Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?

Вкупно гласови : 8867
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Историја > Нов век > ТМОРО - нејзин развој
Предавството на Димитар Георгиев - Иванчо
Сподели на Facebook
Во текот на 1901-та година, ТМОРО претрпела големи штети и загуба на своите кадри заради две тешки предавства, односно две силни провали -Нуреджовата и Иванчовата.

Особено тешки последици оставило предавството на Димитар Георгиев - Иванчо (т.н. Иванчова провала) од кичевското село Белица, бивш костурски четник205, отпадник на ТМОРО кој се ставил во служба на османската власт206. Овој предавник на македонското дело, на душа ја носел и смртта на Веле Илинденчето (1901). За жал, ТМОРО не успеала благовремено да го казни, така што тој успеал да стигне во Лариса. Инаку, изворите наведуваат дека во селото Белица имало повеќе предавници. Затоа, во 1902 година на иницијатива на Јордан Пиперката, по предавството и убиството на Веле Марков, Организацијата казнила повеќе шпиони во кичевска Белица, за кое ќе зборуваме понатаму207.

Откако пристигнал во Лариса, Иванчо се поврзал со Гркот Василаки Саатчијата, кој го посоветувал да ги провали тајните кај османскиот конзул во Лариса. Иванчо дошол при конзулот од каде бил испратен во Лјапчишта (Лепчишта) од таму во Битола, а од Битола во Корча. Преоблечен во низамски алишта, под името Осман Чауш, заедно со 100 души низами и аскер Иванчо од Корча заминал во Костур208 при што, почнувајќи ја обиколката по костурските села (од 27.07.ст. стил/9.08.1901 н. стил, на денот на празникот св. Пантелејмон) тој посочил близу 400 сомнителни лица. Иванчо ги предал првите луѓе од управните тела во секое село така што биле фатени до 100 луѓе, а пак уште 250 побегнати се барале.

Во таквите услови процветал поткупот и насилствата врз невиното население, а по своите зулуми и изнудување пари од луѓето предничел Арнаутинот Мухтар ага, корчански бинбаша. Затоа, војводите Пандо Кљашев и Васил Чакаларов испратиле апел до костурските селани да ги напуштат своите села и да бегаат во планините. Меѓутоа, во атмосфера на општа паника и неснаоѓање, малкумина ги послушале војводите. Истовремено пропаднал и планираниот обид да се нападне Иванчо и аскерот.

Покрај потерата на насилникот Мухтар ага, низ полските костурски села крстосувала и потерата предводена од муљазимот Асим Чауш, роднина на Мухтара, бивш разбојник209.

Месеците август и септември во 1901-та година биле запомнети по ужасите и стравот што населението во Костурско ги претрпело од безмилосните потери. Заедно со насилствата, никнеле предавници, а духот на народот се деморализирал. Така, П. Кљашев, запишал:"Бурата се потсмири. Иванчо не ги обиколуваше селата, но се јавија други предавници кои одеа со потерата или тајно ги поткажуваа луѓето. На пр. Лазо Колев од с. Кономлади, дотогаш прикриен предавник, се отвори целосно и јавно и почна да бара пари од работниците од околните села, ги уценуваше со предавства или им се нудеше за ослободување од затвор". Во своите спомени, меѓу предавниците, Кљашев ги набележал, покрај споменатиот Лазо Колев од Кономлади, и Васил Цеманов од Д'мбени кој "тајно предавал и порано", Карамачо од Загоричани, поп Аргири од Жупаништа и поп Илија од Поздивишта (гркомански свештеници кои "му кажувале на владиката, а тој на власта")210. Во нешто поблага форма како предавник е забележан и Трајан Стојанов од с. Рулја.211

Согледувајќи го злото на предавствата по ослободителното дело во Костурско, војводите Москов и Чакаларов цврсто одлучиле да им стават крај на предавниците. Заедно со Митре Панџаров Влавот, Коте Христов, Атанас Петров и нивните другари, вкупно тринаесеттина души почнале да се справуваат со предавниците. Најпрво, на 17 септември 1901 година Атанас Петров го убил предавникот Лазо Колев од Кономлади. Во истиот месец, Васил Чакаларов го ликвидирал предавникот Васил Цеманов од Д'мбени212. Истребувањето на предавниците повторно ја вратило вербата на народот во силата и виталноста на Организацијата.

Со Иванчовата провала биле зафатени речиси 22 костурски села и градот Костур, каде имало мачени и уапсени. Оваа бројка би се проширила со оние села од кои бил изнудуван поткуп. Во затвор се нашле 78 лица, а далеку бил поголем бројот на привремено затворените и ослободени со поткуп.

Во почетната фаза на расчистување со провалата особена улога одиграле младите револуционери Лазо Москов и Пандо Кљашев, заедно со Васил Чакаларов. Нешто подоцна ним им се приклучил Кузо Стефов, а потоа Лазар Поп Трајков. Во ноември 1901 година конечно бил затворен и самиот предавник Иванчо. На помош на младите сили во Костурско пристигнал и Гоце Делчев. Со својата интензивна работа од крајот на 1901 и во почетокот на 1902 година Гоце Делчев дал неспорен придонес во санирањето на Организацијата во Костурско од последиците на Иванчовата провала213.

 _______________________________

205   Види: Димитар Димески, Иванчовата провала, 1901 година, ГИНИ, ХХ1У/1, Скопје 1980,83-87.

206   МИР, 193-194.

207-Борбата во Костурско и Охридско (до 1904 година). По спомени на Дејан Димитров (Мицкоски), цитирано кај: С. Ристески, Дејан Војводата, Охрид 1974,27.

208-Освободителната  борба въ Костурско. По спомени на Пандо Кляшевъ, София 1925, 50; Спомени на С. Арсов, П. Кљашев, Л. Џеров, Г.П. Христов, А. Андреев, Г. Папнчев, Л. Димитров, Скопје 1997,189-190.

209 -Косшурската афера, в. Право, 11/13, (21), София, 20.11.1901,4.

210-Спомени на С. Арсов, П. Кљашев, Л. Џеров, Г.П. Хрисшов, А. Андреев, Г. Паианчев, Л. Димитров, Скопје 1997,191-193.

211-Трајан Стојанов, според Кљашев, во почетокот "беше многу добар работник, одлучен, услужлив; и со пушка и со дело многу му помогна на Комитетот. Но, кога беше предаден од Иванчо и фатен, за да се ослободи, и вети на власта да го фати или да го убие Коте. Затоа одеше со потерата. Тој личности не посочил, но оставаше лош впечаток што оди со потерата да брка комити". (Спомени на С. Арсов, П. Кљашев,..., Скопје 1997,192).

212-Освободителната борба въ, Костурско. По спомени на Пандо Кяшевъ, София 1925,56.

213-Види поопширно: Димитар Димески, Делчевата мисија во Костурско и Леринско, 1901/2, "Современост", ХХII/9-10, Скопје 1972.

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 5076 пати
Просечна оцена од посетителите
 1 од 5
Оцена:

Запиши
Коментар:

 

петок, 26 април 2024
Моментно посетители: 29

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Преп. Григориј Синаит
--------------------------------
 ”Алкалоид” прва фабрика на Балканот за опиум
--------------------------------
 Македонките заслужни за победата на Аргеј I
--------------------------------
 Моштите на Св.Марина
--------------------------------
 Крај на влијанието од Рим врз Цариград
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: