Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?






Вкупно гласови : 8828
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Историја > Нов век > ТМОРО - нејзин развој
Македонската револуционерна организација
Сподели на Facebook
Широкото ослободително движење што ја зафатило Македонија во деведесеттите години на XIX век довело до формирање на тајна револуционерна организација.

Македонската револуционерна организација (МРО) била формирана на 23 октомври 1893 година (стар стил) во Солун, а нејзини основоположници биле: Христо Батанџиев - професор, родум од с. Гуменџе, Ениџевардарско, Даме Груев - професор, родум од Смилево, Христо Татарчев - лекар, родум од Ресен, солунскиот книжар Иван Хаџи Николов, родум од Кукуш, Петар Поп Арсов - професор, родум од с. Богомила, Велешко и Антон Димитров - учител, родум од с. Ајватово, Солунско. На конгресот во Солун во 1896 година била наречена Тајна македоно-одринска револуционерна организација (ТМОРО), а подоцна, на Рилскиот конгрес во 1905 г. била преименувана во Внатрешна македоноодринска револуционерна организација (ВМОРО).

Веднаш по првиот состанок организаторите започнале со ширење на своите ослободителни идеи и со собирање на приврзеници за нив. Охрабрени од тоа што набрзо привлекле голем број луѓе околу себе, по вторпат се состанале во 1894 година, повторно во Солун. Петар Поп Арсов изработил и Проект-устав на Организацијата што подоцна бил прифатен како нејзин Устав. Од реонот на Солун, Организацијата мошне брзо се раширила и во внатрешноста на Македонија - Прилеп, Битола, Охрид, Струга, Кавадарци итн. Во 1894 година кон МРО пристапува и Гоце Делчев, еден од дејците кои оставиле длабоки траги во работењето на Организацијата и во чувањето на нејзината македонска определба.

Меѓутоа, таквата ориентација не одела,во прилог на повеќе политички сили во соседството, особено во Бугарија каде сонот за Санстефанска Буга-рија се изродувал во национален идеал. Не можејќи веднаш да го преземат раководењето со македонското национално-ослободително движење, тие политички сили преку македонската емиграција и низ различни други патишта настојувале на тоа движење да му дадат бугарски карактер и де го искористат за своите големодржавни идеали. Во тие рамки, наспроти борбата за слобода и автономија на Македонија, се воздигнал врховизмот кој тргнувал од бугарскиот карактер на македонскиот народ и барал обединување на сите "Бугари" во една држава.

Сумирајќи го историскиот биланс и улогата што врховистите ја имале во рушењето и поместувањето на целите на македонската борба, можеме тоа да го оцениме како колективен атентат врз македонското дело. Затоа тука го поставуваме прашањето: кои биле врховистите и Врховниот македонски комитет чие име се врзува со предавството на македонското револуционерно дело? Повеќе конкретни акции на врховистите ние ќе проследиме низ судбините на македонските дејци, жртви на врховистичкото предавство со сета трагичност на чинот на нивната смрт. Затоа, сметаме дека во овој контекст се нужни само мали појаснувања.

Врховниот македонски комитет го добил името во декември 1895 година. Неговото основање се поврзува со раздвижуваньето на македонската емиграција во Бугарија кон крајот на 1894 година која, меѓу другото, низ разни манифестации и апели барала спроведување на реформи во Македонија согласно одредбите на чл. 23 од Берлинскиот договор110. Сите овие акции довеле до обединување на македонските друштва во Бугарија. На тој начин, во март 1895 година бил формиран Македонски комитет (МК). Негов претседател станал Трајко Китанчев"', чесен и енергичен Македонец кој требало да ја организира македонската емиграција за македонското ослободително дело.

Веднаш по формирањето, МК почнал да организира и да испраќа чети во Македонија. Тоа одело во прилог на бугарската официјална политика која вршела притисок врз Османската империја и врз европската дипломатија за меѓународно признаваше на кнезот Фердинанд и за добивање нови бенефиции за бугарската пропаганда во Македонија. Од другата страна се трасирало јавното мислење дека Бугарија е единствениот гарант за мирот и стабилноста во Македонија. Затоа бугарската влада и дворот го помагале организирањето и влегувањето на четите преку границата, предизвикувањето провокации и создавањето ситуации за наводни бугарски востанија во Македонија.

Една таква провокација се случила во Мелник во 1895 година.

Според некои истражувачи, МК за "востание" во Македонија ангажирал околу 800 души112. Во текот на летото 1895 година тие се нашле во Македонија распоредени во четири поголеми и неколку помали одреди. Со нив раководеле офицери на бугарската армија и стари арамиски војводи, кои го познавале теренот 113. Првите два одреди биле разбиени и се распаднале веднаш по влегувањето на османска територија. Третиот одред, откако го запалил помашкото село Доспат, се распаднал бидејќи повеќето арамиски војводи се дале по ограбување. Четвртиот одред упаднал во Мелник и предизвикал провокација која се сметала за најголем успех во таа етапа на бугарското мешање во македонското ослободување, но, за бугарски цели.

Поточно, четвртиот одред (најмалуброен, со само 65 луѓе) под команда на Борис Сарафов на 12 јули 1895 година влегол во градот Мелник при што била запалена зградата на уќуматот, поштата и неколку турски куќи. По овие провокативни акции, истиот ден, околу пладне, одредот го напуштил Мелник и се повлекол во Бугарија. Жртва на ваквата акција која пренадуено е наречена "Мелничко востание" било македонското население од пиринскиот дел на Македонија кое било изложено на жестоки репресалии од страна на османската власт.

Бугарските врвови, задоволни од ефектите на Мелничката провокација која добила силен публицитет во бугарскиот печат, ги засилиле своите активности во подршка и уфрлување чети во Македонија. Претседателот на МК, Трајко Китанчев, откако сфатил дека МК и неговата акција се злоупотребени од страна на бугарските политички врвови, на штета на Македонците, починал од срцев удар. Неговата смрт, иако навидум природна, претставува резултат на едно големо предавство кое ќе метастазира во натамошниот тек на настаните. Тоа предавство довело до смртта на Китанчев и затоа претставува индиректен атентат врз него и врз искрените борци за македонската слобода.

Дел од четници дошле да профитираат, но дел и со патриотски цели 114. Некои од заробените четници-доброволци по предизвиканите провокации, не биле свесни дека се злоупотребени и затоа, можеби многу наивно делувале нивните изјави дека"сакаат посебна држава со независна управа". Но, сепак, ја почуствувале измамата. Затоа, во годишната притурка на весникот "Право" од јануари 1896 година читаме: "Додека беше жив Китанчев, ние не само што не се посомневавме во ништо, но дури не допуштавме мисла дека идеалниот Китанчев ќе допушти нашето свето дело да го експлоатираат нечистите раце на денешниве управници... и покрај строгото внимание на Китанчев делото да се држи подалеку од партизанските гнасотии 115, денешната влада успеала да има во делото еден свој ревносен агент... имено Н. Туфекџиев"116.

Македонскиот комитет во својот почеток се залагал за политичка автономија на Македонија, гарантирана од големите сили. Затоа, кај дејците на МРО се јавила надежта дека МК ќе ја помогне нејзината борба. ЦК на МРО се обидел улогата на МК да ја сведе на морално материјална помагателна институција, но не успеал во тоа. Наспроти настојувањата на МРО, набрзо МК станал инструмент во рацете на бугарската влада и дворот кои вешто ги изманипулирале патриотските чувства на Македонците за бугарски интереси. Тоа се покажало на дело во несреќното т.н. "Мелничко востание".

По провокацијата во Мелник, МРО предупредувала дека ќе биде беспоштедна кон сите што не ги почитуваат нејзините закони и правилници, и кон оние, што без нејзина согласност вооружени навлегуваат на нејзината територија. Но, МК не ги сфатил сериозно предупредувањата и во почетокот на есента 1895 година го испратил Александар Чакаров да испровоцира востание во Виничко. Како што пишува д-р Крсте Битоски, А. Чакаров, нагизден во бугарска поручничка униформа, стигнал во Виничко во "ослободителна" мисија. Виничкото раководство разбрало дека тој бил испратен од некаков "комитет" од Софија и Ќустендил за да прогласи "востание" со учество на месните жители. Тој можел да собере 40 души. Виничкото раководство, по барање од Штип (од Делчев), му предложило или да се вклучи во Организацијата или да се врати од каде што дошол. Изјавувајќи надуено дека наредби прима само од МК во Софија и упатувајќи куп закани против месното раководство, Чакаров морал да се врати назад контролиран од месните ксмитети, кои имале добиено наредба ако има потреба и да го уапсат117.

Поради оваа провокација Делчев писмено протестирал кај Ефрем Каранов - претседател на македонското друштво во Ќустендил. Делчев, меѓу другото пишува: "Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание. Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите.Ако не стане така и ако се прогласи востание, жално ќе биде за народот, а тешко и горко за виновникот...Ако можело востание да се крене со 1-40 души, Македонија одамна ќе беше слободна државичка..."118.

Речиси истовремено кога се одвивала провокацијата спроведена под покровот на Бугарија, на почетокот на јуни 1895 година македонското население било изложено на насилство заради предавник и доушник од сопствениот народ. Џејмс Монахан, вицеконзулот во Битола го известува генералниот конзул во Солун, Џон Блант за апсењето на 89 поданици на Империјата од Прилеп и Прилепско кои биле сместени во затворот во Битола. Истите биле приведени "со обвинение дека биле нелојални на турската власт и им помагале на христијанските бандити од кои, изгледа, само двајцата Минов... и Дедов, успеале да останат на слобода и се наоѓале некаде во Прилепско"119. Според известувањето, ниту еден од 89-те затвореници не бил на некоја позиција или пак со некое поголемо влијание. Поголемиот број од нив биле затворени во Прилеп во текот на последните шест или седум месеци. Тие биле накодошени на властите од страна на еден доушник од с. Сенокос, Прилепско. Истиот, чие име конзулот не го наведува, "порано бил затворен заради неговата бунтовничка дејност, од страна на полицијата во Косовскиот вилает". Иако властите ветувале дека луѓето се доведени во Битола заради тоа да дадат изјави и нема да бидат судени, сепак се дознало "од еден очевидец дека сите 89 затвореници биле испратени во затворот"120.

Со тој чин, османските власти веројатно сакале да го заплашат македонското население во Прилепско. Имено, само неколку недели пред судењето, во Прилеп била донесена кола полна со оружје одземено од христијанското население од прилепските села. Истовремено биле "разоружани и христијанските селани во Прилепско, како и христијаните од некои села што се наоѓаат надвор од оваа област".

 По спроведеното судење, ситуацијата во Прилеп изгледала мирна, "како никогаш да немало цврсти докази дека во тој град или околината постои некакво активно револуционерно движење, макар и во најмала форма". Повидните Македонци во вилаетот не сакале да го признаат тоа,“ а  пак "турските власти потпомогнати со предавството од страна на доушникот", изгледа нашле оправдување за акцијата што ја спровеле121.

Во декември 1895 г. МК бил преименуван во Врховен македонски комитет (ВМК). За негов претседател бил избран генералот Данаил Николаев -близок човек на кнезот Фердинанд122. Тогаш ВМК пројавил тенденција да се наметне како раководен фактор во македонското ослободително дело или како што запишал Горче Петров во своите спомени "се обидоа од страна на ВК и агресивно да се мешаат во нашата Организација"123. ВМК манифестирал тенденција дека МРО е дел од "општата организација", чие седиште се наоѓа во Софија и на која и припага правото сама да решава по делото124, Притоа, ВМК за себе го задржувал правото на дипломатијата, а МРО требало да пос-лужи само како средство за притисок125. Овие обиди раководните кадри на МРО вешто го одбегнувале. МРО манифестирала автономност, не влегувала во аранжмани, а била согласна со оние што ја споделувале девизата. Затоа, биле одржувани постојани врски со ВМК се надеж дека ќе се добие некаква материјална помош за ослободителното дело.

Особена улога во одржувањето на чистотата на дејноста на МРО одиграл, покрај другите (Даме Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев), Гоце Делчев126. Во почетокот на февруари 1896 година, Делчев во Софија се сретнал со тогашниот претседател на ВМК -Данаил Николаев. Делчев останал крајно разочаран од разговорот што го воделе, бидејќи Николаев ја условувал евентуалната помош на МРО со тоа ВМК да го претставува револуционерното дело и да има решавачки глас по прашањето за востание. Делчев остро се спротивставил на ваквата уцена со зборовите: "...Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога. Кога да се прави востание, ќе реши народот. Нема да дозволиме да командувате од тука, за да не внесете во игра на востание како што се обидовте лани...". Затоа, веднаш по враќањето во Македонија, Делчев за ВМК му напишал на Н. Зографов: "Тој комитет таков впечаток ми направи, такво силно оладување предизвика кај мене, што јас не гледам дали ќе помага, туку се плашам да не му нанесе голема штета на делото...“127

Наспроти делувањето на ВМК и мешањето на бугарските владеачки кругови, во Македонија раснела и се ширела револуционерната организација заедно со свеста за потребата од самостојна револуционерна борба. Со јакнењето и омасовувањето на револуционерната организација растел и ризикот од "случајно" откривање на нејзината мрежа и од провали со големи размери. Првото сомнение дека нешто се случува го предизвикало откривањето на неколкуте празни рачни бомби во вреќите со ориз пренесувани од кираџијата Доне од Штип во Битола во 1896 година128. Христо Андонов Полјански наведува дека Доне (Андон Тошев - Дончо Штипјанчето) член на Организацијата бил испратен од Гоцета Делчев во Битола на 15 април 1896 година129 како кираџија, со два коња товарени со четири вреќи ориз, на чие дно се наоѓале 200-300 куршуми и десетина рачни бомби. "Стоката" била наменета за Битола, а оттаму требало да се пренесе во Ресен, Охрид и Струга. На 16 април него го запреле при влезот во Битола (кај црквата Св. Недела) стражарите кои, барајќи контрабанден тутун, ги откриле бомбите130. Доне се обидел да бега, но бил фатен и одведен во полициската станица. Тој успеал да испрати писмо во Штип дека "поскоро ќе умре отколку да предаде нешто пред полицијата". Така и станало131.

Османската полиција, изненадена од откритието го подложила Донета на неверојатна тортура за да го принуди да ја каже вистината, но не успеала од него да дознае ништо. Овој чин на Дончо Штипјанчето Ѓорче Петров високо го оценил со зборовите: "Доне Штипјанчето со својата верност кон клетвата во битолскиот затвор стана родоначалник на она пасивно херојство на работници на Организацијата паднати во турски раце, што ја гарантираше сигурноста и тајната на Организацијата"132. Јуначкото држење на Доне Штипјанчето пред османската полиција во битолскиот затвор станало пример на револуционерна цврстина заради што народниот гениј му испеал една од најубавите револуционерни песни.

Со фаќањето на Доне во Битола се надвиснала непосредна опасност и над Гоце Делчев. Во него власта почкала да се сомнева. Тој успеал да се "одбрани" од тоа. Но сепак бил уапсен во април 1896 година, а во мај бил одведен во Скопје и затворен во скопскиот затвор Куршумли ан. Во затворот бил кратко задржан со ветување да не се враќа во Штип со одредена "гаранција" за својата натамошна работа и движење.133

Последиците од оваа "афера" биле многукратни. Ѓорче Петров подвлекува две констатации: 1. фактот за постоење на завера во Штип и Битола и станал познат на османската власт; 2. Делчев го обрнал вниманието на властите врз себе си во Штип; во редот на сомнителните бил вклучен и тој134. Гоце, сепак, се враќа во Штип, токму при привршувањето на учебната година. Оттука патот го водел во Солун на конгресот на Организацијата кој што претставувал еден од пресвртните чинови во историјата на македонското ослободително дело.

Во услови на виден подем на Организацијата, но и на се поголемиот страв на бугарскиот двор дека македонското прашање нема да биде решено според желбите на Бугарија, во Солун, за време на Велигденската ваканција во 1896 година, се одржал конгресот на МРО. Солунскиот конгрес на МРО, според донесените решенија, Ѓорче Петров го смета за "Основачки конгрес на Организацијата135 ". Организацијата добила име Тајна македоно-одринска револуционерна организација (ТМОРО). На конгресот се расправало и за односите со ВМК чија тенденција била оценета "како многу опасна за делото". Сепак Организацијата била принудена да не ги раскинува односите со ВМК, посебно и заради потребите од материјална помош. Конгресот одлучил ТМО-РО да не се меша во внатрешните работи на ВМК, ниту во партискиот живот иа Бугарија. Со нив и со бугарското општество и македонската емиграција да се одржуваат добри односи. Од тие причини била донесена одлука да се отвори Задгранично претставништво. Тоа имало задача да ја претставува ТМОРО и да ги одбие надворешните посегања, без да се меша во работата на ВМК и политичкиот живот на Бугарија. Кон крајот на 1896 година со оваа сложена и деликатна задача бил задолжен Гоце Делчев, а во март 1897 година му се придружил и Ѓорче Петров136. По одлука на конгресот, Ѓорче Петров и Гоце Делчев изработиле Правилник и нов Устав на ТМОРО137.

По 1896 година, во наредните години, односите помеѓу МРО и ВМК варирале зависно од политичката ситуација во Бугарија, но зависно и од личностите кои доаѓале на чело на Комитетот. Меѓу членовите на ВМК имало бројни чесни и искрени Македонци кои сакале да и помогнат на својата татковина Македонија. Но, еден дел станале спроводници на големобугарската политика кон Македонија. Тоа посебно го фаворизирале инфилтрираните Бугари во ВМК. Тие станале предавници на македонското ослободително дело и како резултат на нивното делување и предавства загинале бројни македонски дејци. За жал стравот на Делчев се покажал во практиката повеќе од реалност.

Врховниот комитет особено инсистирал да биде прифатен и во странство како раководен фактор на македонското ослободително движење. Со тоа на европската и светска јавност и се пласирала тезата за бугарскиот карактер на Македонците, за бугарските комитаџии и борба  и секако за "правото" на Бугарија да ги обедини "сите Бугари" во една држава. За дејноста на ВМК пишувал европскиот печат, а посебен интерес пројавил познатиот англиски државник Вилијам Гледстон. Тој му го поставил на генералот Николаев крајно деликатното и умесно прашање: со какви средства мисли тој да крене востание, како сака да и помогне на Македонија. Се разбира дека Гледстон не можел да добие одговор на своето прашање, зашто ВМК реално не ни можел да подготви и не сакал да помага востание во Македонија освен да испраќа свои чети од Бугарија со провокативни цели138. А целта на провокациите била очигледна: да се лее крв на невиното население од османските одмазди, да се вознемири светската јавност, а бугарската политика да профитира во чекорите кон присвојувањето на Македонија.

 __________________________________________

110-Види: Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, Скопје 1981, том први, 230-231; В. Поповски, Историско-политичкото и правното значење на членот 23 од Берлинскиот договор, "Зборник во чест на Александар Христов", Скопје 1996, 229-239.

111-Трајко Китанчев е роден во с. Подмочани, Ресенско во 1858 година. Се образувал во Цариград, Киев и Москва. Во учебната 1882/83 г. работел како професор во солунската егзархиска гимназија. Од 1883 г. активно учествува во општествено-политичкиот живот во Кнежевството Бугарија. Забележителна е неговата ангажираност среде македонските емигрантски друштва. Во 1894 година бил основач на македонското друштво "Братски сојуз". Во март бил избран и за претседател на Македонскиот комитет. Починал на 1.08.1895 година од срцев удар на 38-годишна возраст (Според: Кратки биографически бьльшки за Трайко Китанчевъ, Право 1/41, София, 26.08.1895).

112-Види: Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или смрт, Македонско револуционерно национално ослободително движење во Солунскиот вилает 1893-1903, Скопје 2003,193-200.

113-Командувањето на одредите им било доверено на околу 40 офицери, меѓу кои: Стојчо Гаруфалов, Антон Бозуков, Петар Начев, Васил Мустафов, Борис Сарафов, Димитар Атанасов, Сасов, Димитар Жостов, Иван Пожарлиев, Јордан Венедиков и други. Како водачи на теренот биле ангажирани старите арамиски војводи, меѓу кои: Кочо Љутата, Дедо Кацареа, Никола Геројот, Дедо Стоју, Кочо Мустракот, Дончо Златков, Кочо Ризов, Дедо Анго и други. (В. Ѓорѓиев, Слобода или смрт, Македонското револуционерно националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893-1903,... 193).

114-Всушност и самиот Сарафов околу настаните во Мелник запишал: "Многу ми беше тешко да ги убедам тие луѓе да извршуваат патриотски подвизи. Голем дел од нив си мисли само да направи една мала тупурдија, па и ќесето да не им остане празно, а и да не загинат, туку да се вратат во Бугарија... Требаше многу да ги кандисувам да се воздржуваат од секаков грабеж за да остане делото чисто и патриостко-политичко..." (Спомени на Д. Груев, Бор. Сарафов, Ив. Гарванов, Съобщава, Л. Милетич, София 1927,38).

115-Против партизансвото во Бугарија, односно против вовлекувањето на Македонците во разни партии и партиски борби бил и Атанас Раздолов. Иако некои од партиите "нудат само на зборови некаква помош на Македонија, во суштина тие ги искористуваат Македонците во Бугарија само за своите цели, од тоа имаат корист само бугарските партии". (Даринка Пачемска, Атанас Раздолов и идејата за заедништво на балканските народи, "Историја", год. ХХ/2, Скопје 1984, 255)

116-В. Ѓорѓиев, Слобода или смрт..., 202.

117-Крсте Битоски, Континуитетот на македонските националноослободителни борби во XIX и почетокот на XX век, Скопје 1998,233.

118-Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, т. I„ Скопје 1981,325.

119-ДАРМ, PRO FО 78/4639, М-328, БР. 46, Писмо од Џејмс Монахан, вицеконзул во Битола, до Џон Блант, генерален конзул во Солун, 5.06.1895.

120-ДАРМ, PRO FО 78/4639. М-328, БР. 46, исто.

121-ДАРМ, исто.

122-Затоа, давајќи оценка за четничката акција од 1895 година, во 1905 Димо Хаџи Димов, меѓу другото напишал: "Секој знае дека од тоа вештачко и однадвор предизвикано четничко движење... искористи кнез Фердинанд кој го беше внушил и кој го поддржуваше. Крвта на борците, тешките страдања и солзите на илјади семејства му послужија како мост да се доближи до султанот -крвник и да ја добие неговата пресветла наклоност... Тоа компромитира пред непристрастното општествено мнение една света кауза. Нема зошто да се лутиме иа тоа општествено мнение што гледа толку недоверливо спрема стремежите на робот... Врховниот комитет стана орудие во рацете на кнезот Фердинанад, и кој можеше после овој факт да верува дека Комитетот искрено работи за ослободување на Македонија и Одринско и дека не игра улога на орудие за интересите на кнежевството?..." (Avicenus, Две течениа, Революцинен лист, бр. 8,1905)

123-Ѓорче Петров, Спомени, Коресподенција, Скопје 1984, 97.

124-Константин Пандев, Националноосвободителното движение в Македония и Тракия 1878-1903, София  1979,112.

125-Константин Пандев, Националноосвободителното движение..., 114-115.

126-Според Никола Зографов, раководител на ќустендилскиот пункт на Организацијата, Гоце Делчев дошол за полномошник на ЦК на 28.12.1895 г. во Софија. Содржината на неговото полномошно гласела вака: "Централниот комитет го испраќа Ахила во Бугарија со задача да пречи на секакво мешање од надвор во работите на Револуционерната организација во Македонија и Одринско. Сите што милуваат и сакаат да се посветат, да поможат за извојувањето на автономна слобода, нека повелат, вратите им се отворени". (Никола Зографов, Строежа на живота, София, 58).

127-Гоце Делчев, Писма и друѓи материали (издирил и подготвил за печат Дино Къосев), София 1967,54.

128-Историја на македонскиот народ, том трети, ред. д-р Крсте Битоски, Скопје 2003,239.

129-За датумот на фаќањето на Доне постојат разлики низ историската литература. Во МИР (стр. 455) се наведува: "Во вреќите со ориз, што на 19 април 1896 А.Т. од Блаце ги пренесувал за Битола, на влезот во градот кај црквата Св. Недела турските власти откриле оружје. За тоа дело бил осуден на доживотен затвор од 101 година...". Умрел на 15 април 1931 г. во Кустендил.

130-Христо Андонов Полјански, Гоце Делчев и неговото време, I, Култура, Скопје 1972,139.

131-П. К. Яворов, Гоце Делчев, София 1904,179.

132-Ѓорче Петров, Македонското ослободително дело, ред. Гане Тодоровски, Скопје 1971,177.

133-Христо Андонов Полјански, Гоце Делчев и неговошо време, I, Култура, Скопје 1972,139.

134-Горче Петров, цит. труд, 176.

135-Ѓорче Петров, Спомени, Скопје 1950,47.

136-Задграничното претставништво се грижело за собирање и препраќање на материјална помош, оружје, опрема и друго. Тоа имало можност да ја афирмира борбата на ТМОРО, да наоѓа сојузници и да ја брани самостојноста на ослободителното движење од надворешни влијанија и туѓи цели.

137-Во чл. 1 од Уставот на ТМОРО стои: "Тајната македоно-одринска револуционерна организација има за цел да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народност, за да извојува преку револуција полна политичка автономија за тие две области". Остварувањето на таа цел се поврзувало со отстранувањето на влијанието на странските пропаганди кое е зацртано во чл. 2 од Уставот каде се вели: "За постигање на таа цел Организацијата се бори да ги премавне шовинистичките пропаганди и националните расправии, кои го цепат и ослабуваат македонското и одринското население во неговата борба против општиот непријател..." (Види: В. Ѓорѓиев, Слобода или смрт, ...,217-219).

138-Историја на македонскиот народ...,т. 3,217-218.

ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА
Автори Виолета Аковска и Никола Жежов

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 9200 пати
Просечна оцена од посетителите
 3,2 од 5
Оцена:




 
Запиши
Коментар:

 

петок, 29 март 2024
Моментно посетители: 42

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Св. Васа Солунска
--------------------------------
 Првиот алпинизам во Македонија
--------------------------------
 “Дромон” е најпознатиот византиски воен брод
--------------------------------
 Кулите како градби во Македонија
--------------------------------
 Преп. Филотеј
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: