Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?






Вкупно гласови : 7098
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Историја > Нов век > Илинденско востание
Агитационо-организаторски чети
Сподели на Facebook

Првите агитационо - организаторски чети во кои биле вклучени и терористички групи ги организирал Гоце Делчев. Понекогаш лично учествувал во нивната дејност.

На пример, во зимата 1895/1896 година, откако го поставил тајниот канал на организацијата од Штип за Бугарија, тој ја формирал и ја предводел првата група која пренесувала оружје за потребите на ТМОРО во Штип. Во други случаи тој давал непосредни упатства: за пренос на оружјето во внатрешноста на Македонија, за преземање превентивни мерки, за избегнување заседи итн. За формирањето на агитационо-организаторските чети кои имале првенствено пропагандна и организациона функција, Гоце Делчев, поради тоа што не располагал со доволен број обучени луѓе, бил принуден, покрај терористите, да ги ангажира и куририте, па и искусните луѓе од ајдутските чети. Согледувајќи ги потешкотиите во формирањето на првите чети на Организацијата, родоначалникот на револуционерното четништво Гоце Делчев го наговорил Михаил Апостолов - Попето во текот на 1898 година да изврши обиколка низ Македонија и да воспостави врска со ајдутските војводи за да ги убеди да работат за ТМОРО. На тој начин по иницијатива на Делчев во составот на Организацијата биле вклучени старите проверени ајдути Кочо Муструкот, Иванчо Карасулијата, Апостол Петков, Илија Крчовалијата и други.

По формирањето на четите од овие проверени борци во периодот од 1897 до 1899 година Гоце повеќе пати влегувал во Македонија. При второто доаѓање со чета во Македонија во летото 1899 година тој организирал средба со војводите на сите ајдутски чети кои во моментот се наоѓале во Драмско, Серско, Демирхисарско и Солунско и се обидел да ги вклучи во ТМОРО. Таа средба се одржала на 12 јули 1899 година во местото Спиров Чукар, Серско. На состанокот присуствувале 10 ајдутски војводи. Гоце подробно ги запознал присутните со целите и задачите на ТМОРО, со нејзиниот Устав и Правилник и со потчинувањето на раководството на Организацијата. Особено ја истакнал неопходноста од засилувањето на кадарот на организационите чети, што би се постигнало со вклучувањето на ајдутските чети кон нив. По дополнителните распрашувања од ајдутите и разјаснувањата дадени од Делчев, дел од ајдутските војводи се приклучил кон Внатрешната организација. Некои од нив кои продолжиле со разбојништвата, со што му нанесувале навреда на револуционерното дело, подоцна биле казнувани или уништувани од четите на ТМОРО. На тој начин, обединувајќи го борбеното искуство на ајдутите со револуционерните идеи на учителите Гоце Делчев ги создавал првите вооружени агитационо-организациони чети на ТМОРО.

Виничката афера која избувнала во есента 1897 година решавачки влијаела да се прекине со организирањето на повремените чети. Имено, на 14 ноември 1897 година една разбојничка чета, од Бугарија во Виница го убила богатиот турски бег Ќазим-ага и по ограбувањето повторно се вратила во Бугарија. Истражувајќи го настанот турските власти откриле дека во Виница постои добро организирана револуционерна мрежа и дека по куќите се крие многу оружје. Таа афера се проширила и на другите соседни градови, па дури и до Скопје. Поради опасноста да бидат уапсени, повеќе револуционери избегале во Бугарија, а еден дел поминал во илегална работа. Овие настани го зголемиле економскиот, политичкиот и духовниот гнет, а во исто време влијаеле да се извршат промени во тактиката на ТМОРО и да се создадат првите постојани илегални организациони единици - четите. Формирањето на постојаните илегални чети започнало во 1898 година. Овие чети имале задача, покрај другото, доколку дојде до нови апсења на истакнати дејци, да го продолжат делото и како илегални, да служат како јадра за регрутација на нови раководители и за прием на нови борци. Со формирањето на постојаните чети и со нивното дејство ТМОРО постапно преминала од тивката и бесшумна пропагандна и организаторска работа кон бурната револуционерна дејност. Освен главната задача, спасување на револуционерното дело, овие чети имале и други долгорочни задачи: пропагирање на идејата за ослободување на земјата, подготовка за вооружено востание, да се зацврсти тајната полиција, тајната пошта, да се парализираат непријателските удари, да се казнат предавниците, да се истребат разбојниците (муслиманите и христијаните) и најпосле да го предводат населението во вооружена борба.

 


Давање заклетва на востаници од четата на војводата Ѕоле Стојчев

Агитационо-организационите чети на ТМОРО се формирале во многу тешки услови. Без оглед што формален повод за нивното создавање била Виничката афера, почетните обиди биле направени уште во средината на 1897 година од Гоце Делчев. Тој ги формирал првите агитационо-организаторски чети на територијата на Бугарија, а потоа ги упатувал во Македонија. По извршувањето на поставените задачи се враќале во Бугарија. Од крајот на 1898 година овие чети останувале во регионите определени од Организацијата каде што дејствувале самостојно. Во исто време започнало формирањето на исти такви чети и во внатрешноста на Македонија. Првата агитационо-организаторска чета на ТМОРО формирана на територијата на Бугарија е поврзана со отворањето на тајната бомболеарница на организацијата во селото Сабљар во Ќустендилско. Поради недостаток на финансиски средства за производство на бомболеарницата во април 1897 година Гоце Делчев формирал и вооружал една чета и ја испратил во Македонија да собира пари. За нејзини реони на дејства биле одредени Малешевско и Пијанечко, но таа се движела и во Кочанско, во Радовишко и во Струмичко. Четата ја предводел Васил Чочев, а била составена од шест лица. Освен што собирала пари, Првата чета на Организацијата вршела и агитационо-пропагандна улога. На 17 јули 1897 година таа чета се приклучила кон четата што ја предводел Гоце Делчев, под чие раководство во септември истата година бил заробен Назл'м-бег, а потоа заменет за пари. Дотогаш Гоцевата чета вршела воена обука на месното население.

Првата агитационо-организаторска чета на ТМОРО на територијата внатре во Македонија била формирана во есента 1897 година во областа на Кичево. Четата ја формирал војводата Дуко Тасев од с. Јудово, Кичевско, учесник во Македонското (Кресненско) востание од 1878 година. Во таа чета на војводата Дуко Тасев, покрај другите, влегле Јордан Пиперката, Никола Ѓеројски, Јанаки Јанев и други. Четата била организирана под непосредно раководство и по упатствата на ѓаконот Јосиф од манастирот Пречиста кој во тоа време бил еден од раководителите на ТМОРО во регионот. Во таа чета по потреба се вклучувал и ѓаконот Стојан.

Прва акција на оваа чета била убиството на турскиот спахија Мухарем-бег Ремко од селото Сл'п. Нешто подоцна, т.е. во октомври 1897 година во Гевгелиско е формирана и втората чета на ТМОРО во Македонија во состав од војводата Иванчо Карасулијата, Апостол Петков и Спиро Карасулски. За кусо време четата нараснала на 12 души. Во 1898 година четата се поделила на војводите: Иванчо Карасулијата со дејство во реонот на Гевгелија и војводата Апостол Петков со дејство во реонот на Ениџевардар. Во наредните две години во Македонија се формирале повеќе агитационо-организаторски чети, а во исто време, слични такви во Бугарија формирал Гоце Делчев. Со една од нив на 15 јуни 1899 година Делчев дефинитивно заминува за Македонија. Формирањето на четите на ТМОРО во Бугарија го продолжил Ѓорче Петров. Во текот на 1898-1899 година во 15 околии на револуционерните окрузи на ТМОРО речиси во секоја дејствувале по една или две агитационо-организаторски чети.

Со зголемувањето на бројот на четите се зголемиле и можностите за непосреден судир со турската официјална армија. Првиот вооружен судир помеѓу четите на ТМОРО и турската војска се случил во април 1899 година во селото Гавалјанци, Кукушко. Потоа, на 16 септември 1899 година четата на војводата Мирче Ацев се судрила со турската војска во местото Папазчаир, а на 18 октомври истата чета повторно се биела со турската војска во близина на селото Црвен град, Прилепско.
Во периодот од 1897-1899 година агитационо-организаторските чети ги исполниле очекувањата од нивните дејности. Идејата на нивниот организатор Гоце Делчев била успешно реализирана. Сознанијата од воената вештина што Гоце Делчев ги стекнал во военото училиште во Софија, во Македонија добиле успешна практична примена. За овој период, обединувајќи ги ајдутските војводи и учителите, тој формирал околу 20 чети во состав од 2-3 до 12-13 души, а најбројни биле четите во состав од 3-4 души. Тие чети успешно ја извршиле агитационата задача, а од нивниот состав се регрутирале нови организатори и војводи. По нивното двегодишно постоење тие создале услови пред крајот на 1899 година да се формираат четните институти на ТМОРО.

-------------------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 4924 пати
Просечна оцена од посетителите
 5 од 5
Оцена:




 
Запиши
Коментар:

 

понеделник, 05 декември 2016
Моментно посетители: 469

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Преп. Павле Ксиропотамски
--------------------------------
 Светло и поплочување на градови, дело на Македонци
--------------------------------
 Во Јапонскиот парламент – “Лига за Македонија”
--------------------------------
 Св. Григориј Богослов архиеп. Цариградски
--------------------------------
 Св. мчци: Македониј, Татијан и Теодул
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: