Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?






Вкупно гласови : 8828
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Историја > Нов век > Илинденско востание
Илинденско востание - Борбите во Демирхисарско
Сподели на Facebook

Демирхисарскиот востанички реон се наоѓа во подножјето на Илинската, на Велмешката, на Спространската, на Баба и на Љубен Планина и на дел од Крушевската Котлина.

Анимација - Борбите во Демирхисарско

Населението било македонско, освен две села каде што доминирало албанско население. Вкупната бројна состојба на населението била околу 12.800 души. Македонското население било организирано од ТМОРО, а во востанието учествувало со околу 1.200 востаници. Главен војвода во реонот бил Јордан Силјанов - Пиперката од селото Козица. Во реонското раководство уште влегувале Димитар Дечев, попот Кузман од с. Бабино и Христо Пасхов. Подготовките за востанието започнале веднаш по Смилевскиот конгрес. Непосредно пред востанието, Горското реонско началство се состанало со членовите на Главниот штаб во с. Лева Река, Ресенско каде ги добиле последните упатства и инструкции. Потоа, Јордан Пиперката со останатите членови на Реонскиот штаб се вратил во Демирхисарско на Боишката Планина кај реонската чета и заедно заминале за с. Спространи каде што ги очекувале бројни востаници, па оттука востаниците со раководство заминале за с. Велмевци каде што на Илинден го осветиле знамето и го објавиле востанието.


Јордан Пиперката

Потоа, новопријавените востаници биле распоредени по четите, а војводите добиле конкретни задачи за секоја чета одделно. Реонското началство одлучило со една чета да го блокира и да го заземе нахискиот центар во с. Прибилци, една чета да го нападне Брезово, а помалите чети добиле задача со разни диверзии да ги онеспособат патните, телеграфските и телефонските врски, да ги урнат мостовите и да нападнат други осамени објекти на релацијата меѓу Кичево и Битола. Борбените дејства ги започнал Јордан Пиперката кој предводел околу 150 востаници при нападот врз уќуматот, мудурлукот и кулата во с. Прибилци. По тие акции било ослободено селото Брезово. Во силниот бој за Брезово Турците изгинале, а кулата била запалена. Во исто време востаниците ги запалиле селата Кочиште, Ново Село, Чаталковите воденици и кулата во с. Жван. Останатите чети извршиле напад врз селата: Бабино, Горни Демирхисар, Цер и С'лп и продолжиле кон с. Доленци. По ослободувањето на селата во Демирхисарско, одредот на Јордан Пиперката заминал за селото Карбуница во Кичевскиот реон со цел да им помогне на тамошните востаници.

По сознанието дека Крушево било ослободено и дека била формирана македонска народна власт, односно Република, започнало создавањето на месната власт во с. Велмевци, Бабино и други демирхисарски села. Војводата Јордан Пиперката бил ревносен противник на врховизмот и особено се спротивставувал на одлуката во четите на ТМОРО да се вклучи по еден бугарски офицер. За неговата чета бил одреден потпоручникот Панајотов, но Пиперката не го примил. Тој многу пореално ја согледувал состојбата и согласно со тоа ја поставувал одбраната на реонот. По информацијата дека големи одреди на турската војска со артилерија се натрупуваат околу Крушево, Пиперката ги повлекол востаниците од населените места и организирал поход преку Илинската, Велмешката и Спространската Планина. За кратко време минувајќи 80 километри, пристигнал над селото Големо Црско. Оттука го надгледувал патот кој води од Крушево преку Цер за Кичево во готовност да му помогне на населението, а и да ги сочува и востаниците и селата. Всушност, ја спроведувал стратегијата на Гоце Делчев.

Откако турската војска го зазела Крушево еден голем одред под команда на Бахтијар-паша се насочил кон Кичевскиот реон. Кај месноста Коприн Дол (во близина на с. Цер) 70 востаници командувани од селските војводи отвориле оган врз турската војска, а потоа се повлекле кон гората. Турците, откако го отфрлиле нападот, влегле во с. Цер ги убиле сите селани, жени и деца и запалиле 200 куќи. Утредента Јордан Пиперката наредил да се собира помош за настраданите, а тој со уште десет востаници тргнал за да ја извиди состојбата. На патот меѓу селата С'лп и Цер му била поставена заседа и се развила жестока борба. Од сите страни Турците стрелале кон Јордан Пиперката. Востаниците од месноста Свиништа кога разбрале за опкружувањето на групата на војводата Јордан Пиперката веднаш дотрчале и припукале. Со нивна помош опкружените востаници успеале да се извлечат кон селото Спространи. Таму на сред село чекале селани, но кога виделе дека меѓу четниците не бил војводата, настанала тишина што давала одговор на сите прашања. Војводата Јордан Пиперката и уште двајца востаници загинале во нерамна борба, опкружени од еден турски одред.

Четата на Јордан Пиперката

Истата ноќ востаниците со неколку селани дошле до местото на бојот и успеале да ги извлечат телата на загинатите и да ги пренесат во црквата на селото Велмевци, каде што потоа биле погребани. Настанала голема жалост во целиот реон поради загубата на омилениот војвода кој со години го бранел македонскиот народ од турските зулуми. На денот на неговиот погреб од Долен Демирхисар се појавила силна турска војска. Востаниците веднаш формирале маршевска колона и тргнале кон Спространската Планина каде што се стационирале на врвот Ветерник. На 15 август Турците извршиле општ напад на реонот. Една колона од околу 2.000 души се приближувала кон Струговската Планина. При обидот да го запалат манастирот во селото Слепче дошло до вооружен судир со една востаничка чета која била наполно уништена, а манастирот и селото биле запалени. Од кај Ѓавато се појавила втора турска колона која кај с. Вазерник водела борба со четата на Д. Дечев. Востаниците биле принудени да се повлечат, а турската војска потоа влегла во селото Бабино каде што била четата на Борис Сарафов. Тој наредил востаниците да се повлечат кон гората, по што селото било ограбено и опожарено. Трета колона на турската војска од околу 1.000 души се движела по патот Битола - Кичево и ги опожарила селата Сопотница, Ракитница и други. Четвртата колона се движела од Кичево кон Белица. Четирите турски колони се собрале во селото С'лп и на 21 август 1903 година, сметајќи дека ги разбиле востаничките сили се повлекле кон Битола и кон Кичево.

Меѓутоа, во демирхисарските планини се собрале повеќе востанички чети од Крушевско и од Битолско, речиси околу 1.000 востаници и ја чекале одлуката на Главниот штаб. Турската команда разбрала за собирањето на востаниците, па презела нова офанзива кон Демирхисар. Турската војска предводена од Бахтијар-паша со околу 10.000 пешадинци и башибозуци со 14 планински топови и четири ескадрона коњаница, поделени во четири колони, на 17 септември 1903 година ја започнала втората офанзива против македонска востаничка војска во Демирхисарскиот реон. Првата колона се насочила од с. Смилево кон с. Слепче, втората од Струговската Планина кон селата Ласково, Церово и Вирово, третата колона настапувала од Ресен преку Црн Врв, а четвртата напаѓала од Охридско кон Голиот Врв и Плаке. Поединечни башибозучки формации пристигнувале од с. Бабино и се насочувале кон Слоештица.

Дебарско-кичевската чета на војводата Наки

Кога тие огромни и концентрирани сили го стегнале обрачот, Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ, со одред од 300 души востаници, се наоѓал во центарот на обрачот - на Бигла Планина. Втор одред од 250 востаници, под командата на началникот на Битолскиот револуционерен реон Ѓорѓи Сугарев, ја држел јужната страна на Бигла. Третиот одред од востаниците, под команда на демирхисарските војводи, го држеле Вировско и Слоештица. Курири постојано оделе меѓу Главниот штаб и востаничките одреди и носеле податоци за движењето и за намерите на непријателот. Од тактички причини, Главниот штаб ги запоседнал средишните командни позиции на Бигла и истовремено ја презел командата над сите востанички сили, чиј фронт се простирал од с. Боишта до с.Слоештица во продолжение, во вкупна должина од 19 км. Општиот број на востаниците достигнувал 970 души, или односот на силите бил 1:12 во корист на турските сили. Околу 9.00 часот, турските сили настапиле кон востаниците и нивните позиции. Први отвориле оган востаниците. Тие ги оставиле Турците да наближат на 300-400 чекори и ги пресретнале со плотун. Се развила лута битка, истовремено по целата должина на Бигла. По двочасовно упорно спротивставување, левата востаничка страна засипана со силен артилериски оган и загрозувана од заднината од двата турски табора кои настапувале кај с. Лесково, ги напуштила позициите и се повлекла во шумата, за да ја чува заднината на Главниот штаб.

Во тоа време огнот врз десната востаничка страна бил во најголем разгор. Трите турско-охридски баталјони и башибозукот продолжувале да настапуваат кон десното крило што истовремено било напаѓано и од војските од Слоештичкиот Преслап. Ресенскиот баталјон пак, продолжувал да настапува кон центарот. Честата стрелба на востаниците, придружена од непрекинати и громогласни "Ура" ги стресла Турците, кои го запреле нападот и одново отвориле пеколен оган. Востаниците биле долго време упорни и не ги отстапувале позициите. Околу 13 часот Турците ја преместиле артилеријата и почнале од три страни со плотуни да стрелаат врз востаничките позиции. Куршуми како град се истуриле врз нив. Се појавила потреба да се отстапи на помалку биени позиции. Двесте востаници, под заштита на огнот од другите востаници, отстапиле и ги запоседнале камењарите во Церовската Планина. Нешто подоцна ним им се придружиле и преостанатите востаници, од кои едни отстапиле кон Вирово, а други во Боишките Планини. Тогаш Турците ги концентрирале силите и здружени ги нападнале утврдените востаници во Церовските камењари, но позициите на востаниците биле непристапни. Востаниците се држеле до 18 часот, иако биле опсипувани од безброј гранати кои напразно се распрснувале по камењата.

Кога настапил вечерниот мрак, востаниците со "Ура" се нафрлиле врз Турците и незапирливо си пробиле пат низ густите турски редови и се извлекле во три групи: Главниот штаб кон с. Боишта и Смилево, една група во Церовската планина и третата група кон Вирово. Во текот на оваа борба, која траела цел ден, биле убиени 78 Турци, а многумина биле ранети. Од востаниците имало 17 убиени и 11 ранети. По борбата, турската војска се разотишла по гарнизоните, а востаниците, во полн распоред, отстапиле во непристапниот Демир Хисар. Борбата на Бигла покажала уште еднаш дека напорите за директно уништување на македонските востанички сили се илузија што скапо ги чинела османлиските владејачи.
Завршниот Демирхисарски бој е еден од најголемите боеви во Илинденското востание.

Тој особено е значаен по начинот на организирањето и водењето на одбраната во услови на опкружување и по успешното извлекување од обрачот. На 19 септември 1903 година во Смилевската корија Главниот штаб (Д. Груев, Б. Сарафов и А. Лозанчев) одржал состанок на кој разговарале за демобилизирање на македонската востаничка војска. Било решено постапно да се собира оружјето и сите востаници да бидат распуштени. До крајот на октомври 1903 година сите востаници во Демирхисарскиот реон биле распуштени и се вратиле во своите домови.
---------------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 7699 пати
Просечна оцена од посетителите
 4,2 од 5
Оцена:




 
Запиши
Коментар:

 

петок, 29 март 2024
Моментно посетители: 46

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Поход на Печенезите во Македонија и нивниот крај
--------------------------------
 Линкестите – македонско племе на рисови
--------------------------------
 Воената секира и Македонците
--------------------------------
 Преп. Теофил исповедник
--------------------------------
 Најраните почетоци на кино културата во Македонија
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: