Илинденско востание - Борбите во Крушево

Во текот на Илинденското востание во Крушево е достигнат највисокиот дострел на револуцијата. Создадена е Крушевската република, прва на Балканот и светилник на македонското револуционерно движење.


Видео - Крушевската Република


Анимација - Борбите во Крушево 1
Анимација - Борбите во Крушево 2
Анимација - Борбите во Крушево 3

Крушевскиот востанички реон со центар во градот Крушево ја зафаќа територијата меѓу р. Блато на исток, реката Црна и Прилепско на југ, реката Велика на север и Демирхисарскиот реон на запад. Теренот е исклучително планински и ридест што овозможува активна востаничка дејност. Крушевскиот востанички реон го населувале околу 10.000 жители и тоа 5.000 Македонци, 4.000 Власи, 400 Албанци (христијани) и други. Основа на стопанството било вонредно силно развиеното сточарство во околните села, на кое се надоградувале трговијата и развиеното занаетчиство. Градот имал развиена училишна мрежа и напредна интелигенција.На Смилевскиот конгрес било избрано горско началство, односно Штаб на крушевскиот востанички реон, во состав: Никола Карев, командант, потпоручник Тодор Христов, офицер, родум од Велес, Тома Никлев од Крушево и Антиноген Хаџов, учител во Крушево, родум од Струга. Слободарските традиции, активноста на ТМОРО и националните чувства биле изразено присутни, па од почетокот собрале 1.200 востаници.


Никола Карев
По враќањето на Никола Карев од Смилевскиот конгрес во Крушево биле преземени широки организациони и материјални подготовки. Во тие рамки било извршено и довооружување со пушки кои се набавувале по разни канали од Грција, од Албанија, од Тетово, од Кичево и од други места. Според инструкциите на потпоручникот Тодор Христов, во с. Селце биле изработени шест црешови топчиња, од кои две биле употребени при одбраната на градот. Заради зголемување на бојната подготовка на единиците, со сите идни востаници сукцесивно била организирана десетдневна обука во ракување со оружје и извежбување на тактички постапки. Покрај ова, била формирана специјална група во состав од: Ташко Попхристов, Никола Карев, Наум Томалевски, Стерјо Блажев и други со задача да извршат логистички подготовки за востанието. Биле изградени посебни востанички фурни во месноста Осој и во с. Пуста Река, каде се складирале прехранбени продукти и други материјални средства наменети за востаниците (облека, обувки, муниција и сл.). Покрај востаничкиот штаб, било одредено револуционерно биро во состав: Григор Божинов - трговец и Тодор Павлов - учител. Учителката Коца Јосева сошила специјално црвено знаме за крушевските востаници.

Врз основа на решенијата и усвоената концепција за водење на вооружената борба на Смилевскиот конгрес, Штабот одлучил востаничките дејства да почнат со напад и разбивање на турскиот воен гарнизон во Крушево. Одлуката била донесена врз база на деталната проценка на ситуацијата, имајќи ги предвид следните околности:
 
* турскиот воен гарнизон бил релативно мал - со околу 60 војници, неколку жандарми и вооружени цивили - вкупно помалку од 100 лица под оружје, што во однос на востаничките сили било малку, па имало реални можности за успех на почетната акција. Гарнизонот бил значително оддалечен од околните гарнизони (Битола, Прилеп, Кичево);
* земјиштето околу Крушево е високо планинско, тешко пристапно и пошумено, и со другите градови било поврзано само со еден пат кон Прилеп. Овие погодности давале можности за прикриено спроведување на подготовките и незабележана концентрација на силите;
* населението главно било приврзано за револуционерното дело во градот, а особено во околните села;
* интервенција на турските сили во најдобри услови можела да се очекува за 8-10 часа, што давало доволно време за извршување на поставените задачи. Имајќи предвид дека било планирано востанието да започне едновремено на целиот простор на Битолскиот револуционерен округ, можностите за интервенција значително се намалиле.


Четата на Тодор Христов

Раководејќи се од овие моменти, Штабот ја донел спомнатата одлука, што била реална и што обезбедувала услови за постигнување целосен успех во извршувањето на почетните акции. Основната замисла на оваа одлука била со брзо, прикриено, ненадејно и решително дејство да се разбие турскиот гарнизон во Крушево и да се ослободи градот пред да уследи интервенција на поголеми сили од соседните турски гарнизони, а потоа да се воспостави востаничка власт и да се организира одбрана на ослободената територија. Врз основа на вака поставената замисла, Штабот извршил групирање на силите на следниот начин: главните сили биле ангажирани за блокирање и надворешно обезбедување на дејствата од евентуални интервенции на непријателот од сите правци, а помошните сили биле ангажирани за непосредно разбивање на непријателските сили во градот. Притоа, во главните сили биле ангажирани шест востанички одреди, а во помошните два востанички одреда. За вакво групирање на силите Штабот веројатно се определил со цел да се обезбедат сигурни услови за непречено дејство на силите во градот, кои, иако помалубројни, според важноста на задачата биле главни. Се појавиле и определени тешкотии што сигурно би биле избегнати ако овие сили од почетокот на дејството биле поголеми.

Крушевско горско начелство од 1903 година

Деталното групирање на силите било извршено според следниот план:

* одредот на Андреј Димов, со подвојводата Коста Попето, да ги заземе уќуматот, телеграфско-поштенската станица, домот на државниот благајник и жандармеријата;
* одредот на Иван Алабакот (од Велес), со подвојводата Георги Ивановски, да ја заземе касарната во која бил сместен аскерот;
* одредот на Питу Гули, со секретарот Коста Божинов кој бил составен од припадниците на македонската селска милиција, да го заштити Крушево од јужната страна, од правецот на Острилци, Бирино и Трстеник. Знаменосец на одредот бил Ѓорѓи Димов. Со оглед на тоа дека овој одред имал 300 души, имал задача да помогне таму каде што е потребно;
* одредот на Марко Христов - Мирче да го заштити градот од североисточната страна, кај месноста Липа. Подвојвода е Велко Пецанов, а секретар Џоџа Пантов;
* одредот на Ташко Карев да го заштити преминот кај Којов Трн;
* одредот на Христо Тасев да ја запоседне позицијата на преминот Павлева Чешма;
* одредот на Коста Христов да ги запоседне позициите на преминот Муратова Чешма;
* одредите на војводите Ѓурчин Наумов и Ѓорги Стојанов да ги запоседнат позициите кај месноста Дели Камен, меѓу Слива и Бушова Чешма, на северозападната страна од правецот на Пуста Река. Цветан Алексов од Сланско мобилизирал 30 души од неговото село, а до пристигнувањето во Крушево одредот се зголемил на 90 души.

На 30 јули 1903 година во Биринската Планина Крушевскиот востанички штаб одржал состанок на кој присуствувале Никола Карев, Тома Никлев, Иван Наумов - Алабакот, Андреја Димов - Докурчев, Питу Гули и потпоручникот Тодор Христов. Тогаш дефинитивно бил завршен планот за преземање на Крушево и биле поделени задачите на одредите. Тајноста за нападот била сочувана, а во градот за нападот знаеле само Григор Божинов и Тодор Павлов, кои се распоредиле на одредените места и подготвени го очекувале сигналот за почетокот на востанието. Потоа, оваа група војводи го објавила почетокот на востанието, а владата во Крушево, односно Никола Карев покрај останатите мерки во однос на одбраната, за да го придобие муслиманското население во околината на Крушево, особено тоа да не се вклучува во башибозукот, го испратил Крушевскиот манифест до турските села во кој, меѓу другото, се наведувало: "Ние не кренавме пушки против вас. Тоа би било наша срамота. Ние не востанавме против мирниот, трудољубив турски народ што се прехранува како и ние со крвава пот - тие се наши браќа и со нив сакаме да живееме. Не сме излегле да колеме, да крадеме и да грабаме. Доста ни се зулумите на многу зулумџии во нашата окрвавена Македонија. Не сме кренале да ги покрстуваме вашите мајки и сестри, жени и ќерки. Ние не сме разбојници, туку револуционери што положиле клетва да умрат за правда и слобода. Ние се бунтуваме против тиранијата и ропството, против зулумќарите, против насилниците на нашата чест и против оние што ја цедат нашата пот и го експлоатираат нашиот труд. Немојте да се плашите од нас и од нашите дела - нема никому да му нанесеме штета... Ако нé имате како свои браќа и ни го мислите доброто, ако сакате и натаму да живеете со нас и ако сте достојни синови на Македонија - можете да ни помогнете само со едно, а тоа е голема помош за нас, не здружувајте се со душманите, не кревајте пушка против нас и не правете зулуми. Да живеат борците за права и слобода и сите чесни македонски синови!"

