Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?

Вкупно гласови : 8867
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Историја > Нов век > Македонски национални движења
Леринското народно движење
Сподели на Facebook
Анастас Митрев424, еден од борците за македонската самостојност и приврзаник на Сандански, заради учеството во Хуриетот, во есента 1908 година бил префрлен од Егзархијата за учител од Кичево во Лерин.

Уште при неговата прва обиколка на Леринско, дошол до заклучок дека "Леринско претставува најкултивираниот крај во Македонија", но и "тврдина на будниот македонски дух; будно, свесно, совесно население, калени во црковните и револуционерните борби; иницијативно, трудољубиво, ученољубиво до максимум... Леринско беше гранитна национална карпа, од која се разбиваа атаките на грчката пропаганда"425. Живите лерински војводи, што таму ги затекнал (Ѕоле Стојчев од с. Баница, Пандил Шишков од Екши-Су; Крсто Љондев од Неокази, Пеце Христов од Неолјани и др.) ги имале наследено најдобрите особини на нивниот претходник - Марко Лерински: дисциплина, самоувереност, разумност, самостојност, меѓусебно помагање и солидарност со животот на народот. Во истиот дух била и учителската организација и учителите, главно млади и полни со ентузијазам.

Во раната есен во 1908-та година, за околиски училишен инспектор во Леринско дошол од Софија Никола Пасков, охриѓанец. Негова прва задача била да основа конституционен клуб во Лерин. Со голема воодушевеност на сите "војводи, учители и граѓани од идејата за организирана општествена работа" клубот бил набрзо основан. За негов претседател бил избран инспекторот Пасков, а за секретар учителот Анастас Митрев. Во меѓувреме биле спроведени и парламентарните избори на кои за кандидат од Битолскиот вилает бил споменатиот Панчо Дорев. Сите се вклучиле во агитацијата. Почнала да пристига и "помош" од Карајововци за уредување на просторија за клубот, за книги, библиотека итн. Биле растурени и песните на Христо Ботев, кои наместо да ги привлечат луѓето за "шовинистичка антитурска кауза" во интерес на врховизмот, тие ги ориентирале "кон Сандански и кон идејата за братство и слога меѓу балканските народи". "Собудените Леринци рано ја сфатија тенденцијата на раководствата на конституционите клубови и започнаа во својата дејност да се ориентираат кон самостојност и независност".426 Наредбите на Централното биро на клубовите од Солун се примале со резерва, а некои биле одлучно одбивани. Таков бил случајот со контрареволуционерниот удар на Абдул Хамид, кога се барала "неутралност" од клубовите. Ваквото барање уште повеќе придонесло Леринци да сфатат дека таквата политика на конституционите клубови не е во интерес на македонскиот народ.

Отфрлајќи ги штетните централни директиви, конституциониот клуб во Лерин прераснал во вистинско народно движење кое политички и идејно се ориентирало кон Народната федеративна партија. Така, наспроти барањето за "неутралност", Леринско се кренало во одбрана на Уставот, тргнувајќи од своите македонски интереси. Ѕоле Стојчев427 застанал на чело на милицијата. Всушност тој станал раководител и на движењето бидејќи ја уживал "довербата и љубовта на населението", а имал "авторитет пред властите". Тој бил искрен приврзаник за уставниот режим и "секогаш готов да умре за слободата на народот". Бранејќи ги македонските интереси војводата Стојчев не стравувал да ги нападне и недостатоците на младотурската власт. Тоа впрочем го покажал и на големиот собир на граѓаните во Лерин, одржан на 30 декември 1909 година. На собирот била донесена резолуција во која се протестирало против "секаквите противуставни мерки на Владата и на Парламентот", за поништување на "реакционерните закони", против "сите фактори -надворешни и внатрешни - коишто се стремат дефинитивно да ги уништат веќе извојуваните и признати ослободителни придобивки"428 итн.

На собирот настапиле повеќе говорници, а забележани биле зборовите на војводата Стојчев, многу смели и визионерски. Објаснувајќи зошто го бранат уставниот систем на Младотурците, Стојчев нагласил: "Браќа, ние треба да работиме за отоманизам во смисла на дело да се збратимиме за да ја зачуваме територијалната целост на Македонија. Во спротивно ние ќе станеме објект на завојувања на грабливци што се инспирирани однадвор, кои што ги бараат богатствата на обетованата нашата земја - Македонија"429.

Леринското народно движење се залагало за подобрување на културните и стопанските прилики во околијата, за економско зајакнување на населението итн. Сите овие барања, со истовремено енергично спротивставување на грчката пропаганда, Ѕоле ги изнесувал пред властите и влијаел со својот авторитет. Но, за жал, сите овие активности на леринското народно движење, од страната на врховистите биле осудени како "предавство". За врховизмот "четништвото, пушката, бомбата - беа се. И со оглед дека леринското народно движење го одречуваше ваквиот (застарен, б.н.) метод на борба, врховизмот го осуди на смрт и го уби"430.

Убиството на леринското народно движење можеме да го персонифицираме низ трагичната смрт на Ѕоле Стојчев кој паднал како жртва на една подла и наместена игра на непријателите на македонската самосвест. Јатаци на претхуриетските и похуриетските грчки андарти431 со помошта од пробугарски врховисти го убија Шиназ-ефенди, брат на леринскиот прв полицаец Шефкет-ефенди, со надеж дека гневот на османските власти ќе го свртат кон војводата Стојчев. "Хуриетот на Младотурците беше амнестирал и спасил од смрт илјадници македонски затвореници и заточеници, но андартско-бугарскиот врховизам уби еден Турчин, кој беше го спасил македонското село Горничево од опожарувањето на грчките андарти"432.

Инаку Шиназ-ефенди бил напреден Турчин од Лерин кој одржувал пријателски контакти со Македонците, дури и со припадници на Организацијата уште пред Хуриетот. На ден Илинден 1906 година, кога во селото Горничево имало панаѓур, една андартска чета од 120 четници го блокирала селото, решена да го опожари и да го истепа населението. На панаѓурот бил и Шиназ-ефенди кој сфатил што ќе се случи и веднаш испратил еден коњаник во Лерин, кај кајмакамот. Кајмакамот испратил аскер во селото. Аскерот стигнал токму во моментот кога андартите фаќале позиција и веднаш отворил оган. Од другата страна реагирале членовите на револуционерната организација во селото. Така, ставени помеѓу два огна, андартите биле разбиени, а 17 четници им биле ранети433.

Гневни на постапката на Шиназ-ефенди, андартите го осудиле на смрт. "Токму во текот на борбите меѓу македонскиот народ и четништвото кое започна по Хуриетот да се јавува, и во условите на напредок на леринското народно движење, грчко-бугарскиот врховизам кој започна да се обединува, најподмолно посегна врз животот на Шиназ-ефенди"434.

Заговорниците, со оглед на целта што требало да ја постигнат - да се компромитираат во очите на власта и на турското население леринските дејци го определиле селото Сорович за гробница на Шиназ-ефенди. Сорович се наоѓа меѓу селата Баница на Ѕоле Стојчев и Екши-Су на Пандил Шишков. Заговорниците биле убедени дека едно убиство извршено во соседното село на Ѕолевото и Пандиловото, не може да им биде припишано ним, како влијателни лица во тој крај, и воопшто во Леринско.

На сцената се јавиле гркоманите "Хаџиовци - претхуриетски и похуриетски јатаци на андартите и бившиот проврховистички војвода Леко Џорлев, соселанец на Ѕолета", кој се одвоил од народното движење и се фатил "на врховистичката јадица" работејќи "за компромитирањето на младотурскиот режим". Леко бил еден од оние затвореници кои беа помилувани и пуштени на слобода од младотурскиот режим. Тој, исто така, бил стар пријател на Шиназ-ефенди, така што овој не сомневајќи се заедно со него отишол во гркоманското село Сорович и "кој знае по кој повод Шиназ го пречекорил прагот на гркоманската куќа, каде што бил задавен и трупот закопан во една нива"435.

Ова однапред испланирано убиство имало за цел сомневањата да ги насочи кон леринските револуционерни дејци кои всушност биле господари на ситуацијата во околијата. Ѕоле, Пандил и другите дејци, навреме ја сфатиле целта на Шиназовото убиство и ја предупредиле месната власт да не наседнува на оваа провокација. Властите исто така биле свесни дека леринските револуционери немаат ниту корист ниту посегнале да го убијат човекот кој го сметале за свој пријател. Тие нормално ја продолжиле својата општествена дејност, уште девет месеци по смртта на Шиназ-ефенди. Но затоа, акцијата на интелектуланите и физичките убијци на Шиназа продолжувала. Тие постојано ја пласирале клеветата дека Шиназ е убиен од Ѕолета, дека не е можно да се убие Турчин без негово знаење итн. Ваквата верзија, упорно всадувана од Грците, навлегла по разни патишта и во турската средина. Верскиот фанатизам и одмазднички дух бил пробуден. Целта била постигната. Само се спремала раката во која ќе биде ставено оружјето за пукање.

Бил пронајден и непосреден повод. Тоа бил масовниот собир од 30 декември 1909 година насочен против провокациите од врховизмот и против реакционерните мерки на младотурската власт. По тој повод "врховизираните Грци го возбудија уште повеќе фанатизмот кај муслиманската маса, претставувајќи го митингот за 'јавен бунт' - фесатчилак против царштината, а Ѕоле како баш фесатчи - прв бунтовник, каков што бил и пред Хуриетот. Можеше ли турската толпа да го поднесува ваквиот 'резилак'?...Ако уќуматот го поднесува ова , ние нема да го поднесуваме, - така си размислуваа турските реакционерни елементи. Куршум против убијците на Турците и ватандушманите"436.

Собирот туку што завршил. Ѕоле заедно со другите организатори на собирот наминале во една добро осветлена слаткарница, додека надвор било темно. А во темнината, од турската толпа излегол некаков си фанатик Садреадин. Тој тргнал да го убие Ѕолета. Пукотници ја затресле слаткарницата. Сопственикот ја угасил ламбата, но, уследиле нови пукотници. Откако се стивнало, останало да лежи само мртвото тело на Ѕоле Стојчев. Тоа била уште една антимакедонска провокација, крунисана со смртта на еден стамен Македонец.

По свечениот погреб на Ѕоле во Баница, војводите престанале со своите активности. Дел се сокриле, дел заминале за Америка, други пак избегале во Бугарија, но, сеедно, тие биле изгубени за македонската кауза. Така завршил овој голем атентат врз леринското народно движење.

_______________________

424-Анастас Митрев е роден во с. Завој, Охридско во 1884 година. Се школувал во Охрид, Пловдив и Прага. Учителствувал во Кичево и Лерин. Бил учесник во Младотурската револуција и делегат на основачкиот конгрес на НФП од Охрид. Во 1911-1912 година во Солун го редактирал весникот "Учителски глас", орган на организацијата на македонските учители. По балканските војни заминал во емиграција, каде што, имал забележително учество во активностите на Временото претставителство на ВМРО (Об).Соработувал во весникот "Освобождение" и во други прогресивни весници во Бугарија. Заземал истакнато место во движењето и во борбите на македонската прогресивна емиграција во Бугарија каде соработувал со Јане Сандански, Димо Хаџи Димов, Ѓорче Петров, Павел Шатев, Михаил Герџиков, Александар Динев итн., како и со Крсто Раковски, Димитар Влахов и др. либерални социјалисти. Посебно одбележување заслужува категоричниот однос на А. Митрев кон историската условеност и историските корени на појавата на македонската нација. Уште во летото 1919 година, пред многубројната македонска емиграција во Де-де-Агач, тој на јавен собир истакнал дека борбата на ВМРО против врховизмот во минатото била националноослободителна борба на македонскиот народ против официјалната политика на бугарската држава. И во текот на Втората светска војна, си останал доследен Македонец, но и антифашист. Во 1947 година, по 34-годишна емиграција се вратил во Македонија. Работел во Институтот за национална историја. Публикувал неколку историографски трудови, меѓу кои е и првата биографија на Христо Узунов и други трудови. Починал во Скопје во 1952 година. (Види: Др. Манол Пандевски, Предговор кон Мемоари огледи статии на Анастас Митрев, Скопје 1974, 9-16)

425-А. Митрев, Мемоари огледи статии, 52.

426-А. Митрев, исто, 53.

427-Познат уште и како Ѕоле Ѓерѓев, родум од село Баница. Во почетокот бил на печалба во Цариград, а пред Востанието се враќа во своето село Баница. Член на леринската терористичка група на Организацијата, а за време на Илинденското востание лерински војвода со 42 востаници кај востаничкиот пункт Кајмакчалан. По востанието продолжува како лерински војвода, а за време на Хуриетот влегува во Битола со леринските чети. Убиен на подмолен начин во 1909 година во Лерин. (Спомени и биографии на илинденци, избор, редакција и коментари Александар Крстевски - Кошка, Битола 1993,45)

428-На предлог од Стојчев, резолуцијата била составена од учителите А. Митрев и Ж. Банев. За првпат таа била објавена во софискиот весник "Камбана" во бројот 5 од јануари 1910 година. Резолуцијата е потпишана од членови на претседателството на собирот, и тоа: Ѕоле Стојчев, Пандил Шишков, Крсто Љондев, Пеце Христов и Крсто Малинов. (Види: "Камбана", 6.I.1910)

429-А. Митрев, исто 54-55.

430-А. Митрев, исто, 55.

431-Поп Танасов Васил, син на војводата Атанас Попов (познат во ВМОРО како Стасо Јованчев) раскажува: "Се сеќавам на моментот кога неколку дена пред прогласувањето на Хуриетот татко ми ја поведе четата на војводата Ѕоле Стојчев на планината Кајмакчалан да преговара со една чета грчки андарти што се имаа јавено на овој терен, со цел грчките андарти да го напуштат реонот и да не ги напаѓаат селата. Преговорите што ги водеја не успеа, дури дојде до вооружена борба, но и ако четата на Ѕоле Стојчев што ја водеше татко ми беше помала успеа да се извлече, а потоа за време на Хуриетот да замине во Битола на прослава, каде што беше пречекана свечено од битолчаните" (Спомени и биографии на илинденци,..., 139).

432-А. Митрев, исто, 59.

433-Според сеќавањата на горничевецот Најдан Мичев. Види: Илюстрация Илинден, София, год. XI, 1939, кн. 3 (103), 7-8.

434-А. Митрев, исто, 60.

435 -Исто,61.

436- Исто, 62.

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 6086 пати
Просечна оцена од посетителите
 2,66 од 5
Оцена:

Запиши
Коментар:

 

петок, 26 април 2024
Моментно посетители: 35

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Златото на Индија кај Александар
--------------------------------
 Воената секира и Македонците
--------------------------------
 Најквалитетниот опиум на светот – македонскиот
--------------------------------
 Децимирање – казна десеткување заради малодушност
--------------------------------
 Македонките заслужни за победата на Аргеј I
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: