Жената го запопила мажот
Си биле една жена и еден маж многу сиромаси.
Думале, шестале мажот и зкената, како од како да си најдат некој крај, да не бидат толку сиромаси.

И текнало на жената еден марифет да направи.
Купила еден кат руба поповска од телал в чаршија и го зела мажа и, та го однесла во селата за поп да биде во некое село.
И за касмет нашла едно село та го главила да попува, при се што не знаел книга.
Им се курдисаа во селото поп и попадија.
Јадење, пиење, дестур имало.
Асли како што бараа.

Поминало многу време, и дошол владиката в село да ги види рисјаните како живеат без поп.
Ги собрал во една куќа сите селани и им нарачал за в црква сите да дојдат.
Родено што имаат, да донесат да им крсти, умрено да им пее, и да ги причести*.
„Колку за в црква, ќе дојдеме, света владико, му рекле, a за родено, умрено и причестување, нам попот ни ја видува таа работа."

Кога ја чул владиката таа работа, се зачудил откај нашле поп што си зеле.
Го викнал попот при себе да го испита; од каде е и кој го направил поп.
My се претставил попот, пред владиката и му сторил една метанија, та му бакнал рака. „Од кај си ти, бре попe, го прашал владиката, и кој те попопил?"

„Од фиљан село сум, света владико, му рекол, и жената ми ме попопила."
Кога му ги чу владиката тие зборови од попот, на чудо стана како може една жена да прави поп.
На часот ја викнал жената му и јa прашал дали е вистина тоа што вели мажот и.
Откога се увери од жената оти таа го направила поп, без да знае книга, и свикал со лутина и и рекол;
„Како можеш ти, мори жено, да го правиш поп мажа ти?"
„Маж ми е, света владико, му рекла, затоа можам поп да го направам,
ако сакам и владика го правам."
Кога го чул тој збор владиката, заќутел и сам со себе си рекол:
„Во едно село слепи, еден со едно око ги води."