Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?






Вкупно гласови : 9246
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Историја > Нов век > Илинденско востание
Илинденското востание во Скопскиот округ
Сподели на Facebook

Скопскиот револуционерен округ непосредно пред востанието е преименуван во VI востанички округ "Овче Поле".

Меѓутоа, во практиката и понатаму се употребувало името Скопски округ. Скопскиот округ го сочинувале седум околии во кои живееле 308.719 лица од кои апсолутното мнозинство го сочинувале Македонците 196.417 (64%), Турци имало 82.084 (26%), Албанци 15.543 (5%) и други. Повеќе фактори ги отежнувале можностите во Скопскиот округ да се создадат и да се развијат услови за востание. Геостратегиската положба на Скопскиот револуционерен округ е специфична. Меѓу позначајните фактори што влијаеле револуционерната организација да не ја достигне востаничката состојба и силите за востание да не бидат подготвени се главните комуникации кои минувале од Ќустендил - Куманово - Скопје - Приштина и од Ниш - Скопје - Солун и постојаната раздвиженост на турските сили на овие правци.


Четата на војводата Мише Развигоров со Даме Груев и Атанас Бабата

Покрај тоа, северно од Скопје по селата постоеле бројни башибозучки сили од албанска, а јужно од Скопје од турската народност. Тие биле сериозна пречка во тие области да се развијат македонски востанички сили. Во североисточниот дел од скопската област силни пропагандни дејства развиле големосрпските сили, па и тие го спречувале развојот на македонската национална свест и создавањето на востаничките сили. На таквата состојба дополнително отежнувачки влијаеле борбите меѓу ТМОРО и ВМК за надмоќ во округот. Како последица на влијанието на бројните фактори настанале и бројни афери (Виничката во 1897 оставила трајни последици врз вкупното револуционерно движење).

Турските власти во април 1903 година по Солунските атентати веќе располагале со бројни податоци дека ТМОРО го подготвува македонското население за востание, па ги засилувала воените потенцијали, особено во Скопскиот револуционерен округ. Во некои кази во Скопскиот санџак била извршена мобилизација, а Муслиманите и Албанците биле инструирани сами да организираат башибозучки вооружени формации. Во почетокот на јули 1903 година во Скопскиот вилает турската влада располагала со 87 баталјони пешадија (секој по 700-800 души) 20 ескадрони коњаница, 19 батерии полска артилерија, 36 планински орудија, три пионерски чети, технички станици итн. Вкупно имале околу 80.000 војници. Од овие 23 баталјони, пет ескадрони, 10 батерии и две пионерски чети биле на територијата на Скопскиот санџак. Веднаш по Солунските атентати започнала предислокација на турската војска, така што единиците од западниот дел на Скопскиот санџак се префрлени во источните кази (Куманово, Кратово, Крива Паланка, Кочани) и веднаш биле ставени во зголемена борбена готовност, а некои единици ги запоседнале позначајните објекти: села, висови, премини, патишта, мостови итн.

Кратовска чета

Раководството на ТМОРО откако ја анализирало состојбата во Скопскиот револуционерен округ донело одлука во овој округ да се извршуваат само партизански, односно диверзантски дејства. Да не се формираат поголеми чети, да не се ангажира населението и да се одбегнуваат поголеми вооружени судири. На 30 јули 1903 Главниот штаб ги известил дејците во Скопје за датата на востанието и ги запознал со ставовите од општиот план и целите на востанието. Според овој план вооружените сили на Скопскиот округ требало да вршат диверзии на комуникациите и да ги држат турските сили постојано ангажирани. На 17 јули во Скопскиот округ, односно во Кратово е одржан конгрес на кој присуствувале скопската чета на чело со војводата Никола Пушкаров и кратовската чета со војводата Диме Стојанов - Берберчето. Со оглед на тоа дека од другите месни комитети немало претставници овој конгрес го немал значењето на Смилевскиот или на Серскиот конгрес. Но сепак, Пушкаров и Берберчето изработиле план за востанието во кој, покрај другото, се планирало да го фатат главниот инспектор на Румелиските вилаети Хусеин Хилми-паша кој во тоа време вршел обиколка по источните кази на Скопскиот санџак. Се предвидувало и напад на градот Кратово каде што се очекувало престојувањето на Хилми-паша.
Со објавувањето на Илинденското востание во Битолскиот округ на 2 август, се очекувало да започнат диверзантските акции и во Скопскиот округ. Меѓутоа, овој округ останал пасивен.

Од Скопје излегла градската чета со војводата - учителот Андреј Кожухаров. Со некои помали групи кои излегле од Скопје се собрале вкупно околу 170 четници. Во меѓувреме се дознало за планот за атентат врз Хусеин Хилми-паша, па тој ги засилил воените и полициските единици во Скопје. Муслиманското население го вооружал со 5.000 најсовремени пушки, а на македонското население преку ден му забранил да се собира во групи, а ноќе да не смее да го напушта градот. Скопје го опкружиле со кордони, а на одредени места со посади од регуларната војска. Меѓутоа, без оглед на таквото опкружување, по започнувањето на Илинденското востание во Битолскиот округ, војводата Никола Пушкаров се префрлил со четата од Кратовско во Скопско во манастирот "Св. Јован" на устието на реката Пчиња во Вардар. Во подрумите на манастирот складирал 100 килограми динамит и 200 бомби. Пушкаров го одредил својот заменик Милан Ангелов со група четници и 30 килограми експлозив цијановодород, да се префрли во градот Скопје и со внатрешните четници и дејците на Организацијата да ги започнат диверзантските дејства. Скопската чета со војводата А. Кожухаров веќе го напуштила Скопје, па немало кој да го прифати овој материјал и така замислените диверзантски акции пропаднале.

Во меѓувреме во почетокот на август на четата на Пушкаров и се приклучила една чета од седум души македонски печалбари во Србија, формирана од војводата Анѓелко Алексиќ. Со ова засилување Пушкаров одлучил да изврши повеќе диверзии на железничката пруга и на тој начин да го отежни префрлувањето на единиците на Ружди-паша кои од Урошевац со воз се движеле кон Скопје - Велес и станицата во Градско од каде пешки преку Прилеп заминувале во Битолскиот округ со цел да го задушат востанието. Во ноќта на 13 август во базата во манастирот ,,Св. Јован" кај с. Ветерско Пушкаров ја разделил четата на три дела од по 12 души. Самиот го предводел јадрото што било засилено со селската милиција од Кожле и го зазеле мостот. Второто одделение на чело со Димитар Бојанов е упатено кон северниот мост, а третото одделение на Тодор Николов поминало на десниот брег на реката и се насочило кон тунелот. Ноќта во закажаното време околу 23.00 часот Пушкаров го нападнал обезбедувањето на мостот од околу 50 души. Откако паднале десетина души, војската се повлекла. Четниците го минирале мостот, но поради брзината, неисправноста на фитилот и неискуството на четниците, диверзијата не била успешна.

Групата на Бојанов го нападнала северниот мост, но и тој напад бил неуспешен. Поради силното обезбедување третата група не се осмелила да го нападне тунелот. Групата на Пушкаров поставила една експлозивна направа на пругата кај с. Новачани и на неа наишол воен воз. Таа експлозија не предизвикала големи загуби. Биле ранети само дваца војници, но Турците за неколку дена го прекинале транспортот на војската кон Битола, а потоа возовите се движеле само преку ден. По тие акции четата на Пушкаров се повлекла во базата во манастирот ,,Св. Јован". На 14 август војската ја открила и ја нападнала четата. Таа успешно се бранела, а ноќта успеала да се извлече од обрачот кон с. Дивље. Тука четата на Пушкаров се сретнала со кумановската чета на војводата Боби Стојчев и заедно тргнале кон Ѓуришкиот манастир крај Свети Николе. На 16 август двете чети биле опкружени од редовната турска војска и башибозукот од околните турски села. Преку целиот ден околу 50 четници успешно се бранеле, а вечерта по 21 часот со настапувањето на темнината извршиле пробивање на обрачот и се извлекле кон Кумановско. На 30 август овие чети гонети од турската војска се префрлиле во Србија во реонот на Врање.

Покрај овие, во Скопскиот округ се активирале и други чети. Во Кочанско се појавила чета на која и се приклучиле и селаните. На 27 август во с. Долно Трогерци, Штипско, четата на Георги (Ѓоше) Данев составена од 12 души била опкружена од турска редовна војска од околу 200 души. По целодневната борба четата била разбиена, а се спасиле само двајца. Кај селото Горно Лисиче, Скопско, една чета ја прекинала телеграфската линија, а на 15 август кај с. Нерези една чета се обидела да го минира железничкиот мост, но била откриена и била спречена во намерите. На 17 август во Скопје од Урошевац од корпусот на Ружди-паша пристигнале два баталјона турска војска, па гарнизонот се зголемил на седум баталјони војска. Околу 15 баталјони на истиот корпус се подготвувале за распоредување во разни градови на Источна Македонија. Освен тоа, вилаетската управа издала наредба за полна мобилизација на редифите во Скопскиот вилает. Планот предвидувал формирање нови 55 баталјони редифи од I и II категорија. До 26 август само во Скопскиот санџак биле формирани 41 баталјон, а на 15 септември се формирани 63 баталјони, пет ескадрони, два артилериска полка и две пионерски чети. Поголемиот дел од овие сили бил ангажиран за обезбедување на границата кон Бугарија.

Христо Чернопеев со штабот во извидница

Со извршувањето на диверзантските дејства и повлекувањето на востаничките чети завршила првата фаза на борбените дејства од Илинденското востание во Скопскиот револуционерен округ. Втората фаза започнала со навлегувањето на четите на поручникот Владислав Ковачев и Атанас Димитров - Бабата. Двете чети со околу 100 души, префрлувајќи се од Бугарија во Скопскиот округ на 10 септември на планината Плавица јужно од Кратово биле пресретнати од околу 300 души турска војска. Се развила борба и до вечерните часови биле убиени 25 турски војници и двајца четници. Потоа, четите се повлекле во Бугарија. Следниот ден во Скопскиот округ навлегле повеќе чети, односно одред од околу 270 души предводен од Христо Чернопеев, капетанот Георги Тренев, Пешо Самарџиев и други, а во составот на одредот имало техничка чета на чело со Душко Желев и санитетско одделение на чело со Милан Стоилов. На 16 септември 1903 година одредот предводен од Христо Чернопеев бил откриен во кочанското село Витоша. По откривањето, одредот се повлекол кон висовите каде што ги зазел одбранбените позиции, но поголем дел од муницијата и експлозивот останал во селото. Турската војска го запалила селото.

Од пожарот експлодирале скриената муниција и динамит, па тоа привлекло уште посилна војска. Откако се собрала 5.000-6.000 војска следниот ден околу 10 часот бил извршен напад врз одредот на висовите. Борбата траела до вечерните часови кога одредот се повлекол кон бугарската граница. Меѓутоа, налетале на турска војска и одредот се разделил на повеќе групи. Една од групите продолжила кон Султантепе и повторно паднала во заседа. Додека останатите групи се префрлиле во Бугарија, групата што тргнала кон Султантепе на 17 и на 18 септември водела жестоки борби со турската војска. Од четниците загинале 75 души, а турската војска имала околу 380 загинати.

Една од поголемите борби во Скопскиот округ се водела на 24 септември 1903 година меѓу обединетите чети: велешката на чело со војводата Никола Дечев, кратовската на Григор Манасиев и воденската на Тома Пожарлиев, вкупно 113 души кои кај селата Луково и Емирица, Кратовско, биле опкружени со околу 7.000 турска војска. До вечерта загинале 31 четник и војводите Дечев и Манасиев, преостанатите успеале преку ноќта да се повлечат во Бугарија. Покрај наведениве постоеле други чети организирани од ВМК и уфрлувани во Скопскиот округ, особено во областите во близина на границата, но тие главно се уфрлувале во втората фаза, односно откако Крушевската република била задушена и главно имале провокативен карактер, односно по првиот вооружен судир со турската војска четите се враќале во Бугарија. Потоа, одмаздата ја поднесувало македонското население.
---------------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 10924 пати
Просечна оцена од посетителите
 5 од 5
Оцена:




 
Запиши
Коментар:

 

четврток, 03 октомври 2024
Моментно посетители: 41

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Св. Григориј Богослов архиеп. Цариградски
--------------------------------
 Поход на Печенезите во Македонија и нивниот крај
--------------------------------
 Вампирите кај Македонците уште во XII век
--------------------------------
 Антите како Словени
--------------------------------
 Александриската библиотека
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: