Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?






Вкупно гласови : 8827
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Историја > Среден век > Самоиловото царство
Гаврил Радомир и Јован Владислав
Сподели на Facebook
Во историјата на средновековната македонска држава, во самата нејзина династичка лоза, се случило уште едно братоубиствено крвопролевање.

Бил убиен Гаврил (Гаврило) Радомир, син на царот Самуил и царицата Агата, совладетел и наследник на Самуил, втор по ранг во Самуиловата држава, веднаш зад татко му, цар во периодот 1014-1015 година. Бил мошне силен и храбар воин кој рано зел учество во војната што ја водел неговиот татко против Византиското Царство. Учествувал во освојувањето на градот Лариса, заедно со татко му Самуил во 985 година, кога биле заробени голем број Византијци. Меѓу нив се наоѓала и убавата Ирина, во која се вљубил. Така, Гаврил Радомир ја оставил својата прва жена, ќерка на унгарскиот крал, и се оженил за убавата Византијка од Лариса.

Според Јован Скилица, Гаврил Радомир физички бил посилен од својот татко Самуил, но далеку заостанувал "по умот и разумот". Учествувал во сите поважни битки, а во битката кај реката Сперхеј и на планината Беласица успеал да го спаси Самуила и да го извлече жив од бојното поле. Неговата храброст особено дошла до израз во Беласичката битка, кога "храбро ги одбивал напаѓачите" и качувајќи го татка си на својот коњ го оддалечил од боиштето. Исто така и Поп Дукљанин го окарактеризирал царот Гаврил Радомир дека по природа бил силен и храбар и водел многу војни против Василиј II 54.

Како совладетел на Самуил, Гаврил Радомир ги управувал териториите околу Островското и Петерското Езеро, заедно со Пелагонија, а во Битола имал и свој дворец. Заради неговата храброст, бил омразен кај Византијците, па можеби затоа авторописецот на Чудата на Св. Димитриј Солунски го опишал во најцрни бои како "човек-ѕвер и безумник, вистинско проклетство за сите кои ќе го сретнат, злокобен знаменосец за сите соседи..."55.

По смртта на Самуил, Гаврил Радомир се искачил на престолот на којшто претендирал и неговиот братучед Јован Владислав, синот на Арон. Водел главно дефанзивна политика, настојувајќи да ги сочува териториите што ги освоил неговиот татко Самуил. Се обидел да склучи мир со Византија за да ја подобри влошената состојба во државата, но Византискиот цар Василиј II ја одбил неговата мировна понуда и продолжил со војувањето. Така, во војната со Византија, Гаврил Радомир изгубил дел од своите владенија, меѓу кои Северна Пелагонија, Раец и Мегленската област. Успеал да ја одбрани Битола, каде што се наоѓала неговата резиденција. Дефанзивната политика, внатрешните несогласувања во државата и династичките борби како и вплеткувањето на византиските дипломатски игри завршиле со неговото убиство, во летото (август или септември) 1015 година, кај местото Петриско (Петерско) на брегот на истоименото езеро, каде што се наоѓал на лов.

Според Чудата на Св. Димитрија Солунски на Јован Ставрикиј, народот силно страдал од овој воин и барал помош од својот светец. Но, на "лелекот и солзите" кои "секојдневно се пролевале..." "со повик до Маченикот " (Св. Димитрија) Гаврил Радомир одговарал: "Еве, да видам дали ќе дојди Св. Димитрија да ги спаси од моите раце". На крајот, Св. Димитрија се сожалил на лелеците и слегол да му помогне на народот. Наводно, во моментот кога Гаврил Радомир "го повел измачениот народ во лов", за да ги гонат боси ѕверовите, светецот како молња го соборил од коњот и го убил со копје. "Радомировите придружници го виделе Величенствениот на јаве како со силен удар го соборил и го убил со копје. И Маченикот стана веднаш невидлив, а овој (Гаврил Радомир, б.н.) истиот час умре и коските му се растурија дури до пеколот. Целиот угнетен народ свечено се заблагодарувал на Великомаченикот за ослободувањето"56.

Покрај описот на убиството на Гаврил Радомир, што го дава Јован Ставракиј и во кој се мешаат виденијата и чудата на Св. Димитрија Солунски, постојат уште две помалку исцрпни верзии за ова убиство. Тие се каоѓаат во хрониката на Јован Скилица и во Летописот на Поп Дукљанин. Иако во овие извори убиството на Гаврил Радомир не се поврзува со чудата на светецот, сепак секаде се нагласува дека најстариот син на Самуил бил убиен при лов. Затоа, можеме да прифатиме дека овој настан веројатно и така се одиграл. Со вплеткувањето на светецот во убиството на Самуиловиот син, преку давањето на нота на мистичност, авторот Ставракиј сакал во суштина, да го прикрие вистинскиот начин на кој е извршено ова планирано убиство.

Уште додека војувал во Мегленската област, по опожарувањето на Меглен, кај царот Василиј II, пристигнал некој еднорак Ромеј кој му предал писмо од Јован Владислав. Во писмото стоело известувањето дека Јован Владислав го "убил Гаврил (Радомир) во Петерско и дека целата власт (во државата) ја пренел врз себе, истовремено ветувајќи дека спрема императорот ќе покажува примерна покорност и потчинетост", пренесува Јован Скилица57.

Историографите сметаат дека во убиството директно учествувал Јован Владислав, со знаење и охрабрување од страна на византискиот цар Василиј II 58. Византискиот хроничар Јован Скилица, запишал дека Гаврил Радомир, единствениот законит син на Самуил, веројатно имал 12-13 години кога го молел татка си да му го поклони животот на Јован Владислав, синот на Арон. Така, по неколку децении, Гаврил Радомир бил убиен од неговиот роднина, човекот на кого во 976 г. му го спасил животот. По наредба на Јован Владислав била убиена и жената на Гаврил Радомир, а неговиот син-првенец ослепен, додека другите негови четири сина и две ќерки биле поштедени.

На испратеното писмо од Јован Владислав императорот Василиј II одговорил потврдно со хрисовула. Само неколку дена потоа, соопштува Скилица, одново пристигнал едноракиот Ромеј и му предал ново писмо од Јован Владислав, а исто така и писма од одделните управници на областите и градовите (архонти), со кои му ветиле на императорот дека ќе му се потчинат "и ќе станат императорови поданици". Во меѓувреме кај императорот пребегнал Теодор Кавхан, братот на заробениот кај Меглен Дометијан, кој според известувањето на Михаило Деволски, му ветил дека ќе го убие Јован Владислав со помош на еден од неговите поткупени слуги. Меѓутоа, на место Јован Владислав слугата го убил Теодор Кавхан59.

Царот Јован Владислав (1015-1018), кој веднаш по убиството на Гаврил Радомир го завзел македонскиот царски престол, бргу му станал сомнителен на Василиј II. Наводно, откако Василиј II се уверил дека испратеното писмо од Јован Владислав "е лажно и подмолно" и дека мислел спротивно од она што го ветил, известува Скилица, одново презел походи во внатрешноста на Македонија. По опустошувањето и ограбувањето на околината на Острово, Соск и Пелагониската рамнина, Василиј II го нападнал и Охрид, но брзо се повлекол и тргнал за Драч поради влошувањето на состојбите во Дукља. Тие состојби уште повеќе се влошиле со убиството на дукљанскиот крал Јован Владимир, зетот на Самуил од неговата ќерка Косара, кое станало на 22 мај 1016 година. Во тоа време, Јован Владислав лично или преку своите војсководци настојувал "одново да го освои градот" Драч.

Убиството на Јован Владимир, уште едно во семејните пресметки на пошироката лоза на Самуил, било извршено, истакнува Скилица, кога тој им поверувал на лажните "заклетви" на охридскиот архиепископ Давид и дошол во Преспа. Кај Поп Дукљанин е запишано дека зад сето тоа стоел царот Јован Владислав, кој преку свои пратеници, го намамил Јован Владимир да дојде во неговиот дворец во Преспа, при што го убил во моментот кога излегувал од црквата60. Подоцна Владимировата жена Косара, со одобрение на Јован Владислав, кој во меѓувреме се покајал за извршеното злосторство, го пренела телото на Владимир во местото Крани, каде се наоѓал дворец на Јован Владислав. Дукљанскиот владетел бил закопан во црквата Св. Марија во Крани, каде била закопана и Косара по нејзината смрт. Подоцна од страна на православната црква бил прогласен за светец.По смртта на Јован Владимир во Дукља целосно ја наметнал својата власт царот Јован Владислав. Тој на неколку пати се обидел да го освои и Драч, но, во тоа не успеал. Конечно, под ѕидините на Драч, во јануари или февруари 1018 година, царот Јован Владислав ја нашол и својата смрт. Јован Скилица соопштува, дека Јован Владислав заминал да го опсади Драч надмено и со "варварска" надуеност. Но само што почнала опсадата на градот и се разгорела борбата околу неговите ѕидини, царот Јован Владислав бил убиен. Според Михаило Деволски, Јован Владислав бил убиен за време на борбата која се водела на коњи со стратегот и патрициј Никита Пигонит од страна на двајца пешаци кои притрчале и смртно го прободиле во стомакот61.

Подгризана од внатре и изложена на постојани византиски напади од надвор, по смртта на Јован Владислав набрзо пропаднала средновековната македонска држава, односно Самуиловото царство. Јован Владислав останал последен македонски цар, бидејќи никој од неговите наследници (сопругата Марија, 6 сина и 6 ќерки) не останал на македонскиот царски престол. Останата без централна власт, македонската држава бргу станала жртва на зачестеното доброволно предавство на одделните обласни управници, воени старешини, како и на самото царско семејство. Така тврдината Перник и уште триесет и пет тврдини биле предадени од синот и братот на перничкиот управител Кракра62. Кракра и триесет и петте архонти на предадените тврдини Василиј II ги удостоил со почести. Струмичкиот управител Драгомуж доброволно му ги предал на императорот "тврдините во областа Струмица" за што ја добил титулата патрициј (патрикиј). За патрициј бил прогласен и Богдан, топархот на "внатрешните тврдини" откако ги предал тврдините. Понатаму, по доброволното предавство на Скопје младиот Никулица, кој според Михаило Деволски, бил "на чело на првиот и најхрабриот одред на Самуил", бил удостоен од императорот Василиј II, со титулата протоспатар и стратег.

По овие бројни предавства, конечно Василиј II влегол во Охрид, каде ја ограбил Самуиловата ризница. До крајот на 1018 година биле потчинети и сите други владенија на Самуиловото царство: Рашка, Босна, Далмација и Срем. Во почетокот на 1019 година Василиј II преку Атина победоносно се вратил во Цариград. Во триумфалната поворка, која поминала низ големата врата на Златната Порта, на чело бил императорот со златна круна на главата, која озгора имала челенка (перјаница), додека пред него одела Марија, жената на Јован Владислав заедно со Самуиловите ќерки и други македонски првенци, меѓу кои бил и охридскиот архиепископ Давид. Со сите овие "трофеи", Василиј II победоносно влегол во големата црква и со пеење химни била отпоздравена неговата голема победа, пишува Јован Скилица. Така по речиси 49 годишно постоење бил ставен крај на Самуиловата држава63.

Во истиот период, на северната граница полека земала замав средновековната српска држава, а од исток Бугарија повторно претендирала на овој дел од Балканскиот Полуостров. Така, по доаѓањето на Словените кои преку мешање и асимилација со домородечкото население имале пресудно влијание во создавањето на српскиот, бугарскиот и македонскиот јазик и народ, на тлото на Македонија се сменувале византиското, српското и бугарското владение. Македонија била дел од Бугарското царство на Бориса, дел од Византија за време на различните византиски династии, дел од српската средновековна држава чиј цар Душан се крунисал во Скопје. Во целиот тој сплет на политички промени, посебен печат во македонската средновековна историја оставило постоењето на Самуиловото царство, кое бугарската историографија го нарекува Западно бугарско царство, наспроти некои српски историографи кои го присвојувале македонското средновековие како српско, по проширувањето на Српската средновековна држава кон југ64.

______________________

54-Види: Историја на македонскиот народ, том први,..., 392-396.

 55-Јован Ставракије, Чуда Св. Димитрија Солунског, "Византијски извори за историју народа Југославије"..., том III, Београд 1966,47.

 56-Јован Ставракије, Чуда Св. Димитрија Солунског, "Византијски извори за историју народа Југославије", ...,48.

 57-Види: Историја на македонскиот народ, том први,..., 394.

 58-И Скилица и Поп Дукљанин забележале дека Гаврил Радомир бил убиен во лов и дека убиството го извршил Јован Владислав веројатно, според Дукљанин, во договор со Византискиот цар Василие II.

 59-Јован Скилица, Византијски извори за историју народа Југославије..., том III, 115-116.

 60-Јован Скилица, исто, 117-118.

 61- Историја..., том први, исто, 398.

 62-Кракра (Х-ХI век) бил висок благородник и војсководец во времето на Самуил и на неговите наследници. Како командант на тврдината Перник на двапати (1004 и 1016 година) успегано ги одбил нападите на византискиот император Василиј II. При вториот напад градот цели 88 дена бил изложен на застрашувачка византиски опсада. Јован Скилица известува дека кај Перник на Василиј II "му пропадна не малку време и во опсадата изгуби не малку војска и бидејќи согледа дека тврдината е посилна од опсадата и дека Кракра не омекнал ниту со ласкање ни со други ветувања и пораки тргнал кон Филиполис". Но истиот Кракра, во 1018 година, по смрта на царот Јован Владислав, преку брата си и сина си, во Адријанопол му ја предал на византискиот император тврдината Перник, заедно со други триесет и пет тврдини. За тој чин, од царот Василиј II ја добил високата титула патрициј (патрикиј). Набрзо, истата година, заедно со архонтите на триесет и петте тврдини, во Сер лично му се предал на византискиот император. Неговата натамошна судбина е непозната (Јован Скилица, Византијски извори за историју народа Југославије..., том III, 103; Македонски историски речник,...., 253).

 63-Историја...., том први, 402.

 64-Едно од нерешените прашања во однос на српското присвојување на Македонија и македонската историја е наводно нерешеното црковно прашање помеѓу Срспската православна црква и Македонската православна црква. Користејќи ја црквата како оружје за српските освојувачки претензии кон Македонија, одредени претставници на големосрпската идеја не ја признаваат самостојноста на Македонската црква сметајќи ја расколничка од Српската ("Мајка Црква"). Но, историски гледано, Српската православна црква не може никако да се смета за Мајка Црква во однос на повеќе од четири века постарата автокефална Охридска архиепископија, која е востановена во IX век, а самостојноста на Српската православна црква од Сава Немањиќ дури во 1291 година. Дури и во времето на средновековното српско владеење со Македонија постои автокефалната Охридска архиепископија. Единствено во периодот 1920-1941 (во прва, монархистичка Југославија) македонските епархии биле под доминација на СПЦ. Тој акт бил издејствуван со поткуп даден на Цариградската патријаршија, а потоа со декрет на кралот македонските епархии биле присоединети кон СПЦ, истовремено кога била укината и Црногорската автокефална црква. (В. Ачкоска, Братството и единството 1944-1974 помеѓу хармонија и дисхармонија, Скопје 2003,189).

ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА
Автори Виолета Аковска и Никола Жежов

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 8083 пати
Просечна оцена од посетителите
 3 од 5
Оцена:




 
Запиши
Коментар:

 

четврток, 28 март 2024
Моментно посетители: 57

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Св. ап. Тимотеј
--------------------------------
 Св. мч. Пасикрат, Валентион, Јулиј и др
--------------------------------
 Нова обука на аскерот за Македонија
--------------------------------
 Преп. Теофил Мироточив
--------------------------------
 Македонското име одбрането и со ихитофауната
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: