Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?






Вкупно гласови : 7098
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Историја > Среден век > Ајдутството кај Македонскиот народ
Убиството на Румена Војвода и Стојан Ковачот
Сподели на Facebook
Македонскиот како и останатите народи на Балканот пружал најразличен вид на отпор против честите злоупотреби на власта од страна на османските власти на теренот и турските големци кој постепено прераснувал и во отпор против османското владеење во целост.

Така, почнувајќи од пасивниот отпор, ајдутството, буните и востанијата, во втората половина на XIX век, преку револуционерното национално ослободително движење, овој отпор ја достигнал највисоката организирана форма.

Ајдутството како форма на вооружен отпор било распространето во целата Османска империја, а првите податоци за ајдутството во Македонија датираат некаде од почетокот на XVI век. Својата кулминација ја достигнало во текот на XVII и XVIII век. Поводите за да се стане ајдутин биле различни, а најчесто заради нанесена неправда или насилство врз имотот, животот и честа. Затоа во ајдути се одело заради одмазда. Ајдути најчесто станувале селаните, сточарите, аргатите, а меѓу нив се среќавале калуѓери и попови. Понекогаш меѓу нив се наоѓале и жени - ајдути. Некои од нив се прославиле како војводи. Такви биле Румена и Сирма војвода.

Румена војвода спаѓа во групата опеаните жени во македонската историја. Таа била водач на една од најпрочуените ајдучки дружини за која, покрај дружината на дедо Иљо Малешевски, се знае нешто повеќе65. Румена била под силно влијание на подвизите на Дедо Иљо, војводата Малешевски66 како што впрочем била и родената сестра на Илија Марков Малешевски, Марија Маркова која голем дел од својот живот го поминала во борбените редови на балканските народи против османската власт, рамо до рамо со војводата Малешевски67.

Судбината на Румена Георгиева (татко и се викал Ѓорги) е слична како онаа на многу ајдути, но нејзиниот крај е малку поспецифичен зашто завршува со подло убиство од раката на свој соборец, во едно од крвавите македонски меѓусебни убивања. Родена е во селото Ѓушево (Ѓуешево) според некои податоци во 1826, а според други во 1831 година68. "Како убава, снажна и способна девојка" во 1843 година се омажила со својот соселанец Ѓорѓи. Во 1851 година таа родила еден син - Андон, а кога синот имал 4 години, некаде во 1855 година, по една расправа со Османлиите таа заминала во гората со околу 15-тина заколнати ајдути, да се бори против насилниците кои се изживувале врз незаштитеното македонско население69.

Уште како девојка Румена била грабната од кривопаланечкиот кајмакам, но селаните од неколку села дале отпор. Четириесет од нив биле врзани како бунтовници, но, на крајот биле ослободени заедно со Румена. Според кажувањата на некои нејзини современици што ги запишал Ефтим Каранов, откако се омажила имала врски со некои сејмени од Кулата на Деве Баир и со некои арамии. Во случај на било какво убиство по патиштата, властите секогаш ја барале Румена. "Ту ја носеле на истрага во Паланка; ту ја мачеле да ја потурчат. Татко и го одвеле во Скопје, го држеле една годика во затвор. Се вратил болен и умрел. Една голема потера пристигнала дури од Нишко за прогонување на Дедо Иљовата чета; ја фатиле Румена и ја тепале на сред село да каже нешто ако знае; кога ја тепале молчела, но кога станала гордо се издигнала и рекла: Има да видите"'70.

Непосредниот повод за одметнувањето на Румена во споменатата 1855 година било нејзиното скарување со некој Турчин и неговото убивање. Тогаш оставајќи аманет до семејството да го чуваат нејзиниот син единец Андон, таа изјавила: "Ајдутин сум, целиот свет пропиштел на мене! Штом е така нека станам ајдутин..."71. Потоа заедно со ковачот од село К'ркља (Стојан Ковачот или Стојан К'ркљански) си дале клетва за посестримство и побратимство и одлучиле да соберат ајдучка чета, на која војвода ќе биде Румена, а бајрактар Стојан72. Дружината била набрзо составена, а биле обезбедени и јатаци.

Во периодот од 1856 до 1860 година (според други податоци од 1858 до 1861 година73) дружината на Румена непрекинато ги заплашувала насилниците, а посебно беговите кои, и покрај многу обиди, не можеле да ја фатат. Станала прочуена "Планинска царица". Под вештото раководство на Румена и Стојан, нивната дружина развила богата дејност, ликвидирајќи неколку турски арамиски чети, одделни насилници и др. Против дружината доаѓале многу потери од околните градови, а една и од Битола, но со помошта на бројните јатаци и на селаните, таа секогаш успевала да избега, префрлувајќи се од еден крај во друг. Се тврди дека Румена ги напаѓала и христијаните, особено чорбаџиите, а секако и предавниците и соработниците со османските власти и бегови74.

Дружината на Румена дејствувала самостојно, но кога зачестиле потерите се обидела да се поврзе со дружината на Иљо Малешевски. Во истото време војводата Малешевски бил во Србија, а Румена успеала да стигне дел од неговата дружина во областа на Врање. Сепак, во тоа време тешко можело да се прифати жена-ајдутин, така што ајдутите на Иљо Малешевски се однесувале со презир и омаловажување кон неа75. Неприфатена, четата на Румена се вратила на својот терен76, но под силниот притисок што дотогаш го поднесувала, почнале внатрешни несогласија и сомнеж во побратимството и посестримството помеѓу Румена и Стојан. Ајдутите почнале да веруваат дека причина за неуспесите на дружината било токму распаѓањето на ова побратимството и посестримство.

Еден ден, кога дружината се наоѓала во некои колиби меѓу селата Градец и Габер - Кривопаланечко, се случил еден од ретките трагични настани во македонското ајдутство. Ајдучките другари на Румена и Стојан, Спасе од с.Градец и Милко Патлиџанот од с. Габер го извршиле најлошото. Според Каранов, "Спасе бил физички и морално ниско, црно човече и тој најмногу ги напаѓал Румена и Стојан зашто сакал да стане војвода. Тој велел Не прилега жена да не води!' Бил мошне задоволен кога убедил неколцина од дружината за да ја убијат Румена и тоа под оправдување дека таа го изневерила посестримството". И така Спасе и Милко, наместо да се одделат и да формираат посебна чета, кога Румена и Стојан спиеле во колибата, со дрва ги убиле.

За убиството на Румена и Стојан постојат повеќе верзии, но најприфатлива е онаа што ја запишал Каранов, бидејќи истата му ја раскажал самиот Спасе, кој живеел извесно време во Ќустендил и неколку години пред 1886 година умрел таму. Така, Румена и Стојан биле подло убиени, не од претставниците на османската власт, туку од своите содругари. Мотивот за убиството лежел во преголемите амбиции на едно "физички и морално ниско, црно човече", на нивниот другар Спасе, но, според други кажувања тие биле убиени од свој четник потплатен за таа крвава работа. Каранов наведува дека тоа се случило во 1861 година, но според некои истражувања убиството на Румена и Стојан, како и убиствата на нивните противници, значи и растурањето на дружината, станало во 1862 година77.

Веднаш по убиството на Румена и Стојан, дружината го избрала за војвода Спасета и повторно положила заклетва на верност. Но, дружината броела само петмина, зашто другите ја напуштиле. Овие дејствувале неколку месеци. Потоа Милко и Пешо дедо Пејчинов и двајца други ајдути, кои биле сметани за виновни за смртта на Румена и Стојан, на спиење биле убиени во с. Жидилово, Кривопаланечко. Убиството го извршил другарот на убиените, Стоилко од с. Трново, Кривопаланечко, кој по извршената одмазда се предал на властите. Војводата Спасе останал жив, зашто тој ден отсуствувал78. Така братоубиствено завршила дејноста на оваа истакната ајдучка дружина, која развила значајна дејност во заштита на народот, а особено на сиромаштијата од злоделата на грабежите на разните разбојници и од самоволијата на претставниците на османските власти.

Убиството на Румена војвода и на бајрактарот Стојан Ковачот спаѓа меѓу првите вакви забележани убиства за време на османското владеење од поновата историја во низата на македонски жртви од македонски убијци или предавници.

__________________________

65-За дејноста на Румена војвода, главно, дознаваме преку драгоцените податоци што ги собрал Ефтим Каранов од нејзините современици. (Види: Е. Каранов, Румена Войвода, Очерк из Осоговските планини, София 1886).

 66-Војводата Дедо Иљо Малешевски претставува една од најмаркатните личности на балканската историја, личност која дала свој значаен прилог и оставила печат во национално-ослободителните борби на балканските народи против османското владеење.

 67-Марија Маркова-Поп Георгиева родена во Берово, сестра на војводата Иљо Марков (дедо Иљо Малешевски) била една од првите жени ајдути во Македонија која му била "сопатничка во пре-родбенските националноослободителни борби во Македонија, Тракија и Горна Бугарија - со осумдесет годишен револуционерен живот непрекинато на Балканот". Нејзиното револуционерно име било "Рошко". Таа учествувала како "бајрактарка" на Дедо Иљовата дружина 1827-1828 година по реката Бистрица, потоа по околината на градот Бер за врема на грчките ослободителни борби "каде Иљо војвода со шестотини борци-Македонци извршил напад на голема турска војска, на која и нанел тежок удар". Марија, исто така "учествувала како борец во Македонскиот батаљон предводен од Иљо војводата, во Кримската војна" кај Севастопол, потоа при нападот на Белградското кале и во многу други борби. Починала во село Рила во 1916 година. (Зоран Тодоровски, Војводата Дедо Иљо Малешевски во архивската документиција, "Војводата Дедо Иљо Малешевски и неговото време", Берово 2000,128-129).

 68-Д-р Ристо Поплазаров ги прифаќа податоците на Каранов, според кои Румена се родила во 1831 година, но нам ни е поприфатлива 1826 година со оглед на тоа што Румена се омажила во 1843 година, што значи не на 14-годишна, туку некаде на 19-годишна возраст. (Ристо Поплазаров, Ослободителните вооружени борби на македонскиот народ во периодот 1850-1878, Скопје 1978, 126; Е. Каранов, Румена Войвода, Очерк из Осоговските планини, София 1886,12-15).

 69-Македонски возрожденци и револуционери, Скопје 1950, 32.

 70-Е. Каранов, Румена Войвода,..., 16-18.

 71-Е. Каранов, исто,..., 19.

 72-Според други податоци, еден период, Румена била бајрактар на четата на Стојан Ковачот. Е.

 73-Каранов, Румена Войвода,..., 25.

 74-Каранов запишал: "Румена не им беше толку драга на богатите, но затоа за посиромасите минуваше како добар војвода и закрилник. Многу аги и богаташи биле прогонувани од Румена за пакостите што ги правеле над сиромасите. Познато е кажувањето дека Румена веднаш му дала на еден сиромав 300 гроша да си купи коњ..." (Е. Каранов, Румена Воивода,..., 20-22).

 75-За ова прашање Каранов го прашал Дедо Иљо кога бил во Бугарија дали знае нешто за Румена. Дедо Иљо му кажал: "Таа го молела Стаменко од село Очипаље да ја прими во нашата чета со целата нејзина чета, но тој не ја примил; 'такви џвркли нам не ни требаат' рекол тој. После јас се лутев на Стаменко зашто не ја довел. Но сепак такви џвркли не ни требаат". (Р. Поплазаров, исто, 129, според Е. Каранов, исто, 22).

 76-Притоа Румена најпрво отишла во селото К'ркља и му ги оставила "сите свои пари на Ѓорѓи Стојанов, брат му на Стојан, кој потоа умре во затворот Канли-куле во Солун. Тука веќе се појавиле во четата разногласија и навистина четата на Румена веќе одеше кон распаѓање, велел еден старец од с.Црноок..." (Е. Каранов, Исто).

 77-В. Паскалева, Бъграката през възражданието, София 1964,198.

 78-Е. Каранов, Румена Войвода,..., 27-28.

ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА
Автори Виолета Аковска и Никола Жежов

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 6658 пати
Просечна оцена од посетителите
 4,95 од 5
Оцена:




 
Запиши
Коментар:

 

понеделник, 05 декември 2016
Моментно посетители: 411

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Први зоолошки истражувања во Македонија
--------------------------------
 Најкрволочното куче од антиката и Македонците
--------------------------------
 Првиот златен медал на македонски фотографи
--------------------------------
 Византија паѓа заради долгови
--------------------------------
 Царот на Јапноија во 1976 г. ја посети Македонија
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: