Исарот во Штип
Во градот Штип има една тумба висока; на врвот од тумбата има едно кале што го правел Марко Крале.
Кога го правел Марко калето, сестра му на Марка пак ја правела клисурата крај реката Брегалница.
Кога се опулил Марко од Исарот и ја видел сестра си кај работи со аргати, да ја цепи клисурата, и викнал отаде и ја прашал:

„Што правиш, мори сестро, тамо покрај брегот на реката?"
„Ќе го цепам брегов, брате, да отворам пат во клисурава, за кој да помине со раат и без страв да врви и песна да запее," му рекла сестра му.
И вистина, како што рекла сестра му од Марка тогај, така си е и ден денеска.
Секој што ќе го донесе патот за да помине низ клисурата не е чаре да не запее. Ете како непендек било што секој запевувал врвејќи по патот низ клисурата. Дип, дип, веќе ако не знае некој да запее песна, пак ќе свирне или ќе викне; шу ќе покаже едно веселие, за да се исполни зборот од сестра му на Марка.

„Ами ти, бре брате што правиш тамо? — му рекла сестра му на Марка,
на врвот од ридот?!
„Јас правам кале, сестро, за да се бранам од душмани."
„Ејди брате, залудо толку маки што ќе сториш, чунки неправиш работа вековита.
Дури си жив ти,
може да стои здраво тоа кале што го правиш, a откога ќе умреш ти,
утките ќе утаат по кулите од калето."
„Али утките ќе утаат, мори никаквице, и рекол Кралевиќе Марко налутено, чекај се сега, оти те отепав како змија со каменов!"

Уште не беше ги дорекол тие зборови, ја извадил сабјата од ножница и мавнал на еден камен неколку пати, та отсекол едно парче колку илјада ока и го дигнал на колено, та го кренал на едната рака и го фрлил на сестра си, за да ја отепа.

Арно ама Господ ја учувал, за да не ја убие Марко, чунки клисурата ќе останела недоправена и немаше сега да се прикажува за неа, да се чудиме на умотијата на сестра му од Марка и на јунаството од Марка.
Фрлајќи го Марко каменот, одошто го фрлил силно, дека бил налутен на сестра си, тики го префрлил преку неа, и паднал во Беседските гумење, колку пол саат далеку од калето.

И ден денеска си стои тој камен, и сите штипјани го викаат Марков камен.
Кај што мавнал со сабјата Марко, се познава, и кај што го допрел до коленото каменот, е пропаднат, веќе асли како што му било коленото од Марка, а пак кај што го држал со рака, му пропаднале прстите и се познаваат, аслим веќе како прсти да пропаднале.