Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?






Вкупно гласови : 8855
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Историја > Нов век > Македонски национални движења
Кресненскo востание, убиството на Карастоилов
Сподели на Facebook
Во бранот на востаничките движења што ги зафатија христијанските народи на Балканот против османското владеење во втората половина на XIX век, посебно место му припаѓа на Македонското (Кресненско) востание.

Тоа започнало на 5/17 октомври 1878 г. кога четите на војводите Димитар Беровски и Стојан Карастоилов со 400 востаници го нападнале гарнизонот во с. Кресна. Откако борците го истиснале османскиот гарнизон, востанието се проширило во 35 села на Каршијак, појас од двете страни на реката Струма. Истовремено, во разлошкиот крај дошло до нови востанички превирања. По успешниот тек на востанието, востаниците организирале народно-востаничка власт на ослободената територија. За воен раководител и прв војвода бил избран Стојан Карастоилов. Бил формиран и Штаб на македонските востаници чиј началник, избран од повеќемината војводи, станал Димитар Беровски. Штабот на востанието постапувал како легитимен и единствен претставник на македонскиот народ90.

Но, ваквиот тек на настаните во Македонија, не оделе во прилог на амбициите на бугарските водечки политички кругови кои се стремеле кон добивање на целосна независност, но во пакет со реализација на Санстефанскиот договор. Затоа бил искористен Благотворителниот софискиот комитет "Единство"91 кој испратил свои емисари (најпрво Калмиков92, а потоа Војткевич) за да предизвикаат незадоволство и расцеп во редовите на раководството на Македонското востание93. Кога во тоа не успеале со мирни средства поради отпорот што го давале востаниците, според одредени записи, тие на спиење го убиле војводата Стојан Карастоилов, а го затвориле Димитар Беровски. Карастоилов паднал како жртва на провокатор, какви што имало многу во македонската историја.

За убиството на Стојан Карастоилов постојат различни верзии кои понатаму ќе ги наведеме. Но, секако единствена е оценката на македонските историчари дека по убиството на Стојан војводата, на 25 ноември 1878 година, востаниците се деморализирале и четите се осипале. Затоа тоа претставувало речиси пресвртен момент во востанието.

Стојан Карастоилов е роден во село Старчиште - Неврокопско, а скудните извори го опишуваат како храбар и правичен човек, кого не го плашеле куршумите94. Ги бодрел своите соборци, бил дисциплиниран и никогаш не пропуштал да им даде на знаење на оние "отаде границата" дека ова востание го крена и го води македонскиот народ, односно месното население. Сакајќи да ја сочуваа живата востаничка сила, тој се спротивставувал на некои безумни одлуки на А. Калмиков за начинот на војување, особено на почетокот на востанието, но и подоцна. Како што наведува Манол Пандевски, било зачудувачко тоа што "не се барало концентрација, туку распрснување на востаничките сили во Кресненско-мелничкиот реон". Во плановите на авторите на ваквите инструкции ништо не значел поразот на движењето, ним им требале што повеќе крвави докази дека "цела Македонија се буни против Берлинскиот договор"95.

Ангел Динев пишува дека козачкиот мајор Калмиков, по заповед на рускиот главен штаб во Бугарија (руските генерали) го извршил убиството на Стојана, со цел да се деморализира и парализира македонската борба против османското владеење. Калмиков го направил тој срамен чин по заповед "со цел да не се даде на големите сили материјал дека Русија го потпомагала движењето, дека го подбуцнувала со востанието да се најде како со свршен чин на Берлинскиот конгрес"96. Во тие рамки, главната улога ја одиграл Благотворителниот софискиот комитет "Единство". Инаку, во овој период во Бугарија никнале повеќе комитети на македонската емиграција под името "Единство". Расположени за востание, тие започнале да испраќаат чети во Македонија и да ја шират идејата за обединување на Македонија со Бугарија97. Помеѓу комитетите постоеле извесни разлики (заради самата ситуација во која се наоѓала Бугарија по Берлинскиот конгрес), но, тие биле единствени во целите. Формално и јавно се нарекле "благотворни" комитети, чија цел, наводно, била да им се помогне на браќата кои останувале под османска власт. Но, под привидната благотворност се криеле строго политички цели - "да работат за обединувањето на бугарскиот народ, што бил распарчен од Берлинскиот конгрес", односно за реализација на Санстефанскиот договор.

Комитетите како и во Трново, така и во Софија под паролата "единство на сите Бугари и подобрување на нивната политичка положба" јасно ги изразиле претензиите да се стави рака врз Македонското востание. Во Софискиот комитет одлучиле "да се поткрепи востанието, целото движење да се насочи кон определена политичка цел и да му се даде единствено воено-четничко и политичко раководство". Политичката цел на востанието требало да се толкува како протест "од страна на Македонците против Берлинскиот договор"98. Тоа требало да добие карактер, а и пред светот да се прикаже како "удар врз Берлинскиот трактат"99. Политичката стапица е очигледна: не борба за државно конституираше на Македонија што го навестувал и самиот Берлински договор, туку целосно отфрлање на берлинските договорни одредби, со нескриена желба за враќање во живот на веќе анулираниот Сан-стефански договор.

Наведените констатации за улогата на надворешниот елемент во Македонското востание, можеме да ги потврдиме и од писмото на Горѓија Пулевски100 до Деспот Баџович, каде меѓу другото, Пулевски напишал: "Тогаш... уште верував дека сме тргнати да се биеме за Македонија. И не само јас, туку сите верувавме и бевме готови да умреме: или слобода или смрт, трето нема. Ама не било така. Едно мислел волкот, а друго овчарот... Овде Бугарите си играат со нас и ја вртат водата на својата воденица, заедно со црнокапецот Натанаил101, кој е Македонец, ама повеќе влече на бугарско... Еве со чети чекаме толку време да заминеме за Турско и да се биеме за нашата слобода, ама не пуштаат. Кладоа оган и сега сакаат повеќе шум пред Европа, моите војници се растураат полека, а и јас нема зошто да чекам".

Како што наведовме, уште на самиот почеток на Кресненското востание се јавиле несогласици меѓу доброволците туѓинци, доведени однадвор, кои претендирале на раководна улога во востанието, и искусните војводи од самиот терен, каков што бил Стојан војвода кој уживал углед меѓу востаниците и населението. Тоа судрување можело да се забележи и во првиот извештај од бојното поле, по освојувањето на Ханот во Србиново. Овој извештај го потпишал Беровски наместо Калмиков кој дотогаш бил командант на сите востаници. Самиот напад, во почетокот го водел Калмиков, а потоа командата ја презел Стојан Карастоилов кој несогласувајќи се со тактиката на Калмиков, успешно ја завршил целата акција. Со тоа било фрлено јаболкото на раздорот102. Дошло до поделбата меѓу востаниците на надворешни доброволци и внатрешни сили103. Иако Калмиков бил повторно вратен на командното место, сепак неговата платеничка улога и осветољубивоста ќе резултираат во цел осен неуспех на востанието, на кое му претходи убиството на Стојан војводата. Убиството според Ангел Динев го извршил самиот Калмиков кој не можел да му ги прости на Стојан поранешните унижувања и настојувал да му се одмазди. Во тоа и успеал. Како резултат од неговите интриги, биле ликвидирани Стојан и неговите другари Георги Чиолак (Чолак) од Калипот и Иван Трендафилов, исто од Калипот, Драмска околија.

Ликвидирањето на Стојан и неговите другари било извршено под изговор дека извршиле разни престапи, поради кое против нив биле поднесени многу тужби. Поднесените тужби божем ги разгледал "Воениот совет" при "Привремената управа на Македонија" и ги осудил споменатите лица на смрт. Пресудата била извршена истиот ден. Протоколот што бил донесен на судењето, во село Оштава на 24 ноември 1878 година бр. 2, го потпишал "Атаман Македонски Исурогентов Адам И. Калмиков" и 6 членови на Воениот совет104.

Според д-р Иван Катарџиев, површно гледано, пресудата била правична бидејќи старите арамии тешко се подавале на дисциплината. Но, кога ќе се анализираат наводите во записникот дека за време на судењето осудените три пати употребиле оружје, може да се согледа инсконструираноста на целото "судење", "ако такво воопшто било одржано"105.

Учителот Тодор Страхинов, како соборец, личен секретар на војводата и негов човек, во своите записи, направил обид да даде целосна слика за околностите под кои бил убиен Стојан Карастоилов106. Пресметувањето со еден од најавторитетните месни луѓе на востанието, кој останал верен на идејата ма-кедонските востаници сами да раководат со востанието и се борел против сите наметнувања однадвор, секако дека во себе криело длабока политичка позадина. Во писмото од 9 мај 1898 година, Страхинов пишува дека ова убиство било претходно обмислен план и среќно спроведена заседа, а не извршување на некоја пресуда. Самиот Страхинов бил уапсен од Калмиковите луѓе, како Стојанов човек, додека Стојан бил убиен ноќта на 25 ноември, а не на 24 како што стои во записникот од "судењето".

Во критичниот ден (25 ноември 1878 година), наведува Страхинов, Стојан Карастоилов заедно со Ѓорѓи Чолак се наоѓал во селото Мечкул, а вечерта се вратил во селото Оштава без да знае што му се крои. Инаку, во деновите, непосредно пред трагичниот чин, Стојан бил во постојано движење, зафатен со реализација на бројни задачи: набавувал храна, ги сместувал избеганите семејства, ги прегрупирал четите по жестоките борби (селото Влахи било напуштено по долгото војување со многубројниот аскер) итн. За време на неговото отсуство, Стателов и Калмиков вршеле апсења. Меѓу другите го затвориле и Тодор Страхинов со Иван Трендафилов, оставајќи дваесет востаници пред врата да ги чуваат. На протестот на Страхинов зошто го затвораат, му било речено дека таква наредба дал војводата Карастоилов кое што им станало сомнително на затворените. Додека биле затворени и добро чувани, околу полноќ, се слушнале истрели. За пукањето добиле образложение дека било грешка на оние кои го чувале Штабот. Страхинов запишал дека, кога угреало сонцето, Иван Трендафилов бил многу вознемирен, па се качил на прозорецот да види што се случува надвор и извикал: "Тодоре, Карастоилов е убиен". За да се увери во вистинитоста на овие зборови, Страхинов исползил до виското прозорче и ја видел крвавата облека на војводата Карастоилов на буништето.

По неколку часа во просторијата каде што биле затворени Страхинов и Трендафилов влегле Стателов и Калмиков пијани, и им наредиле на востаниците да ги изведат затворениците надвор. Трендафилов бил убиен пред очите на Страхинов, Страхинов признава дека му ги бакнувал рацете на Калмиков за да му го поштеди животот. Страхинов бил образован човек и нарекуван од Калмиков "граматик", така што овој му го поштедил животот, но го принудил без поговор да ги извршува неговите наредби. Главна задача на Калмиков била да го ликвидира војводата Атанас Жостов. Затоа, уште истиот ден Калмиков ги собрал востаниците во црквата, ги заколнал и тргнал со нив да го бара Жостова.

Војводата Жостов чул дека нешто му се случило на Стојан, но не верувал, па тргнал да го бара. Жостов успеал да му избега на Калмиков, се вратил кај својата чета и им ја раскажал вистината. Потоа отишле во селото Оштава, го откопале Стојана од нивата на селскиот поп и го погребале на гробиштата со голема почит, онаква каква што доликува на човекот кој бил главен војвода на Македонското востание. Крвавиот чин на убиството на македонскиот војвода Карастоилов, симболично ја отсликува контравостаничката и антимакедонска улога на софискиот комитет "Единство". Овој комитет извршил насилствена диверзија против самостојноста на Македонското востание, со тоа што донел решение и го уапсил началникот на Штабот и ја натурил како раководител на востанието тричлената комисија, на чело со Димитар Стателов, член на Софискиот комитет и ополномоштениците на овој комитет мајорот Адам Калмиков со неговите странски придружници.

Подмолното убиство на војводата Стојан Карастоилов било резултат на задачата што ја добила тричлената комисија испратена од комитетот "Единство" од Софија. Под превезот да го води востанието, всушност комисијата требало целосно да го растури востанието. И навистина, бидејќи набрзо се уверила дека не ќе може да командува, како што сакал комитетот"Единство", комисијата забрзала да го ликвидира востанието107. Убиството на големиот борец за слободата на македонскиот народ, војводата Стојан Кара-стоилов највпечатливо се одразило во редовите на македонските востаници,меѓу кои се јавила силна реакција. Тоа го гледаме во одбивањето на борците да му служат на А. Калмиков. Веќе во декември 1878 година сите борци, со исклучок на мал број, ја напуштиле четата, во знак на протест против неговото самоволно и сурово командување108.

 Со стрелањето на Стојана била отстранета и последната пречка на Калмиков и другите за да го превземат востанието. Ова ниско дело предизвикало бројни протести и незадоволство не само меѓу востаниците, туку и во самата Бугарија, зашто Стојан бил многу

популарна личност, како борец против османското владеење. Во документите никаде не е директно наведен идејниот творец на ова убиство, ниту директниот извршител. Според анализите на некои документи, Катарџиев заклучува дека наредбодавец, но и можеби директен извршител бил Стателов. Ангел

Динев го посочува Калмиков, а Манол Пандевски го потенцира идејното и моралното убиство на самото востание кое според него го направил софискиот комитет "Единство". Интересно е што во мемоарската литература убиството на Стојан се претставува како резултат на завист (според Н. Т. Обретенов), а и како резултат на одбивањето да се потчини на наредбите на надворешните фактори (според Арсени Костенцев), но името на Стателов се одбегнува и за извршител на самото убиство секогаш се именува друг човек109. По убиството на главниот војвода Стојан Карастоилов како и на неговите

 другари Георги Чолак Чепрашинов, Костадин Шериф, Ангел Захариев и други,како и со отсранувањето на Димитар Поп Георгиев Беровски, востанието претрпело целосен пораз. Тоа било поразено од мешањето и предавството на надворешни фактори,а не било задушено. На 6 јуни 1879 г. митрополитот Натанаил Кучевишки, кој за цело време на востанието играл посредничка улога, заповедал четите да се расформираат,а пушките и муницијата да се соберат и да се складираат.

И така, Кресна пламна и изгасна. Исчади и таа надеж. Со неа и заблудата дека некаква случајност ќе и подари слобода на Македонија. И, како што ќе запише Димо Хаџи Димов "... во умовите на повидните македонски дејци ќе се загнезди мислата дека Македонија само тогаш би се видела слободна, кога самата ќе востане за да ја бара својата слобода". Требаше да дојдат годините кога тајната револуционерна организација ќе му вдахнува вера на Македонецот во неговите сопствени сили. За жал заедно со верата и подемот на сопственото дело се случуваше и неделото на предавствата и атентатите кое беше пресудно за неуспехот на борбата на македонскиот народ во најкритичните моменти од неговата историја.

_____________________________________________

90 -Штабот на востанието располагал со сопствен печат што носел назив "Печат на началникот на Штабот на Македонското востание, 1878" со што всушност биле одредени името и карактерот на востанието. А целта на востанието најдобро се согледува во "Правилата на Македонскиот востанички комитет" и во "Уставот на Македонското востание", напишани во 1878 година.

 91 -Благотворителниот комитет "Единство" бил организиран од бугарската буржоазија во 1878 година за борба против решенијата на Берлинскиот конгрес (Иван Катарџиев, Серската област (1780-1879), економски, политички и културен преглед, Скопје 1961,279).

 92 -Адам Јованович Калмиков, руски офицер, учествувал на српска страна во Српско-турската и Руско-турската војна од 1876-1878 г. Борејќи се против Турците, бил ранет, лекуван, потоа добил српска пензија како инвалид; бил сметан од руските офицери како неурамнотежен, а кај македонскиот народ неговото име се споменувало со огорченост, почесто бил именуван со епитетот "авантурист". На барање на софискиот комитет "Единство" собрал доброволци и преминал во Македонија. Така се вклучил во почетните борби во Кресна. Почетните успеси на востанието му засметале на Софискиот комитет и тој почнал поотворено да се меша во македонските работи.

Затоа, повторно бил ангажиран Адам Калмиков, како и Луј Војткевич кои требало да ги елиминираат свесните македонски сили од раководството на востанието. (Види за тоа: Љубен Лапе, Одбрани текстови за историјата на македонскиот. народ, II, Скопје 1975,223-229).

 93 -Првите разидувања во погледите и целите наеднаш довеле до незадоволство меѓу двете страни. Според анализите на Манол Пандевски, кои во голема мера кореспондираат со оние на Иван Катарџиев (во Серската област 1780-1979, Скопје 1961) првите знаци на судирот се јавиле помеѓу доброволците - дојденци и месните востаници и лично помеѓу А. Калмиков и С. Карастоилов. Сепак, борбата за командантската функција во Штабот не смее да се свати само како судир на две личности зашто зад личностите стоеле две стратегии и две спротивни цели. Оваа борба особено се зголемила со доаѓањето на вториот комитетски довереник Луј Војткевич. Остар судир за превласт настанал помеѓу Калмиков и Војткевич и меѓу нивните приврзеници кое одело на ште-та на македонските востаници (Манол Пандевски, Кресненското востание во Македонија од 1878-1879 Година, "Кресненското востание во Македонија 1878-1879", МАНУ, Скопје 1982,49).

 94 -Ретки и значајни податоци за Карастоилов оставил во своите писма Тодор Страхинов. (Види: Е. Бужашки, При изворите..., Писмата на Т.А. Стрсаинов, Известие на Бглгарското историческо друшво, книга XXVII, Софија 1970).

 95 -Манол Пандевски, Кресненското востание во Македонија од 1878-1879 година, "Кресненското востание во Македонија 1878-1879", МАНУ, Скопје 1982,49.

 96-Ангел Динев, Политичите убиства во Бугарија, НИП "Илинден", Скопје 1951,17-18.

 97-Види: М. Пандевски, Кресненското востание во Македошја од 1878-1879 година, "Кресненското востание во Македонија 1878-1879",..., 42-46.

 98-М. Пандевски, Кресненското востание во Македонија од 1878-1879 година,,.., 43.

 99-Български патриарх Кирил, Съпротивата срещу Берлинския договор - Кресненското въстание, БАН, София, 1955,35-42.

 100-Ѓорѓија Пулевски (Галичник 1817/18 - Софија, VI 1895), предбеник, учебникар, лексикограф, историчар, поет и фолклорист. Во ајдутско-комитското движење во Македонија влегол уште во 1847 г. Учествувал заедно со Дедо Иљо Малешевски во борбите на Србите со турскиот гарнизон 1862/1863. Покрај собирачката и учебникарска дејност за македонската национална преродба, тој е активен учесник на Македонското (Кресненско) востание како војвода и член на Воениот совет (МИР, ...,399-400).

 101-Анастас Митрев, меѓу другото, запишал дека охридскиот владика Натанаил седел во Ќустендил, како член на бугарскиот комитет кој "сакаше да го искористи Кресненсково востание од 1878 година за реализирањето на Сан-Стефанска Бугарија". (Анастас Митрев, Мемоари огледи статии, Скопје. 1974,214)

 102-Иван Катарџиев, Серската област (1780-1879), економски, политички и културен преглед, Скопје 1961,216.

 103-И. Катарџиев, Серската област,..., 228.

 104-Наводно, судените личности биле криви за: а) ограбиле заробени Турци и натепале старешина на стража; б) украле овци од село Ураново; в) продале заеднички бакар; г) продале заеднички овци, кози, крави и коњи; д) украле 44 илјади гроша од некојси фабрикант од Мелник; е) не се покорувале на наредбите на воените власти; ж) за време на претресот трипати употребиле оружје против Воениот совет и комесарот. (Исто, 229-230).

 105-За тоа д-р Катарџиев запишал: "Нормално би било, во околностите под кои било изведувано судењето, ако такво воопшто било одржано, и имајќи ги предвид обвинувањата и пресудата, обвинетите со оружје в рака не само да го употребиле туку и до последна можност да се бранеле за својот живот. Меѓутоа, сето тоа не се гледа во записникот. Од друга страна, во него се вели дека тој ќе бил објавен со нужната документација што ќе ги потврдела наводите на обвинувањето. Но иако записникот бил објавен, документите ги нема, што е уште еден знак на прашање за објективноста и беспристрасноста на приведените аргументи" (И. Катарџиев, исто, 230).

 106-Види: Ката Руменова - Мисиркова, Ликот на војводата Стојан Карастоилов, "Кресненското востание во Македонија 1878-1879", МАНУ, Скопје 1982,147-155.

 107-Ката Руменова - Мисиркова, Ликот на војводата Стојан Карастоилов,..., 151.

 108-Христо Андонов Полјански, Странски доброволци во Кресненското востание, "Кресненското востание во Македонији 1878-1879", МАНУ, Скопје 1982,207.
И. Катарџиев, цит. труд, 232.

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 6769 пати
Просечна оцена од посетителите
 3 од 5
Оцена:




 
Запиши
Коментар:

 

четврток, 18 април 2024
Моментно посетители: 14

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Кулите како градби во Македонија
--------------------------------
 Александриската библиотека
--------------------------------
 Фалангата во борба со “Амазонки”
--------------------------------
 Најраните почетоци на кино културата во Македонија
--------------------------------
 Храброста на Смилевските мајстори
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: