Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?

Вкупно гласови : 8866
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Историја > Нов век > ТМОРО - нејзин развој
Предавството на поп Ставре во 1900 година
Сподели на Facebook
Во 1900-та година Европа осамна со новото светско чудо - Ајфеловата кула во Париз. И додека беа се уште свежи импресиите од големата светска изложба со која Европа го означи крајот на XIX век, Османската империја ја потресуваше силна економска криза.

Македонците опкружени со растечките апетити на соседните држави ги вршеле засилените подготовки за своето национално ослободување. И додека европскиот живот фаќаше силни чекори кон модернизацијата и новите стилови на ХХ-от век, Македонците ги бараа своите елементарни човекови права, изложени на насилства и безредија, оставени сами на себе со целата рамнодушност на Европа и на "браќата" Руси кон страдањата на невиното население. И во тој невиден очај, на насилството често се бранеа со насилство, а крајот на насилството беше се потешко страдање на се поголем број невини жртви во бесмислениот синџир на терор.

И токму за таа 1900-та година македонската историја запишала уште едно предавство и уште еден венец на насилие кое се случило во рамките на т.н. Битолската провала, позната во македонската историографија како Попставрева провала. Оваа провала била резултат на предавството на попот Ставре кој, одбивајќи да ги вложи во касата на Организацијата бараните 30 лири прилог, случајот го пријавил во полицијата. Ваквиот чин на предавство бил осуден од Организацијата, а поп Ставре набрзо бил егзекутиран од Битолскиот комитет.

Поп Ставре бил Пелагониски егзархиски архиерејски заменик и спаѓал во групата егзархиски великодостојници кои имале непријателски став кон целите и дејствувањето на Тајната македоно-одринска револуционерна организација194. Затоа можеби била грешка што во акцијата за собирање материјални прилози за Организацијата од побогатите битолски граѓани, била побарана парична сума и од овој егзархиски свештеник. Непријателски настроен кон целите на ТМОРО и навреден од "уценувачката постапка" на Комитетот, поп Ставре "лично ја известил вилаетската власт за комитската уцена". Се смета дека на тој гест бил осоколен од неговиот сват, Влавот Таки Чона, познат османски шпион, кој веројатно му ги понудил своите услуги за незабележано известување на власта195. Известувајќи ги властите за денот кога човекот од Окружниот комитет ќе дојде да му ја достави расписката за бараните пари, поп Ставре се скрил, како сомнението за предавството не би паднало врз него. Со полициската операција раководел познатиот битолски главен полицаец Саид Ефенди со помош на Таки Чона. Во договореното време емисарот на Окружниот комитет, Трифун Иванов, пристигнал во куќата на Ставрета, но, како што наведовме, свештеникот бил некаде скриен. Откако ја напуштил поп-Ставревата куќа, Трифун Иванов бил следен од агентите и полицијата. Во текот на гонењето тој успеал да се ослободи од расписката, така што кога бил фатен кај него пронашле само кама.

Дознавајќи за предавството, Окружниот комитет свикал вонредна седница на која поп Ставре бил осуден на смрт. За извршување на пресудата биле определени: Трајко Петрев, Глигор Димев и Петар Георгиев. Во утринските часови, на 17 август ст. стил 1900 година со револверски истрел, пред тремот на црквата св. Богородица во Битола, бил убиен уште еден предавник на македонското ослободително дело. Всушност, на самиот чин на атентатот, поп Ставре бил само тешко ранет, а нешто подоцна подлегнал на раните. Чувствувајќи дека ослободувањето на Македонија, не е негово, туку туѓо дело, зашто се косело со големобугарската пропаганда во Македонија, поп Ставре како "морални убијци" ги посочил Даме Груев и Тодор Луканов (Михаил Герџиков). Иронијата на сето ова е што Михаил Герџиков, Бугарин по етничка припадност, бил еден од најзнаменитите борци за ослободување на Македонија и Одринско, револуционер и војвода, соработник на Гоце Делчев и на Јане Сандански196.

Убиството на овој егзархиски свештеник, кој одбил да и даде финансиска помош на Организацијата "...не сочувствувал со револуционерното движење"197 и извршил предавство пред властите, повлекло серија апсења на припадници на ТМОРО198. Така, веднаш по извршениот атентат започнале и апсења на сомнителни лица. До 21 август ст. стил 1900 година во долапите на истражниот затвор се нашле околу 42 лица. Меѓу првите бил уапсен Нале Павлев, анџија во Битола, по потекло од с. Смилево, братучед на Даме Груев. Во анот на Павлев нелегално престојувал цели 40 дена уапсениот Трифун Иванов. На 18 август ст. стил 1900 година во Смилево бил уапсен Груев и доведен во Битолскиот истражен затвор. Во домот на уапсениот Пенџерков, властите пронашле 4 берданки. Меѓу уапсените се нашол и учителот Христо Иванов кој примал плата и од Егзархијата и од Српскиот конзулат во Битола199. Плашејќи се од поголеми реакции, во тие пресудни денови, власта го ангажирала аскерот, да ги контролира битолските маала - Јени и Баир.

По извесно време, над половина од уапсените биле ослободени. Во февруари 1901 година пред Битолскиот суд биле изведени:

1.  Трајко од Баир дека го убил во содејство на Глигор Димев, Перо Димев и Петар Георгиев, главниот свештеник на бугарската црква, попот Ставре, кој откажал да даде пари на Комитетот, откако и јавил за тоа на власта;

2.  Ристе Талев, Боше Нечов, Ристе Талев-анџија, Лазар Јовчев, Никола Стојков, Спиро Костов, браќата Петар и Ѓорѓи Попеви, Михаил Наумов, Ѓорѓи Најдов, учителите - Васил Димитров, Стефан Илиев и Дамјан Груев, - Трифун Иванов, Нале Павлев, Јанаки Штерјов, Ефрем Ризов и избеганиот Тодор Луканов (Герџиков), кои сочинувале еден револуционерен комитет кој имал за цел да го подигне населението во државата кон бунт и дека го казнувал со смрт секој оној што се спротивставувал200. Како што наведува д-р Димитар Димески, споменатото обвинение било базирано на признанието на Гице (Глигор) Димев. Покрај тоа, од Серското командантство бил доставен фатен комитски устав и лист во кој бил споменат Даме Груев како член на Комитетот, кое го потврдил и Г. Димев во истражната постапка201.

Судскиот процес на обвинетите во врска со Попставревата провала се одржал во текот на месец март 1901 година во Битола202. Во текот на судењето обвинетите се држеле достоинствено, ништо не признале и ги негирале сите признанија од истражната постапка. Дури и Трајко Петков кој пукал во поп Ставре и кој бил идентификуван од ранетиот, одрекувал било каква поврзаност со тој чин203.

 Од вкупно 22 обвинети, 12 биле осудени, од кои двајца во отсуство, а 10 лица биле ослободени од обвинението. Трајко Петрев бил осуден на смрт, а на доживотна робија Глигор Димев и Петар Димев, пет лица добиле казна робија на 10 години, двајца на 3 годишен и двајца на двегодишен затвор. Она што посебно ги импресионирало сведоците на судењето и посебно на чинот на изрекувањето на пресудата, на кој присуствувале и австроунгарскиот и романскиот конзул, било достоинственото држење и високиот морал на осудените204.

Помеѓу осудените на десетгодишна робија бил и Даме Груев кој својот престој во битолскиот затвор, пред очите на корумпираните чувари, го искористил во засилена револуционерна дејност. Тука тој двапати се сретнал и со Гоце Делчев, кога овој одејќи за Костурско, минувал низ Битолско. Од затворот Груев ги држел сите конци на ТМОРО во Округот, а за тоа придонесла извонредната координација со Ѓорѓи Поп Христов, неговиот близок соработник и приврзаник кој без поговор ги извршувал поставените задачи. Така било до мај 1902 година, кога од затворот во Битола Груев бил преместен во Подрум Кале.

 _______________________________________________

194-Уште на самиот почеток Македонската револуционерна организација се судрила со Егзархијата. Главна причина за тоа била борбата за контрола врз црковно-училишните општини. Поради тоа, Егзархијата ги отпуштала од работа учителите членови на Организацијата.

195-Силяновъ Хр., Освободителнитъ борби на Македония, София 1933, т. I,111.

196-Михаил (Мишел) Герџиков е роден во Пловдив 1877 г. Се школувал во Пловдив, а студирал право во Лозана и Женева. Бил еден од основачите на Македонскиот таен револуционерен комитет (МТРК). Под името Тодор Луканов бил професор една учебна година во Битола, заедно со Даме Груев, Васил Пасков и др. Во редовите на ТМОРО се вклучил во 1900 година во Солун. Потоа предводел чета составена по препорака на Г. Делчев. Работел во неколку околии во Македонија. Од 1902 г. го презел раководењето во Одринскиот округ на ТМОРО, а во 1903 година го предводел познатото преображенско востание во Тракија. Во Првата балканска војна со својата чета се борел во состав на бугарските војски. Во 1919 година се истакнал во работата на Временото претставителство на бившата ВМРО. Поради колежите во текот на 1923-1924, правени со цел да се обезглави македонското движење во Бугарија емигрирал во Виена каде што се вклучил во редовите на ВМРО (Об.). Во Бугарија се вратил по забраната и растурањето на ВМРО на Ванчо Михајлов во 1934 година. По враќањето се движел меѓу македонската лево ориентирана емиграција. До крајот на животот останал верен на Гоцевата ВМОРО (МИР, 127).

197-ДАРМ, ф. Пелагонийска българска митрополия, к-II, 1901, Дело 5д, АЕ 6,82.

198-Види: Димитар Димески, Поп-Ставревата провала (1900 г.) и судскиот процес во Битола (1901 г.), Историја, Х/1, Скопје 1980,131-140

199-ДАРМ, м-643, Извештај на М.Г. Ристиќ ПП. 492/21 август 1900 г. во Битола.

200-ДАРМ, ф. Пелагонийска българска митрополиъ, к-II, 1901, Дело 5д, АЕ 6,82.

201-Дамета исто така го теретела блискоста со Т. Луканов (Герџиков) кој тогаш се наоѓал во Бугарија, како и роднинаската врска со анџијата Нале Павлев. Сепак обвинението било недоиздржано, без цврсти докази, со исклучок на самопризнанието на Трајко Петрев за убиството на поп Ставре (Д. Димески, Поп-Ставревата провала (1900 г.)... 136).

202-Д. Димески, исто,... 137.

203-За тоа во еден извештај стои дека Трајко Петрев од "Баир маало, убиецот на поп Ставре, се одрекува иако и раката по погибијата (поточно по ранувањето, б.н.) на поп Ставре, кога е фатен, по сведочењето на лекарот, му мирисала на барут, иако дури и самиот поп Ставре го означил како свој убиец. Со него заедно одрекуваат се и оние кои се обвинети како негови соучесници". Во обвинението бил спомнат и бугарскиот трговски агент во Битола, Михајлов кој наводно му дал на Трајко револвер и 8 лири, но прашањето околу Михајлов требало да го реши Османското министертсво за внатрешни работи (ДАРМ, м-663, Извештај на М.Г. Ристиќ ПП. 149/16 март 1901 г. во Битола).

204-Еве што забележал во врска со тоа српскиот конзул Ристиќ: "Паѓа силно в очи строгоста на осу-дата според недоволното обвинение. Моето лично мислење е дека обвинетите не се без вина; дури и повеќе таа им е голема, но доказите изнесени против нив, особено против обвинетите за врската со комитетите, не се речиси никакви. ...Има две можности: власта или не сакала да собере доволно докази, или втората: собраните докази не се изнесени на јавниот претрес. Во секој случај ова се турски работи и јавноста во ова судење беше една проста комедија". И покрај ваквата констатација на г-динот Ристиќ, "турските и грчките кругови наоѓаат дека осудата е блага." (ДАРМ, м-663, Извештај на М.Г. Ристиќ ПП. 173/24 март 1901 г. во Битола).

ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА
Автори Виолета Аковска и Никола Жежов

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 5194 пати
Просечна оцена од посетителите
 3 од 5
Оцена:

Запиши
Коментар:

 

среда, 24 април 2024
Моментно посетители: 31

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Апокрифи – скриени списи
--------------------------------
 Вампирите кај Македонците уште во XII век
--------------------------------
 Преп. Теофил исповедник
--------------------------------
 Дијадоси – наследници на Александар Македонски
--------------------------------
 Граница на Христијанството
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: