешно уредување е куќата на Партениј.

Валавницата претставувала комплекс на меѓусебно поврзани градби коишто претставувале резиденции и дуќани изградени врз постари објекти. Името го добила по работилницата за бојосување и валање на ткаенини, што била дел од овој комплекс кој датира од I, па се до V-VI век.
Епископската резиденција, се наоѓа северно од Епископската базилика, во IV век служела како христијански ораториум, за да еден век подоцна прерасне во епископско седиште. Овде се пронајдени бронзена кадилница и златен прстен.

Епископската базилика, или како што поинаку се нарекува Црквата на епископот Филип, претставува трикорабна базилика, со нартекс, егзонартекс и атриум. Нејзиното внатрешно уредување е мошне раскошно, со употреба на бела мермерна пластика и мозаични патоси. На ѕидовите имало фреско-живопис. Постоел и баптистериум, кој истотака бил раскошен, а на неговите ѕидови откриен е трислоен живопис на кој се претставени светители и други лица. Овој баптистериум првобитно и припаѓал на старата епископска базилика, изградена во IV век, што се наоѓа под темелите на новата, изградена еден век подоцна. Старата трикорабна базилика со епископски карактер е првата катедрална црква во Стоби. Од пронајдената архитектонска пластика се издвојуваат неколкуте парапетни плочи од олтарната преграда.

Главната влезна двојна порта, од западната страна на градот е позната под името Порта Херацлеа.
Театарот во Стоби е изграден во II или раниот III век и е еден од најрепрезентативните објекти настанати за време на римското владеење. Театарот го сочинувале гледалиштето, орхестрата и скената без бина. Гледалиштето е од два дела, а изградено од квалитетен бел мермер носен од Плетвар. Седиштата се според племенската припадност на спектаторите, па така, сé уште на некои од седиштата се врежани имињата на пет племиња. Театарот во III век бил претворен во арена за борби со гладијатори, но подоцна, со указот за забрана од страна на царот Константин Велики, ваквите сурови претстави завршуваат. Во IV-V век, овој објект ја доживеал својата трагична судбина, останувајќи неупотреблив за примарната цел што ја имал, станал извор на убав градежен материјал.

Еден сакрален објект со, навидум, неадекватно име. Станува збор за ранохристијанска трикорабна базилика со фонтана во средишниот дел. Поради тоа што се откриени две мермерни полочи од часна трпеза и бронзени монети од V-VI век, оваа градба го носи името Коцкарница.
Гробишната трикорабна базилика е подигната над гробови од една доцноантичка некропола. На нејзината јужна страна е откриена гробница на некој светител - мартириум.

Базиликата Паликура претставува трикорабна базиликална градба со централен кораб којшто е одделен од страничните со колонада. Имала нартекс, егзонартекс и голем двор, а од низата одаи се издвојува една октогонална што претставува скеуфилакион. Подигната е во IV век над една палата која припаѓала на некој великодостојник. Во нартексот и на источната страна од базиликата пронајдени се старохристијански гробови.

Во западните гробишта откриени се голем број на гробови од различни периоди од историјата на градот. Претставуваат и неисцрпен извор на податоци од кои може да се согледа нивната припадност и начинот на погребување на покојниците, како и самиот подвижен материјал, меѓу кој се теракотните фигури од доцноримско време, надгробни споменици и бисти на покојници и тн.
Во изобилството на градби кои му припаѓаат на Стоби, припаѓа базиликата Еџтра мурос која се наоѓа источно од некрополата. Таа е во редот на мали трикорабни базилики со наос патосан во мозаик, што е прилично оштетен, и повеќе помали одаи што воделе до нартексот. Овде имало и баптистериум. Пронајдената архитектонска пластика им припаѓа на различни стилови и таа претставува комбинација на елементи донесени од постари градби. Оваа базилика е изградена во V-VI век и тоа, најверојатно за потребите на жителите од предградието на Стоби.

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 7610 пати
Просечна оцена од посетителите
 3,8 од 5
Оцена:

Запиши
Коментар:

 

среда, 24 април 2024
Моментно посетители: 331

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Македонците и ножот
--------------------------------
 Вампирите кај Македонците уште во XII век
--------------------------------
 Чудната царица Теодора
--------------------------------
 Воените лукавства
--------------------------------
 Граница на Христијанството
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: