Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?






Вкупно гласови : 7120
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Историја > Нов век > ТМОРО - нејзин развој
Востаничката 1903 година
Сподели на Facebook
Во намерите да го спречи или одложи предвременото востание низ обиколката во Македонија, во селото Баница, на 4 мај 1903 година, беше убиен корифејот на македонското националноослободително дело - Гоце Делчев319.

Со неговата трагична смрт како да започна големата не само илинденска туку македонска агонија.

И додека се уште не беа стивнати барутните мириси на солунските атентати, во с. Смилево Битолско, од 2-7 мај 1903 година, под претседателство на Даме Груев, кој штотуку се вратил од заточение, се одржал конгрес на кој била донесена одлука за востание во Битолскиот револуционерен округ и се пристапило кон неговата подготовка. Така, веднаш по завршувањето на заседанијата на конгресот, делегатите и четите на Битолскиот револуционерен округ, кои се наоѓале во с. Смилево и во околината, се упатиле во своите реони за да ги исполнат задачите добиени на Конгресот во врска со подготовките за кревање на востанието. Но, за жал, истиот месец мај 1903-та однесол со себе и други жртви кои паднале во нерамна борба, како резултат на подмолни предавства.

Четата на прочуениот војвода Параскев (Парашкев) Цветков320 во која се наоѓал и Дедо Андреја од Мало Црско, се упатила во својот реон Битолско поле. Со оваа чета од Смилево за Битола тргнале и А. Лозанчев и Г. П. Христов. Двајца рано в зори на 8 мај 1903 година, незабележани од османските власти влегле во Битола, за да завршат уште некои работи пред да излезат на терен и да ги заземат местата што им биле определени од Смилевскиот конгрес. А, во тоа време, атмосферата во Битола била навистина предвостаничка. Таму се одвивала трескавична денононоќна дејност. Никој речиси не ја почитувал османската власт, а таа самата не знаела повеќе "кого да фати, а кого да остави"321.

На Смилевскиот конгрес, помеѓу другото, било решено да се направи реорганизација на четите. По убиството на Тома Давидов322, на 14 март 1903 година, неговата чета била под водство на дотогашниот секретар Христо Настев, учител од Штип, а потоа под водство на поручник Димитар Стојчев.

Оваа чета била повикана во Смилево од Даме Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов. Таму била расформирана и по двајца четници биле распределени во десетина различни чети. Во четата на Параскев Цветков, во која се наоѓал Дедо Андреја, секретар бил Димитар Филдишев од Охрид. Во оваа чета,

од четата на Давидов биле префрлени двајца соселани на Дедо Андреја - Васил Дурмиш од мало Црско и Иван (Ванчо Ѓорѓиев) од Големо Црско. Вкупно, четата на П. Цветков и на Дедо Андреја броела околу 20-тина четници.Тие се нашле во многу незавидна положба бидејќи ситуацијата во Битолско била многу заострена по судирот помеѓу османската потера и селаните од с.Цапари и колежот во Битола на 6 мај (Ѓурѓовден) 1903 година. И ден и ноќ османските потери крстосувале низ Битола и околината. Но, покрај опасноста што била присутна на секој чекор, четата продолжила да ги исполнува организаторско-агитаторските задачи за подготвување на селаните од Смилевскиот и Битолскиот реон за востание323.

При една обиколка на полските битолски села, на 20 наспроти 21 мај 1903 година, четата П. Цветков пристигнала во с. Могила. Тука требало да остане и наредниот ден, со задача да собира храна, која требало да се складира за потребите на идното востание. Меѓутоа, ризикот за една чета да остане во полските села бил многу голем. Уште истата ноќ четата била предадена на османската власт во Битола. Околу предавството и откривањето на четата во с. Могила постојат неколку кажувања. Според едните четата била предадена од шпиунот Димитрија - Диме Макало од с. Црнобуки. Втората верзија зборува дека предавникот бил Ристе од с. Секирани кој подоцна ќе биде осуден поради ова предавство и ликвидиран од Ѓорѓи Сугарев324. Но, според некои искази (Мито Пејоски), четата била поткажана и од двајцата: и од Диме од Црнобуки и од Ристе од Секирани.

Рано изутрината, на 21 мај 1903 година, селото Могила било опколено од повеќе стотини жандари и аскер. На чело на жандармеријата се наоѓал познатиот битолски башполиц (главен полицаец), Саид Ефенди. Селаните го предупредиле Параскев Цветков дека османските жандари и аскер го опколуваат селото, но иако имал изгледи да се извлече, П. Цветков прифатил борба со османските сили, борба во која се знаело дека се мали шансите комитите да се извлечат живи. Но, војводата П. Цветков бил понесен од општата револуционерна атмосфера и борбениот дух кој владеел во неговата чета. Секако дека врз ваквото расположение на војводите и комитите од оваа чета, влијаеле и храброста и самопожртвуваноста на оние македонски борци - комити на револуционерните чети на ТМОРО на чело со војводата Веле Марков во опколеното с. Ракитница, Крушевско, на чело со Методија Патчев во Кадино Село - Прилепско, херојската саможртва на Дине Абдураманов во с. Пателе -Леринско и други.

Комитите-револуционери во с.Могила се жртвувале за слободата на Македонија. Како што известил данскиот кореспондент Ф. Јансен, кој другиот ден дошол на местото на настанот и разговарал со селаните. Комитите пееле додека се бореле и гинеле. Тоа бил очигледен чин на саможртва, во исконската и прекумерна желба да се достигне слободата за Македонија. Сепак, Никола Петров Русински, доста критички смета дека виновник за настанот и жртвите во с. Могила е самиот П. Цветков бидејќи навреме не презел мерки и не дал распоред за текот на борбата. Русински го упатил ваквото свое гледиште до Штабот на Битолскиот револуционерен округ за да ги заштити оние четници кои останале живи и успеале да се извлечат, а кои требало според Дисциплинскиот устав да бидат осудени на смрт325.

Во нерамната борба, биле убиени или се самоубиле 13-14 четници. Меѓу нив и најстариот војвода Дедо Андреја од Мало Црско, потоа помладиот војвода Параскев Цветков и најмладиот четник - секретарот на четата, гимназијалецот Димитар Филдишев. Во борбата настрадало и селото Могила. Дел од куќите биле разурнати. Целосно изгореле четири куќи, а други седум биле разурнати. Биле убиени неколку жители, меѓу кои и три жени. Повеќе фамилии останале без покрив над главата и без средства за живот.

_____________________

319-Види поопширно за животот и делото на Гоце Делчев кај: Димитар Димески, Гоце Делчев, Скопје 2003.

320-Параскев Тодораки Цветков бил Бугарин, роден на 20 мај 1875 годша во градот Плевен. Завршил гимназија во Софија, а во 1897 година заминал на понатамошно школување во Европа. Посетувал студии по музика на конзерваториумите во Прага и Дрезден. Бил професор по музика во битолската гимназија. Во редовите на ТМОРО бил примен кога дошол на работа во Битола, во есента 1902 година. Цветков бил близок пријател со рускиот конзул во Битола Ростковски и служел за врска меѓу конзулот и Битолскиот окружен комитет. (Види: Параскевъ Тодораки Цветкоъ, Ил. Илинденъ, (1939), ХI/5 (105); Параскевъ, Цветковъ,, Пиринъ, (1923), 1/10,1).

321-Иконом Тома Николовъ,Какъ се дойде до Илинденското възстание,Ил.Илинденъ, (1936), VI-II/9 (29).

322-За маршрутата на Давидов во Македонија подетални податоци дава еден од четниците во Неговата ревизиона чета, Ангел Андреев. (Спомени на С. Арсов, П. Кљашев, Л. Џеров, Г.П. Христов, А. Андреев, Г. Папанчев, Л. Димитров, Скопје 1997,313-334).

323-Види: Даринка Пачемска Петреска, Војводата Дедо Андреја од Мало Црско, Скопје 2000, 132-133.

324-Ѓорѓи Димовски - Цолев, Ѓорѓи Сугарев, Битола 1988,155.

325-Никола Петров Русински, Спомени, Предговор, редакција и коментар Даринка Пачемска - Петреска и Војо Кушевски, Скопје 1997,277-278.

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 4627 пати
Просечна оцена од посетителите
 1 од 5
Оцена:




 
Запиши
Коментар:

 

недела, 11 декември 2016
Моментно посетители: 124

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Св. Васа Солунска
--------------------------------
 Св. Ахил еп. Лариски
--------------------------------
 Кои се Даките?
--------------------------------
 Граница на Христијанството
--------------------------------
 Кошула за вардење од уроци
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: