Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?






Вкупно гласови : 7120
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Историја > Нов век > Илинденско востание
Илинденско востание - Борбите во Ресенско
Сподели на Facebook

Ресенскиот востанички реон на Смилевскиот конгрес бил поделен на два самостојни реони.

 


Анимација - Борбите во Ресенско

 

Горна Преспа со раководно тело во состав: Славејко Арсов, Драган Петков и потпоручникот Александар Панајотов и Долна Преспа со која раководеле: Никола Кокарев, Велјан Илиев (Пенчо), Наум Фотев и потпоручникот Ангел Андреев. Горнопреспанскиот реон опфаќал 32 села со центар во Ресен, а Долнопреспанскиот 43 села со центар во најголемото село Герман. Во двата реона непосредно пред Илинденското востание имало 28.000 жители од кои 75 проценти биле Македонци, меѓу останатите имало Власи, Албанци, Турци и други. Мнозинството од населението било организирано од страна на ТМОРО, при што посебно се ангажирале Власите од с. Маловиште. Од големо значење за реонот била раководната дејност на војводата Славејко Арсов кој во овој реон уште од порано имал силен авторитет. Тој ја предводел четата која во јануари 1903 година ги поразила турската војска и башибозукот во с. Избиште и во с. Љубојно и која водела повеќе успешни боеви во околните села.

Поради сето тоа, на повик на војводата Славејко Арсов населението масовно се вклучило во собирањето храна, облека и други средства за потребите на востанието. Со оглед на тоа дека се работи за печалбарски крај, непосредно пред востанието пристигнале околу 1.000 гурбетчии. Организирањето на востаничките чети започнало веднаш по Смилевскиот конгрес. Во с. Болно се собрале околу 400 востаници. Од нив се формирале чети од по околу 50 души, а тие биле составени од одделенија од седум до осум души, а потоа со четните и одделенските состави се вршела обука.


Група востаници

Долнопреспанскиот реон за подготовките на востанието бил поделен на два подреона: селата јужно од Подмочани до Долно Дупени биле под раководство на војводата Велјан Илиев, а вториот подреон ги зафаќал селата околу езерото Мала Преспа и со него раководел војводата Ангел Андреев. Главен раководител на двата подреона останал Никола Кокарев. Подготовките и во овој реон биле успешни и правовремени. Непосредно пред почетокот на востанието овој реон го посетиле Даме Груев и Борис Сарафов и со Славејко Арсов ја анализирале состојбата, при што било констатирано дека во моментот реонот располагал со 900 востаници, а се очекувале и гурбетчиите. Потоа биле разгледани плановите за дејствата и други значајни прашања. По средбата на Арсов со раководителите на Главниот штаб во селото Леорека (Лева Река) бил одржан општ собир на кој присуствувале селаните од с. Кривени, Круше и други и се формирале нови чети. Во секое село се формирал одред, а целото село било потчинето на војводата кој бил задолжен да ги организира селаните за борба. На 18 јули, раководителот на реонот, војводата Славејко Арсов, одржал состанок во с. Болно со членовите на Ресенското градско раководство при што го разработиле планот за напад врз Ресен.

Градските раководители се спротивставиле на тој план. Меѓутоа, Реонското раководство поставило конкретни задачи: да се собират лекарства, пари и се што е потребно, да се ангажира разузнавачката служба, а следниот ден во с. Болно биле повикани претставници на полските села јужно од Ресен, па и тие добиле соодветни задачи. Потоа во селото Подмочан се утврдил нов центар за селата по западниот брег на Преспанското Езеро во кој влегле 10 села, се поставиле селски војводи, се формирале чети и така со три востанички центри Горна Преспа била подготвена за востание.

Четата на војводата Славејко Арсов

Одлуката за денот на почетокот на востанието пристигнала една недела порано. Во тоа време раководството на Долнопреспанскиот реон се наоѓало во близината на селото Љубојно. Веднаш е одржан состанок на кој раководството одлучило првиот напад да се изврши на мудурлукот во с. Наколец каде што, покрај управата, имало и 200 аскери. Планот за напад предвидувал да се обединат повеќе востанички чети и од разни страни да се изврши едновремен напад. Од северната страна на реонот со одредот на војводата Никола Кокарев да се изврши напад врз с. Наколец, а од југ одредот на војводата Ангел Андреев да го нападне селото П'пли (Лефкон). Нападот требало да се изврши на 2 август. Според договорот дејствата започнале едновремено од разни страни. Одредот на Кокарев го опкружил с. Наколец и го започнал бојот. Меѓутоа, селските чети од Љубојно, Брајчино, Штрково (Плати) и Долно Дупени немале доволно сили за да го скршат турскиот отпор.

На неуспехот на нападот придонела и слабата координација меѓу војводите Кокарев и В. Илиев кои дозволиле дел од аскерот, кој пред нападот заминал на помош на бегот во селото Сливница, да се врати и да се вклучи во одбраната на Наколец. Борбата продолжила и вториот ден. На аскерот му се придружил и башибозукот од с. Крани. Кокарев побарал помош од Андреев, но испратената чета пристигнала по повлекувањето на Кокарев, кој потоа заедно со селските чети од Сливница, Курбиново, Претор и Рајца го зазел с. Асамати и го запалил.

На 2 август во селото Рудари (Калитеа) се состанало раководството на овој подреон на чело со војводата Ангел Андреев. Тие го разработиле планот со конкретните акции од јужниот дел на Долнопреспанскиот реон. На состанокот, покрај раководството присуствувале и претставници од поблиските села. Донесена е одлука и план за нападот на селото П'пли во кое имало 150 души аскер. Планот предвидувал селските чети од селата Есвика (Сфика), Оровник (Карје), Буковик (Оксиа) и Дреново од една страна, а четите од селата Р'мби, Герман, Медово, Штрково и Рудари од друга страна со вкупно 200 четници прикриено да се приближат, да го опкружат и на договорен сигнал едновремено да го нападнат селото П'пли од сите страни. На сите востаници им било јасно дека движењето мора да биде крајно внимателно со оглед на тоа дека покрај аскерот вооружено било и албанското население што живеело во селото и имало бројна башибозучка формација. При подготовките на четите за исполнување на задачата се случило предавство, планот бил разоткриен, па одредот на Андреев се повлекол во близината на селото Герман. Овде војводите одржале состанок и откако ги согледале слабостите одлучиле да ги продолжат борбите. На 6 август вечерта го нападнале селото Шаовци. Бидејќи нападот бил неуспешен, на 8 август востаниците го нападнале селото Бостанџиовци, но и овој напад не успеал. Двете села, покрај аскерот, ги бранеле муслиманското население што било подобро вооружено од македонските востаници, со оглед на тоа дека оружје добиле од војската.

Во Горнопреспанскиот реон востанието започнало со донесувањето на планот за напад на Ресен. На 1 август 1903 година во с. Болно се состанале вооружени селани од селата Царев Двор, Дрмени и Јанковец кои заедно со четата на војводата Славејко Арсов со околу 400 души, согласно планот одредиле 150 души кои ќе го извршат нападот. На сите им било соопштено дека истата вечер ќе биде објавено востанието. Избраните востаници биле поделени во пет групи од по 30 души и од селото Болно тргнале по различни правци кон Ресен. По пристигнувањето до градот секоја група го запоседнувала определеното место и се подготвувала за напад. Меѓутоа, Дрменската чета била пресретната од ноќната градска патрола што отворила оган по неа. На тој начин, наместо со договорениот сигнал, востанието во Ресенско започнало со директен судир. Потоа оган отвориле и другите чети и по 45 минути востаниците биле отфрлени од градот. Во текот на истата ноќ предводени од потпоручникот Панајотов селските чети од Избишта, Кривени и Златари воделе престрелки со турски патроли. Селаните од Круше откако ја ликвидирале со отров турската стража кај беговата кула ја известиле селската чета која влегла во селото, но потоа наишле башибозук и аскер, по што четата се повлекла во гората. Турците влегле во селото и го опожариле, а потоа го опожариле и селото Лева Река.

Селските чети од Евла и од Горно Дупени, вкупно околу 50 души истата ноќ ја нападнале турската стража во с. Петрино која го обезбедувала патот Ресен - Охрид. До судири дошло и во селата Царев Двор и Подмочани како и во другите села во реонот. Во наредните два до три дена територијата на двата преспански реони била опфатена со востанички дејства и биле ослободени речиси сите села, освен Ресен, Наколец и П'пли каде што поради грешки во командувањето и предавства, се задржала турска власт. Војводата Андреев повеќе пати се обидувал да го ослободи с. Наколец, но без успех. На 12 август востаниците го зазеле големото и богато влашко село Маловиште а војводата Славејко Арсов веднаш ја организирал месната управа. Истовремено се формирала и селска чета од 20 души на чело со војводата Стефан Барџик.

Во втората половина на август во Ресен пристигнале три одреда војска и броен башибозук, вкупно околу 600 души со цел да ги задушат востаничките сили во реонот. Согласно со општиот план на дејствата во Македонија, турската војска ги опкружувала селата, па со силен оган ги напаѓала и откако ќе ги совлада востаничките сили се насочувала врз населението, започнувале бесчесностите и грабежите и нападот завршувал со палежи на селата. Особено ревносно кон македонското население се однесувал албанскиот башибозук кој формирал одред од околу 700 души и преку реката Девол се уфрлувал во селата Нивици, Граждино, Орово, Дреново и во други села во Долна Преспа. Војводата Андреев испратил неколку чети за да го заштити христијанското население. Жестоки борби во реонот се развиле на 11 август во кои се вклучиле одредите на војводите Кокарев, Илиев, Андреев и повеќе селски чети. Турската војска добила засилување од кај Лерин, потоа започнало масовното одмаздување. Биле опожарени селата Љубојно и Брајчино. Во жестокиот бој на просторот меѓу селата Долно Дупени и Брајчино загинале војводите Никола Кокарев и Велјан Илиев (Пенчо). Со нивната смрт востанието во северниот дел на Долнопреспанскиот реон било обезглавено.

Во времетраењето на турската офанзива во периодот од 23 до 25 август во близината на с. Герман започнало собирање на востаничките сили. Прва пристигнала Битолската чета на чело со војводите Александар Ефтимов и Иван Кафеџијата со вкупно 86 души. Потоа од В'мбелската Планина пристигнале повеќе чети од костурските востанички сили на чело со војводите Васил Чакаларов и Пандо Кљашев со вкупно 825 души. Месните востаници околу 200 души предводени од војводата Андреев и четата на Спиро Олчев од Ресенско со 10 души. Вкупно се собрале 1.100 души македонски востанички сили кои, имајќи ја предвид турската офанзива и одлуката на Главниот штаб, решиле да преземат поход кон Мариовско за да стапат во врска со раководителите на Битолскиот округ. Меѓутоа, стигнала информација дека турските сили се движат кон востаниците, па започнале подготовки за одбрана. Нешто подоцна било забележано дека аскерот се повлекувал од Костурскиот реон, па востаниците според планот на Чакаларов се вратиле во тој реон. Неколку дена подоцна турска војска од околу 6.000 души ги изненадила битолската и селската чета од Герман кои во бојот кај с. Штрково претрпеле големи загуби. На 28 август се водел бој кај с. Рудари каде што загинале 85 востаници, останатите се разбегале. Во Долнопреспанскиот реон останал само војводата Ангел Андреев кој со мал број востаници и понатаму дејствувал. Меѓутоа, тој бил предаден од Коте војвода, но бидејќи опкружувањето било во неговото родно село Рудари, со помош на селаните Андреев успеал да се извлече, а на 25 септември отпатувал за Грција.

Во почетокот на септември во Долнопреспанскиот реон востаничките сили веќе не биле организирани. По преземањето на масовните репресии од страна на аскерот населението се криело. На островот Ахил бил организиран збег со обезбедување од неколку чети од реонот на Мала Преспа. Во Ресенско четите од селата се повлекувале кон планините. Четата на Стрезов од Покрвеник се насочила кон Галичица. Војводата Кочо Кочевски со четата од Подмочани и со 500 невооружани мажи, жени и деца тргнал кон Пелистер, но на патот во близина на Маловиште штитејќи го населението Кочо војводата со неколку четници загинале. Истиот аскер потоа го нападнал с. Маловиште и го запалил. Кон Пелистер се насочила и четата на С. Арсов. Во реонот пристигнал и Анастас Лозанчев, па и тој се вклучил во згрижувањето на востаничките сили и населението.

Особена активност во заштита на населението развил војводата Спиро Олчев кој со четата од с. Дрмени и со други четници од околните села се повлекле кон западниот брег на Преспанското Езеро. Тој успеал да префрли околу 2.000 души на островот Голем Град и да ги обезбеди со храна и со други средства. Ги собрал сите кајчиња за да не ги искористи противникот и цел месец од 18 август до 20 септември на островот се живеело организирано и слободно. Аскерот неколкупати се обидел да го гранатира островот но поради далечината тоа било неуспешно. На секој истрел населението извикувало ,,Да живее Македонија"! Меѓутоа, плашејќи се аскерот да не привлече долгометна артилерија, Олчев на 20 септември го започнал евакуирањето на населението, односно заминување во родните места. Тој со неколку четници по избегнувањето на повеќе заседи од Коте се повлекол во Грција. Согласно решението на Главниот штаб, по тие настани започнало демобилизирањето на востаниците. На 28 септември С. Арсов со повеќе востаници се повлекол во Бугарија. Со тоа фактични завршило востанието во Горнопреспанскиот реон.
---------------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 7821 пати
Просечна оцена од посетителите
 3,8 од 5
Оцена:




 
Запиши
Коментар:

 

недела, 11 декември 2016
Моментно посетители: 49

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Според сметањето на православната црква
--------------------------------
 Целиот учен свет на антиката – во Александрија
--------------------------------
 Минерал МАКЕДОНИТ
--------------------------------
 Македонскиот антички штит бил дрвен
--------------------------------
 Свештмч. Мокиј
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: