Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?






Вкупно гласови : 7108
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Историја > Нов век > Илинденско востание
Вооружувањето на четите за Илинденското востание
Сподели на Facebook

Формирањето и вооружувањето на воените сили на Македонската револуционерна организација се поставувало како цел и задача уште од нејзиното создавање во 1893, а особено од Ресенското советување во 1894 година.

По вклучувањето на Гоце Делчев во Организацијата во 1894 година, таа се здобила со врвен и стручен водач кој, покрај политичкото, во ТМОРО го воздигнал и военото значење. Со донесувањето на Уставот, Правилникот на ТМОРО и Правилникот за четите јасно се истакнало дека без сопствени вооружени сили Организацијата не може да ги оствари политичките цели.

Вооружувањето на македонскиот народ има долги и богати традиции. Тоа се развивало преку ајдутските дружини и востаничките чети, особено од периодот на Разловечкото и Македонското (Кресненско) востание во 1876 и во 1878 година. Основни извори за снабдување со оружје биле купувањето, одземањето во борба, но и со сопствена изработка на лично оружје. На тој начин во Македонија почнало да се развива и оружарството. Со оглед на тешките економски услови и постојаното набљудување од страна на османлиските власти, оружјето се изработувало во тајни работилници што тешко можеле да се откријат. Најдобри услови за изработка на оружјето имале селските работилници каде што и започнал развојот на македонското военоконструкторско дело. Постапно започнале да се формираат и разните оружарски професии: ножарството, туфекџиството (пушкарството), бомболеарството, а подоцна и изработката на дрвените топови. Оружјето се изработувало тајно и главно во ковачките, во коларските, во кожарските и во други работилници. Особено било развиено ножарството кое, покрај потребите за домаќинствата, произведувало разни јатагани, ками и ножеви во различни форми. Покрај изработката на ножеви, постоеле работилници, односно познати мајстори за поправка и за острење на познатите сабји, како што биле димискијата изработена во Дамаск и френгијата која била од француско потекло. Многу мајстори правеле и сопствени сабји. Ножарството било најмасовно застапено во производството и во вооружувањето. Пушкарството претставува еден од најстарите оружарски занаети и основно военоконструкторско дело што при употребата користи експлозивни материи. Првата работилница во која се поправале и се изработувале пушки постоела во Прилеп во текот на XVIII век. Производството на пушките претпоставувало и производство на куршуми, односно барут. Македонските ајдути се покажале како добри специјалисти за изработка на барут и средства за носење на барутот наречени барутници. Во произведувањето на сопствено оружје во периодот на Источната криза особено бил познат војводата Христо Македонски.


Нелегална бомболеарница во Битола

Изработката на дрвените топови, исто така, има долга и богата традиција. Во историјата на македонскиот народ дрвените топови претставуваат импровизирани артилериски орудија чија цевка била изработена во стебло од тврдо дрво (цреша, брест, див бадем, орев) и окована со железни обрачи. Ги изработувале главно бочвари, ковачи, колари, а ги употребувале востаниците, со оглед на слабото вооружување на македонскиот народ. Материјалното дејство им било слабо, особено поради распрскувањето на цевката. Моралното влијание им било на високо рамниште.Самоиницијативното вооружување на македонскиот народ особено било развиено по Руско-турската војна 1877-1878 и по Македонското (Кресненско) востание во 1878 година. По задушувањето на тоа востание се формирале повеќе ајдутски чети кои главно биле вооружени со руско оружје. Исто така, во 1887 година во Битолскиоит регион по создавањето на селската милиција, односно фаријата, за одбрана на селата од разбојнички банди, се создала можност за вооружување на населението што потоа го употребило тоа оружје во востанието.

По иницијатива на Гоце Делчев во 1897 година бројни ајдутски војводи преминале во составот на ТМОРО. На тој начин дошло до обединување на ајдутското борбено искуство и идеолошката определба на учителите со што била зацврстена политичката програма на Организацијата. Вклучувајќи се во ТМОРО ајдутските војводи организирале нови агитационо-организаторски чети и ги обезбедувале со оружје. Вооружувањето на ТМОРО се вршело во три фази. Првата е продолжение на дотогашниот самоиницијативен и ајдутски начин на снабдување со оружје и започнува од формирањето на МРО од 1893, односно од Ресенското советување во 1894 година и трае до Виничката афера, односно до појавата на првите организационо-агитаторски чети во 1897/98 година. Втората фаза започнала од 1898 и траела до средината на 1902 година. Во таа фаза веќе се создала една предвостаничка атмосфера. Третата фаза, што била најкуса и најактивна, траела од средината на 1902 до почетокот на востанието во 1903 година и во самиот тек на борбите, односно во траењето на Крушевската република кога се изработувале црешовите топчиња.




Црешовите топчиња, дел од вооружувањето на четите

Првата фаза на вооружувањето имала повеќе извори. Најзначајни биле постојните внатре во Македонија, потоа се внесувало оружје од територијата на Србија и снабдување со оружје од Бугарија.

а) Вооружувањето внатре од територијата на Македонија е најдолг и најсигурен начин на снабдување. Постојните ајдутски чети и војводи таквите искуства ги пренеле и во Организацијата. Тие му дале организационен карактер на вооружувањето и тоа не толку за начинот на вооружувањето, колку за да се има евиденција за вкупното оружје. Покрај студеното оружје (кама, јатаган, нож) во првата фаза најмногу се набавувале револвери, а со нив се вооружувале куририте, како и терористичко-егзекуторските групи. Носењето револвер и кама се сметало за белег на револуционерството. Поттикнувањето на иницијативата за организирано вооружување ја започнал Ѓорче Петров кој предложил да се купуваат револвери, а потоа заедно со Глигор Попов и Ѓорѓи Пешков во Битолската месна организација го издавале весникот "На оружје!" Со таквата иницијатива се зафатиле и Даме Груев во Солун, Гоце Делчев во Штип кој по доаѓањето за учител во Ново Село во 1894 година создал месна организација од 30 луѓе пред кои веднаш се испречил проблемот за вооружувањето.

Најчесто се набавувале револвери од црногорско потекло, наречени црногорски кардалии, а биле доставувани посредно преку Албанија. Со револвери претежно биле вооружени револуционерите по градовите, додека по селата главно се купувале пушки. Селаните полесно ги набавувале и полесно ги чувале пушките, особено по создавањето на селските милиции т.н. фарии во Битолскиот вилает во 1887 година што на одреден начин било оправдување за селаните да купат пушка за да се штитат од разбојниците. Наскоро Турците ги укинале фариите и почнале да го собираат оружјето, но голем број пушки останале скриени кај селаните. Покрај тоа, во Тетово и во Дебар се изработувале пушки мартинки, па на илегален начин се вооружувале и членовите на ТМОРО и месните организации во Прилеп, во Штип и др. Во Штип Гоце Делчев констатирал дека тетовските мартинки се со слаба конструкција и непрецизна стрелба.

б) Оружјето од Србија било доставувано на почетокот самоиницијативно, преку трговските врски, кираџилакот и на други разни начини. Прилепчаните Никола Пешков кој бил трговски претставник во Бујановац и Никола Каранџулов први ја организирале врската за набавка оружје во Србија. Тие во Прилеп формирале цел арсенал со пушки и револвери од Србија. Во есента 1894 година Гоце Делчев ја формирал месната организација во Велес. Оваа организација во истата година воспоставила врски со Врање преку Ордан Малезанков и Тоде Бошков кои во Велес донеле 21 пушка (турски мартинки) и црногорски револвери. Гоце Делчев и Ѓорче Петров во 1897 година правеле обиди да ја снабдуваат организацијата со оружје од Србија.

в) Снабдувањето на организацијата со оружје од Бугарија претставувало постојан извор, но и постојано судирање со бугарската влада. Бројноста на македонската емиграција, должината на македонската граница со бугарската и бројноста на пунктовите по границата го овозможувале честото и полесното снабдување. Од друга страна, интересите на бугарската влада и пробугарските елементи во Организацијата ги условувале и ги отежнувале односите и снабдувањето на ТМОРО со оружје. Сепак, со таа дејност се зафатил Гоце Делчев кој како задграничен претставник во Бугарија, бил главен организатор на пренесувањето оружје во Македонија. Како учител во Штип во 1895 година го воспоставил каналот со Бугарија и нарачал да му достават на граничниот пункт во Ќустендил 500 пушки. По неговото заминување во илегалство во 1896 година се префрлил во Бугарија и работел на создавање канали за префрлување оружје за Македонија. Во таа дејност Гоце Делчев се советувал со Димитар Поп Георгиев Беровски. Во пролетта 1896 година, врска со бугарската влада воспоставил Даме Груев. Тој со посредство на офицерите Борис Сарафов и Антон Бозуков во Софија се сретнал со генералот Рачо Петров, воен министер на Бугарија. Генералот Петров откако ги слушнал излагањата на Груев ветил дека на негова "лична одговорност" ќе и даде на ТМОРО 2.000 пушки од системот "хенри-мартини". На 22 јуни 1896 година, во Софија пристигнал Ѓорче Петров кој се сретнал со министерот-претседател Константин Стоилов и официјално ги изнел барањата на ТМОРО содржани во две точки: 1. Владата на Бугарија да испрати пет до 10 илјади пушки од кои 300 "манлихери" и 300 "маузери" и 2. Да испрати 100 илјади лева на ТМОРО за подготовка на востание. Потоа со претседателот Стоилов се сретнал Христо Матов, а нешто подоцна, т.е. на 2 јануари во 1897 година и Гоце Делчев. Разговорите се воделе за вооружување на четите на ТМОРО. Во почетокот на 1897 година Гоце Делчев и Ѓорче Петров воспоставиле сериозни врски со браќата Михаил и Никола Иванови од кои набавувале оружје, главно пушки од системот "крнки". По Виничката афера бугарската влада во однос на снабдувањето на Македонците со оружје се свртува кон ВМК и кон офицерските братства. ТМОРО во тоа време соработувала со ВМК, па преку каналите на ВМК се снабдувала со одредени количества на оружје. Во почетокот на 1897 година на иницијатива на бугарската влада на ТМОРО и била понудена голема количина оружје. Бугарската армија вршела модернизирање на оружјето, па старото оружје, односно 4.043 пушки, преку трговците браќата Иванови од Банско биле продадени на ТМОРО. Меѓутоа, бугарската влада ја измамила ТМОРО па не и дала муниција. По тој повод Гоце Делчев и Ѓорче Петров разговарале со бугарскиот воен министер, при што, министерот на Ѓорче му рекол: "Не сме луди да ви дадеме и фишеци; така силата си ја држиме в раце, а инаку вие сосема ќе се одвратите од нас". По пренесувањето на тие пушки во Македонија, врховистите го откриле каналот, па Турците главно ги собрале. Само мал дел од тие пушки бил употребен во Илинденското востание.
Втората фаза на вооружувањето на ТМОРО траела од 1898 до 1902 година. На предлог на Гоце Делчев со решение на ЦК на ТМОРО во 1899 година започнало формирањето на четните институти. Со тоа започнало и организираното вооружување на силите на Организацијата. Според одредбите на Правилниците за четите за вооружувањето биле задолжени соодветните комитети на Организацијата - околиските, реонските, градските или селските. Оружјето се купувало или се изработувало во тајните работилници. Внатрешните извори биле најсигурни, но не биле доволни. Во предилинденскиот период пушкарскиот занает особено бил развиен во западна Македонија. Тајни работилници постоеле во Тетово, во Гостивар, во Дебар, во Битола и во Скопје. Најразвиена била тетовската која ги произведувала познатите пушки мартинки. Во Тетово работеле околу 100 пушкари, а капацитетот им бил околу 50 пушки неделно. Во истиот период се појавиле и работилници за поправка на оружје. Во Охрид такви имало пет, во Битола пет, во Струга три, во Крушево две. Вкупно имало 16 пушкарски работилници од кои 7 христијански.

Во тој период биле воведени самостојноста, систематското вооружување и организираноста по хиерархиската вертикала и организационата хоризонтала. Вооружувањето се вршело преку највисоките органи на ТМОРО, а се одликувало со: организирано изнаоѓање сопствени финансиски средства; воведување системност, односно набавка на одреден систем на оружје и муниција; масовност, поголема организираност и пронаоѓање нови извори на снабдување со оружје. При сето тоа особено значајна улога имало Задграничното претставништво во Софија. Со сериозноста на дејствата се зголемувал авторитетот на Организацијата, а со тоа се проширувале и бројната состојба, а растеле и потребите за вооружување.

Тоа била причината Организацијата да ги вооружува посиромашните, а побогатите членови сами да си купуваат оружје. Средствата со кои располагала Организацијата биле собрани од членарината и од доброволни прилози. Тие средства не ги задоволувале потребите. Се појавила потреба за грабнување богати луѓе и за нив да се бара откуп. За да се избегне самоволието во врска со таа дејност во Правилникот за четите што го изработиле Гоце Делчев и Ѓорче Петров во 1900 година било пропишано кој решава дали и кога некоја чета ќе преземе некоја акција на грабеж и собирање средства за политички цели. По тој редослед, по одлука на највисокото раководство било извршено киднапирањето на американската мисионерка Мис Стон. За нејзиното ослободување Организацијата добила од Портата 14.500 турски лири. Повеќето од тие средства биле употребени за купување оружје.

Покрај самостојното вооружување, во втората фаза исто така се изнаоѓале канали за вооружување од соседните земји. Легалните раководства ги собирале средствата внатре, а понекогаш изнаоѓале нови извори на оружје, додека локалните, особено пограничните чети биле задолжени за чување на оружјето, обука со него и отворање нови канали. Во 1901 година Никола П. Русински кој бил војвода во Кичевско со една чета што била испратена од српската влада и што се приклучила кон неговата, развил соработка и набавувал пушки "кокинки". Внесувањето оружје од Бугарија продолжило и во оваа фаза, иако многу помалку отколку во првата фаза. Тоа главно се вршело преку браќата Иванови и преку Гоце Делчев. Многу чети биле формирани во Бугарија, па таму и се снабделе со оружје. Во оваа фаза започнало организираното снабдување со оружје и од територијата на Грција. По Грчко-турската војна 1897 година турската војска се повлекувала во безредие. Во Тесалија оставиле големо количество оружје, муниција и воен материјал што месното население го разграбило, а потоа го продавало. Неконтролираното снабдување можело да создаде потешкотии, па Организацијата се обидела да воспостави ред. Костурското раководство на чело со Васил Чакаларов организирало погранични пунктови преку кои се вршела организирана набавка на оружје. Во 1901 година и Организацијата од Солун воспоставила врски со Атина со цел да купува оружје. Покрај наведениве, оружје се купувало и од Албанија. За што особени заслуги имало охридското месно раководство.

Третата фаза која траела од 1902 до почетокот на Илинденското востание во 1903 година, била најзначајна. Вооружувањето било максимално засилено, а главната улога ја имале месните организации и четите. По одржувањето на Солунскиот конгрес во јануари 1903, на Смилевскиот конгрес во мај 1903 и потоа на окружните и на околиските конгреси, во прв план и како прва задача пред целата организација биле поставени прашањата за вооружувањето на четите. Целокупната дејност по тоа прашање се вршела според Упатството за четите. Со тоа Упатство четите го вршеле снабдувањето со оружје, а месните раководства ја организирале соработката со оружарските работилници.

Веднаш по Смилевскиот конгрес кога веќе било сигурно дека денот на востанието е многу близок, крушевското горско началство издало наредба на Ставре Борјар и неговите синови Тодор и Сотир во нивната работилница да изработуваат во големи количества разни делови за повеќе видови пушки (мартинки, гра, манлихери итн.). Покрај изработката на нови делови, се поправале оштетените пушки. Во Крушево, исто така, била организирана и леарница на куршуми за фишеци од разен калибар. Во почетокот на мај 1903 година леарницата била во куќата на Гире Павлев, а потоа во куќите на Дину Патракот и на Веле Сајџијата. Во леарницата работела т.н. интелектуална група која се состоела од петмина учители, тројца гимназијалци и тројца занаетчии. Леарницата била добро чувана и Турците никогаш не ја откриле. Се појавиле потешкотии околу набавката на барут. Имено, продажбата на ситниот барут била под строга контрола на државата, со оглед на тоа дека бил наменет за воени потреби. И покрај тоа, Битолскиот револуционерен округ бил во целост снабден со доволни количества квалитетен барут. Главни снабдувачи со барутот биле Турците, претежно вработените во битолската барутана. Тие на Организацијата и продале големи количества на барут кои таа до крајот на востанието не успеала да ги употреби. Продажбата на ловџискиот, односно на крупниот барут била слободна, но поради лошиот квалитет тој можел да се употреби само за полнење на црешовите топчиња и само во крајна нужда за полнење фишеци.


Вооружена востаничка чета

Покрај работилниците за поправка на пушки и леарниците, во Крушево работел и арсеналот во кој, исто така, се лиеле куршуми и се поправале пушки. Со работата на арсеналот раководеле пушкарот Ставре Борјар и железарот Митке Манаки. Арсеналот бил сместен во куќата на Илија и Коста Бојаџија - Лапе, а работел и за време на востанието. Покрај крушевскиот, арсенал за поправка оружје и леење куршуми постоел и во селото Селце, северно од Крушево. Со овој арсенал раководел Цветко Стојчев кој во време на востанието бил војвода на селската милиција во Селце. Покрај поправката на оружјето и леењето куршуми оружарските работилници и арсенали изработувале и дрвени топови. Во некои реони тие топови биле нарачани од соодветни комитети, а во некои биле изработувани самоиницијативно. Нивната огнена моќ не можела да се споредува со турските крупови топови, но психолошкиот ефект суштински влијаел врз борбениот дух. Поради тоа дрвените топови изработени непосредно пред и за време на Илинденското востание биле наречени "пропагандни топови". Нивната цел не била на Османлиите да им нанесат големи загуби, туку да им покажат дека македонскиот народ не ја признава османлиската власт, не го прифаќа обезвредениот статус, да го истакнат македонскиот непокор и да им ја покажат подготвеноста за борба, макар и со дрвени топови.

Првиот црешов топ бил изработен од калуѓерот Григориј од манастирот "Св. Јован Бигорски". Тој топ потоа и бил предаден на Организацијата. При испробувањето на топот во село Душегубица, со првиот истрел топот се распрснал на ситни парчиња. Во Душегубица бил направен уште еден топ, но тој се распрснал по четвртиот истрел. Врз основа на наредбата на Востаничкиот штаб на Охридскиот револуционерен реон Трпе Треновски, ковачот Мустафа и уште двајца селани, сите од селото Лактиње - Охридско, направиле четири дрвени топови. Од нив два се распаднале по неколку успешни истрели. Два топа, тешки по 70 кг биле изработени во Кичевскиот крај и употребени во борбата кај Издеглавје. Сепак, најмногу дрвени топови биле направени во Крушевскиот реон. Таму во селото Селце биле направени седум, а во самото Крушево шест топови. Непосредно пред и во текот на Илинденското востание во 1903 година за период од два месеца вкупно биле направени 17 црешови топови. Сите дрвени топови имале различни димензии. Должината им била од 80-150 см, тежината од 20 до 70 кгр; калибарот во зависност од муницијата, главно колку ѓуле од селски кантар или бомба од битолската бомболеарница што ги изработувал Новак, односно цевката имала пречник околу 9 см. За да се зголеми отпорноста топовите биле зацврстувани со железни обрачи.


Црешов топ

 

-----------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 6956 пати
Просечна оцена од посетителите
 5 од 5
Оцена:




 
Запиши
Коментар:

 

вторник, 06 декември 2016
Моментно посетители: 40

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Полумесечината симбол од Филип II Македонски
--------------------------------
 Св. вел. мч. Анастасија Узорешителница и др со неа
--------------------------------
 Во Јапонскиот парламент – “Лига за Македонија”
--------------------------------
 Абодрити, словенско племе во Дакија
--------------------------------
 Античката “Теургија” и македонскиот фолклор – едно
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: