Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?

Вкупно гласови : 8855
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Историја > Нов век > Македонски револуционери
Атентатите врз Димо Хаџи Димов и Славчо Ковачев
Сподели на Facebook
Во редовите на македонското револуционерно движење од крајот на 19 и почетокот на 20-от век се појавиле редица на дејци, од различни теченија, кој со своето дејствување одиграле забележителна улога и дале свои размислувања за решавање на македонското прашање.

Меѓу нив спаѓа и македонскиот револуционер и деец Димо Хаџи Димов. Тој во редовите на македонското националноослободително движење се вклучил во моментите кога тоа добило најорганизирана форма, со создавањето на ТМОРО и се залагал за негово независно дејствување. Уште на самиот почеток Димо Хаџи Димов во своето политичко-револуционерно дејствување ги прифатил левичарските идеи. Во рамките на неговото дејствување во македонското револуционерно движење, Хаџи Димов најповеќе го употребувал пишаниот збор и во таа насока биле неговите идеи за правилно решавање на македонското прашање. Македонија, во државно-правен смисол, овој македонски деец сметал дека треба да добие автономен статус во рамките на османската држава, што според него би било најдобро решение и за големите европски сили и за балканските држави.636 Во тој период на своето дејствување, Димо Хаџи Димов бил близок пријател и соборец на Гоце Делчев и како таков бил директен сведок на неговото загинување. По се поголемиот раскол што настанал во редовите на македонското револуционерно движење, Хаџи Димов се определил кон левото течение и станал близок соработник и соборец со Јане Сандански и другите македонски дејци од поранешниот Серски револуционерен округ. По завршувањето на Првата светска војна кога се поизвесно станувало дека ќе биде верификувана поделбата на Македонија помеѓу балканските држави, Димо Хаџи Димов заедно со група македонски револуционери од предилинденскиот и Илинденскиот период, преку новосоздаденото Привремено Претставништво на бившата обединета ВМРО се обиделе повторно да го актуелизираат македонското прашање на Версајската мировна конференција и да издејствуваат негово правилно решавање. Тогаш преку својата публицистичка дејност Димо Хаџи Димов повторно го издигнал лозунгот за автономна Македонија, за кој сметал дека ќе претставува најдобар модел за трајно решавање на македонското прашање со што требало да се обезбеди постојан мир на Балканот, бидејќи со ова решение ќе се искоренеле завојувачките стремежи на балканските држави кон Македонија. Во наредните години Хаџи Димов станал комунист по убедување и како таков станал и пратеник во Народното собрание на Бугарија во текот на 1924. Со своето револуционерно-политичко дејствување помеѓу македонската емиграција во Бугарија и со својата публицистичка дејност, Димо Хаџи Димов, како и мнозина други општествени и јавни личности во Бугарија станал предмет на подготвување на физичка елиминација. Наскоро бил извршен атентат врз македонскиот револуционер од левицата и член на БКП, Димо Хаџи Димов.637

На 13 септември, за време на денските часови, Хаџи Димов ја разбрал веста за убиството на неговиот пријател и идеен сомисленик, Славчо Ковачев. Возбуден од тажната вест тој искоментирал пред неговите другари дека повторно започнале физичките истребувања и изразил жалење поради тој факт. Димо Хаџи Димов во тие моменти се упатил кон кафеаната ’Галик" со цел да се запознае со подробности околу убиството на Ковачев. На улицата "Пиротска" македонскиот деец бил пречекан од терорист на ВМРО, кој со неколку револверски истрели го соборил на земја, а за да се осигури во неговата смрт се наведнал над трупот на жртвата и пукал уште два пати. Следниот ден претседателот на Народното собрание на Бугарија дал кратко соопштение дека бил убиен народниот пратеник Димо Хаџи Димов.638 Убиството било извршено од страна на македонскиот терорист од ВМРО, Владо Георгиев-Черноземски.639 Објаснувањето за атентатот било наводното учество на комунистите во убиството на Тодор Александров. Во Софија на 13 септември 1924 I бил убиен македонскиот револуционер со левичарски идеи, член на МЕФО, докторот по правни науки Славчо Ковачев640. Убиството го извршил неговиот сограѓанин и припадник на ВМРО, штипјанецот Мирчо Кикиритков. Според сеќавањата на Кикиритков641, една ноќ околу полноќ, со автомобилот на Тодор Георгиев-Гуштерот од Штип, тие отишле во куќата на Иван Михајлов, која била полна со четници и терористи на ВМРО. Михајлов лично им давал задолженија на присутните, кои еден по еден заминувале да ги извршуваат изречените смртни пресуди врз одредени македонски дејци, обвинети за убиството на Тодор Александров. Дури и самиот Иван Михајлов неколку пати заминувал со автомобилот во непознат правец.

Во 8 часот изутрината, следниот ден, дошол редот и на Мирчо Кикиритков, кога од страна на Михајлов бил запрашан со зборовите: "Ќе го смааш ли (по штипски) Славчо Ковачев?", на што по објаснувањето дека бил предавник, Кикиритков се согласил. За извршување на задачата Страхил Развигоров, еден од блиските соработници на Михајлов, требало да му го посочи Ковачев, бидејќи атентаторот не го познавал. Славчо Ковачев живеел на улицата "Цар Борис", спроти романската црква. На тој петочен ден, 13 септември, атентаторите се сместиле на масата во една кафеана и го набљудувале патот откаде требало да се појави жртвата. По четиричасовно чекање, околу 12 часот, Развигоров посочил еден човек, кој што доаѓал по улицата "Пиротска", но атентаторот се нашол во состојба на двоумење, бидејќи и други луѓе оделе по тротоарот и отежнато било препознавањето на Ковачев. Но состојбата во корист на Кикиритков се подобрила кога од вратата на куќата во која живеел Славчо Ковачев излегле неговите деца и на нивниот повик, кој бил кобен за него, Ковачев се стрчал кон нив со што го издал својот идентитет. Во тој судбоносен момент Мирчо Кикиритков му застанал зад грбот и испукал три куршуми, при што уште првиот куршум бил смртоносен за Славчо Ковачев. Кикиритков се наведнал над паднатиот и од непосредна близина пукал уште три пати. Атентаторот се обидел да побегне по улицата "Егзарх Јосиф", но тука бил пресретнат од началникот на првиот полициски участок, на кого му се предал. Само по два дена, во недела, било организирано бегство од страна на ВМРО, при што заедно со Кикиритков побегнале и терористите Владо Черноземски и Стефчо Каркалашев. Мирчо Кикиритков не знаел во што се состоело обвинувањето врз убиениот Ковачев и наполно верувал во исправноста на решенијата издадени од раководството на Организацијата, така што сметал дека треба да ги исполни безусловно. Тој истакнал дека до неговото затворање не знаел дека е убиен Тодор Александров. Во спротивно имал намера да ги убие и децата на Славчо Ковачев.

Стојо Хаџиев642, македонски деец, војвода и член на Серскиот револуционерен округ на ВМРО, со левичарски убедувања, бил убиен од страна на терористи на ВМРО на Михајлов и бугарската полиција на 27 септември 1924 година, во близината на селото Покровник, Горноџумајско. Местото каде е закопан е непознато.

________________________

636-Поопширно види: Орде Иваноски, Димо Хаџи Димов, живот и дело, Куманово.

637-Димо Хаџи Димов (с.Горно Броди, Серско, Егејска Македонија, 1875г.), македонски деец од левицата; бил истомисленик и соборец со Јане Сандански; учествувал во битката кај селото Баница каде бил убиен Гоце Делчев; учествувал во формирањето на Народната федеративна партија; по Првата светска војна бил еден од основачите на Привременото претставништво на бившата обединета ВМРО и е автор на статијата "Назад кон автономија'; бил избран за член на ЦК на БКП, а бил основач и на македонскиот Емигрантски комунистички сојуз (ЕКС) во Бугарија.

638-Дончо Даскалов, Политически убийства...цит., 109.

639-Владимир Георгиев-Черноземски или вистинското име Величко Димитров-Керин (с.Каменица, Велинградско, Бугарија, 19 октомври 1897г.), учесник во македонското револуционерно движење, по националност Бугарин; во 1922 година се вклучил во редовите на ВМРО и бил четник кај војводите Иван Јанев-Брло и Панчо Михајлов; во времето на Иван Михајлов извршил голем број на атентати врз македонски дејци , а во 1932 година бил испратен од страна на ВМРО во логорот "Јанка Пуста" во Унгарија, како инструктор на хрватските усташи.

640-Владислав Славчо Ковачев (Штип, 5 јануари 1875г.), македонски деец, интелектуалец; завршил Воено училиште во Софија и членувал во Врховниот македонски комитет; учествувал во Илинденското востание; во 1910 година завршил правни науки во Париз и докторирал во Брисел; бил еден од основачите на Македонската емигрантска федеративна организација (МЕФО) и бил уредник на весникот 'Автономна Македонија'.

641-Спомен на Мирчо Кикиридков за атентата срещу Славчо Ковачев, Убийството на Тодор Александров.., 166.

642-Стојо Николов Хаџиев (с.Голешево, Светиврачко-Санданско, 1880г.), потекнувал од родољубиво семејство; за време на турското ропство влегол во четата на Јане Сандански; бил околиски војвода на Демирхисарската околија, Серско; во 1910 година како кандидат на Народната федеративна партија(НФП) бил избран за пратеник во турскиот парламент; по Првата светска војна се ориентирал кон левицата во македонското револуционерно движење.

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 5181 пати
Просечна оцена од посетителите
 
Оцена:

Запиши
Коментар:

 

четврток, 18 април 2024
Моментно посетители: 24

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Нова обука на аскерот за Македонија
--------------------------------
 Држава, етимолошко поимање
--------------------------------
 Првиот Млековод на Балканот во Македонија
--------------------------------
 Партизанската војна и антиката
--------------------------------
 Крај на влијанието од Рим врз Цариград
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: