Самовила - невеста
Имаше еден човек, кога се роди, нему му задумаја наречниците жена. Једна му вика: „Оваја ќе бидит!“ Друга вели: „Онаја ќе биди!“ А дзадната рекла: „Ајде, ќе му наречеме и ќе му ја дајиме од нашите девојки, једно самовилско чупе; нека земи самовилска пауница!“
Како дзадната ќе наречи, така ќе биди! Сторија!
Кога дететото нарасна маж, не можеше да се ожени. Тражеше жена во неговото село, ами не ја најде. И он тргна да оди во једен град; ко велеше, там ќе најди. Одил, поодил. На еден мос го најде једен дедо. Тој дедо врзал једна ќесија со пари и му вика: „Кој ќе и земи - пишман ќе биди; и кој ќе ји не земи - па пишман ќе биди!“

Он, човеко, ји зеде тија пари, и дедо му рече: „Синко, да купиш една крава, да ја заколиш, да ја одериш, да се пикнеш во кожата од кравата; ќе дојдат три орли, ќе те дигнат и ќе те занесат на некоје место - тоа ти је тебе стреќа!“

И он, човеко, така изработил. Дошле три орли, го кренаја и го занесоа на једна голема стена. И он зеде ножо, пресече кожата и излезе. Се рашета по онаја стена. Виде од стената једна дупка право удолу. Во онаја дупка имаше мраморни камени скали. Он слезе: отидна во долнијо свет!

Најде тамо једна баба. Таја варила три казани чорба за самовилите. И баба го пита оној чоек: „Како дојде ти, синко?“

И он ји кажа како што је било.

- Јаз - рече, - ќе одам на вода; да не пипнеш нешто од ковчезите!

И не го трајаше кожа него, човеко: отвори једен ковчег и виде внатре једна чупа: убава била, та не може повеќе! И она, баба, си дошла наѕад. - „Синко“ - рече - „да ручаш, ќе ти дам; и да земиш онаја чупа и да си одиш со неја на вашијо свет: таја ти је наречена, да ти биди жена, самовилска пауница да имаш!“

И човеко ја пита бабата: „Ами, како ќе излезим на оној свет?“

- Имам - рече, - једен стари орел што располага во немечко; ќе го викнеме него, ќе му се фатите за по једна нога и он ќе ве симни на вашијо свет. А ти, синко, на оваа жена самовилската руба само заклучена ќе ја држиш во ковчеже; да не ја даваш, да не ти избега.

Тој стари орел ји симнал од долнијо во горнијо свет. И човек, ко си излегол од горнијо свет, ошол дома со невеста самовила. Се чудиле сељаните незината убавина, кај што немаше повеќе! Направил тој човек голема свадба, и си живејале убаво. На трите години невеста самовила родила машко дете. И тога пејале на крштењето, пејале и играле. Жена му се молеше на мажа си: „Дај ми ја мојата самовилска промена, једно оро да изиграм!„

Нункото привика: „Дај ји ја!“

И како човек даде, се излага. Штом си тури на себе самовилска руба, таја си заврте на лево, на десно, сврте ја неговата куќа од темел наопако и му избега во јоблаците.