Сиромаио и арно да речи, никој не го слуша
Еден сиромав чоек седел до некој чорбаџии и слушал што се разгоараа. Муабето му бил за оти имало многу глувци. Поголемиот чорбаџија велел оти глувците му го изгризале железото што го продал на дуќан, и сите му го потврдиле зборо.
- Вистина, вистина, чорбаџии - му рекол сиромаио - има многу глувци, чунки што имав троа брашенце ми го изедоа!

Неќејќи му го зборо чорбаџијата од сиромаио, му рекол:

- Ај не туку лажи, бре чоече, кај јада(т) глувците брашно, да је жито, можи, ама брашно не јадат. Ама не је, браќа, јас као што велам? - му рекол на друзите чорбаџији што биле околу него.

Сите му го потврдија зборо на богатио и го застрамија сиромаио.

- Туф, бре, гиди, јас брашното реков ми го јада(т) глувците, чорбаџиите не ми го потврдија, а пак чорбаџијата рече железото го јадат - тоа што не било до денеска, му го потврдија. Што беше оваа пуста сиромаштија, што ја нема чес? - си рекол сам со себе и уште еднаш не беше пошол при чорбаџиите на муабет.