Од ваквата прокламација биле воодушевени речиси сите позначајни луѓе од турското население, а командантот на Крушевскиот гарнизон поручникот Сулејман Али кој по нападот на востаниците врз касарната успеал да се извлече и да се прибере во селото Алдинци, откако го прочитал Крушевскиот манифест, напишал писмо и го испратил до владата на Крушевската република. Во писмото се наведува: "Неустрашиви! Живо ме заинтересира прокламацијата што ја испративте до моите сонародници. Од неа, а и за тие два дена и од вашите акции, гледаме дека неправедно сме ве третирале како разбојници. Вашата цел е голема и вашата борба е смислена. Напред, по овој страшен, но славен пат по кој сите народи дошле до слобода! Молејќи го својот голем Алах да ги заштити оние што се во право, дозволете ми да ви се обратам со една молба - уништете ја нашата кореспонденција". Прокламацијата направила силен ефект кај турското население што влијаело кај дел од заведените да не се приклучуваат кон башибозукот, што претставувало вистинската помош за востаниците.
Питу Гули

Развојот на силите и запоседувањето на позициите биле изведени благовремено, точно според планот и незабележано од турските власти. Нападот на градот почнал на полноќ со едновремено дејство на двата одреда, а првиот истрел го истрелал востаникот Вангел Топузов. Одредот на Андреј Димов целосно ги исполнил добиените задачи, без некои особени проблеми. Отпорот на жандармеријата во уќуматот бил совладан и зградата заземена, додека службениците се предале без отпор, а целата архива била запалена. И персоналот на поштата не давал отпор, како и двајцата офицери кои живееле во куќата на Коста Стојанов. Жилав отпор давале таксилдерите (даночниците) кои не сакале да се предадат, па загинале сите до еден. Сите овие задачи биле извршени до утрото на 3 август.

Одредот на Иван Алабакот наишол на силен и организиран отпор од аскерот во касарната, предводен од Сулејман Ефенди. Бидејќи сам не можел да ги совлада војниците, Штабот ја ангажирал својата резерва која била формирана од дел на одредот на Питу Гули. Со ангажирањето на резервата и употребата на запаливи средства, по 13-14 часовна борба, отпорот на аскерот бил скршен. Биле заробени деветмина војници, а 17 на чело со старешината успеале да се извлечат од обрачот и да избегаат во турското село Алдинци, во правецот на Прилеп. Во овие борби паднале осуммина востаници, а 16 востаници и граѓани биле ранети. Од ненадејното и ефикасно дејство на револуционерните сили Турците биле целосно изненадени, но тие брзо реагирале во новонастанатата ситуација. Веќе истиот ден, т.е. на 3 август, Турците ангажирале делови од третиот полк од Прилеп, како и турскиот и албанскиот башибозук од Крушевскиот регион, вкупно околу 300 војници и башибозуци, и ги упатиле на Крушево. Кај Спилите и Калето овие турски сили биле дочекани од одредот на Марко Христов - Мирче и биле отфрлени. Помали групи аскери и башибозуци од околните турски села пробале да се пробијат во градот во текот на 4 и на 5 август, но тие биле ефикасно спречени и до 11 август траело борбено затишје.

На 4 август во месноста Дели Камен четата на војводата Ѓурчин Наумов пресретнала башибозучки одред кој настапувал од с. Дреново. Во тој судир Турците откако загубиле 20 души се повлекле во панично бегство. Истиот ден Горското началство на чело со Никола Карев влегло во Крушево. По свечениот пречек биле свикани 60 души првенци од сите националности (Македонци, Власи, Албанци) и била избрана шестчлена "привремена влада" во која влегле: Дину Вангел - претседател и раководител на судот; Ѓорѓи Чаче - секретар и евидентичар на реквизицијата; Теохар Нешков - благајник; Христо Куркчиев - градоначалник и раководител на полицијата; Димитар Секулов - одговорен за храна; д-р Никола Баљо - одговорен за здравството. Веднаш потоа бил избран совет, односно влада за чиј претседател е избран Никола Карев кој ја прогласил Крушевската република во која за првпат во историјата на балканските народи Македонците, Власите и Албанците избрале заедничка влада. Таа иста влада правела максимални напори да го заштити и да му овозможи рамноправност и на лојалното муслиманско население.
Ѓурчин Наумов

По ослободувањето на Крушево револуционерната власт веднаш се зафатила со подготовки за одбрана на слободниот живот. За снабдување на востаничката војска со муниција, облека, опинци и други потреби, како и за поправање на расипаното и дефектно оружје неколку куќи и дуќани биле претворени во работилници: леарници на куршуми од различни калибри, арсенал за полнење на патрони и поправки на пушки, работилници за опинци, реденици и др. Населението во леарницата доброволно носело домашни садови од кои се лееле куршуми. Во нив работела веќе спомнатата младинска (интелектуална) група, крушевски железари, пушкари, сарачи и др.

Во Селце засилено се изработувале дрвени црешови топчиња. Штабот на востаниците изработил план за одбрана на градот, потпирајќи се на редоследот на единиците и позициите запоседнати уште при ослободувањето на Крушево. Според планот, поручникот Тодор Христов, презел широка акција за изградба на цел систем од ровови заради што поуспешната одбрана на слободната територија. Во неговата изградба учествувале како борците така и граѓаните, особено младинците. Пред претстојната турска офанзива, борците биле снабдени со доволно муниција. Во меѓувреме, продолжила концентрацијата на аскерот од Скопскиот и од Солунскиот вилает во Битола. Врз основа на концепцијата и планот што го изработил новопоставениот главен командант на турските сили, Назир-паша, за борба и разбивање на востаничките сили, извршена е концентрација од 5-12 август во поширокиот реон на Битола - Прилеп - Кичево на околу 40 пешадиски баталјони, неколку коњанички единици, 3-5 артилериски батерии со 18-30 топови, или околу 18.000 војници, вклучувајќи го и турскиот башибозук.

Андреа Димов - Докурчев, Антон Ќошето и Марко Христов

Овие сили биле групирани во три колони:

* главната колона од околу 10.000 војници пешаци, придружувана од коњаница и од артилерија, дојдени од Косово каде се бореле со востанатите Албанци, под непосредна команда на жестокиот Бахтијар-паша, настапувала кон Крушево од исток, од правецот на Прилеп и Кривогаштани;
* втората колона од околу 3.000 пешадинци, поддржана со артилерија, настапувала од јужната страна, на правецот: Битола - Демир Хисар - Прибилци - Крушево;
* третата колона со околу 5.000 војници, со коњаница и ридска артилерија, настапувала од северозапад на правецот: Кичево - Пуста Река - Крушево.

За толку брзо и енергично преземената акција за задушување на востанието во Крушево, Турците имале три основни причини:

1. во Крушево била воспоставена народна востаничка власт и била прокламирана Република, со што нејзиното подолго задржување и развивање би имало несогледливи политички последици за Империјата пред европската јавност;
2. во него биле концентрирани значителни востанички сили - околу 1.200 востаници;
3. Крушево претставувало значајна економска база за снабдување на востаниците со основни борбени потреби - храна, облека, муниција и др.

Бахтијар-паша, кој непосредно командувал со турските сили одредени за задушување на Илинденското востание, на 12 август 1903 година ги распоредил силите според следниот тактички борбен распоред: околу 2.000 војници упатил на север кон селата Норово и Селце за да ги надвиси востаничките сили во Крушево. Еден одред од 4.000 души во с. Прибилци е поделен на две групи кои тргнале преку с. Острилци и Кочиште за да го нападнат Крушево од југозапад. Одредот од 2.000 души кој наидувал од Кичево, пристигнал кај Бушовата Чешма (северозападно од Крушево).

Овие сили го опкружиле Крушево, по што Бахтијар-паша испратил ултиматум до Востаничкиот штаб да се предаде. На ултиматумот Штабот одговорил категорично: "Востанавме не да се предадеме, туку со оружје да се бориме за слободата на Македонија". Настанале првите престрелби. Старите и децата биле испратени во коријата, другите сите учествувале на разни начини во одбраната на Крушево. Одредот на Ѓурчин Наумов ги бранел височините под кои минувал патот Битола - Прилеп. Иван Алабакот ги бранел месностите Бушова Чешма, Дели Камен и патот за Кичево, Ѓорѓи Стојанов го бранел проодот Слива, а Ташко Карев патот за с. Кочиште кај месноста Коjoв Трн. Групата на Тодор Христов ги зазела позициите кај манастирот "Св. Спас". Одредот на Питу Гули го бранел карпестиот врв Мечкин Камен. Неколку часови пред да започне бојот Питу Гули извршил обиколка на востаниците при што востановил дека од 300 души 70 немаат оружје, па ги распуштил дома да си одат. Штабот на востаничките сили се наоѓал на Гумење од каде се набљудувало целото Прилепско Поле.

Четата на војводата Питу Гули

Црешово топче

Откако Штабот бил известен за пристигнувањето на турската војска од правецот на Кичево, бил свикан војводскиот совет, кој ја разгледал новонастанатата ситуација и решил да се отстапи и да се изврши извлекување од борбата во реонот Пуста Река - Зашле, а на Привремената влада и препорачал градот да му го предаде на непријателот со цел да се зачува од уништување. Притоа било планирано, при повлекувањето непријателската главнина да се наведе во теснините на долината на реката Жаба, западно од Крушево, каде што со помошта на демирхисарските и на кичевските одреди да им се нанесе тежок удар. Но, до реализација на тоа не дошло, зашто во моментот кога е донесена оваа одлука турските сили веќе го затвориле обрачот, а реонот на р. Жаба веќе бил во рацете на турските сили.

На последното војводско советување било одлучено да се сочуваат востаничките сили и да се повлечат од градот. Во меѓувреме, пристигнал курирот од Слепчанскиот манастир кој носел писмо од Борис Сарафов за Питу Гули и во кое Главниот штаб советувал крушевските востаници да отстапат пред многуилјадниот турски аскер. Питу Гули одлучил да се бори до крај изговарајќи: "Нема ли слобода - има смрт". На 13 август околу 10 часот Бахтијар-паша издал наредба за артилериска стрелба. Потоа започнало концентрично настапување од четири страни. Обрачот постапно се стеснувал. Крушево почнало да гори. Главниот штаб испратил наредба востаничките сили да го напуштат градот. На тоа се спротивставил Питу Гули. Неговите четници загинуват до последниот човек. Загинал и војводата Питу Гули. Последните 34 востаници последниот куршум го чувале за себе и така заедно самопожртвувано влегле во незаборавот.
Во месноста Слива била четата на Ѓорѓи Стојанов. Тој пункт се сметал за најзначаен за извлекувањето на населението за одбраната на Крушево. Четата на Стојанов овозможила да се повлече населението, ископала ровови, по населението се извлекла и четата на Иван Алабакот кој го, повикува и Стојанов да замине во гората, а војводата.

Четата на војводата Блаже Крстев - Биринчето

Ѓорѓи Стојанов со своите 40 четници, меѓу кои и една девојка во брсјачка носија, останале во рововите. Четата на војводата Ѓорѓи Стојанов ја почитувала наредбата на Горскиот реонски штаб, поради тоа го овозможила извлекувањето на населението и на четата на Иван Албакот која била во заштита на населението. Со оглед на тоа дека војската силно притискала, Ѓорѓи Стојанов со цел што подолго да ги задржи турските сили и населението да ја фати гората, останал до крај. За повлекување веќе било доцна, настапил моментот за влегување во историјата како најсветол пример од Илинденската епопеја. Четириесет души, меѓу кои и младата брсјачанка, самопожртвувано ги положиле животите во темелите на слободата и во народната меморија за постоењето на Крушевската република. Со нивното самопожртвување биле спасени илјадници луѓе кои успеале да се повлечат. Четата на војводата Ѓорѓи Стојанов со 40 души и на војводата Питу Гули со 34 души го чувале последниот куршум за да го завршат својот живот, таму на Слива и на Мечкин Камен. Таквите примери станале светилници во македонската историја како доказ за борбеноста и за високиот патриотизам кон татковина, но и како завет на генерациите.

На 13 август 1903 година Крушево било потполно ограбено и опожарено. Башибозукот и војниците обесчестувале, грабеле и убивале. Стотици биле уапсени и испратени во затвор. Особено настрадале Крушево, и селата Селце, Растоица и Журче. Вкупно убиени имало 139 души, обесчестени 165 жени, изгорени 217 куќи и 210 дуќани, обездомени останале 1.170 души. Наредната година мајките ги задушиле децата што ги родиле.
---------------------------------------------------
Извор: Илинденско востание со слика, текст и звук
Д-р Ванче Стојчев