Ритих за Бугарската пропаганда во Велес и Велешко

Веднаш по ова посета на српското училиште, Ритих продолжува со бугарската црква и пропаганда:


“Од школата се упативме кај митрополитот Авксентија, кој не очекуваше од утрината и ги прими руските гости вонредно љубезно. Бидејќи добил образование и воспитание во Русија, митрополитот Авксентија говори совршено слободно руски и беше задоволен од случајот да се повежба со нас, во разговори на нашиот роден јазик. Нашите придружници – Срби се однесуваа кон него со големо потценување, не дојдоа да ги благослови и се држеа спрема митрополитот крајно предизвикувачки.

Митрополитот Авксентија, наместо да ги смирува со кроткост, самиот се разлути така што нам, на Русите ни беше тешко да ја гледаме нивната препирка. Самоконтролата сосем го напушти митрополитот. Неговиот протест и страв за бугарското дело, на тој начин и се појави на видело, па тој со грозна тирада ги обвини Србите за моралниот распад што го внесле тие во последните години во велешката митрополија.

- Сега просто нема слога со народот – викаше митрополитот.

- Никого не слушаат, ништо не исполнуваат, а ако се заканиш со оддалечување од црквата, тогаш тие в очи ти се смеат и одговараат дека ќе појдат кај Србите.

- Па тоа не личи на ништо – продолжуваше митрополитот и не може така да продолжи, зашто Србите ги расипуваат со пари велешаните и ги уриваат световните основи на црквата, поткопувајќи секаков авторитет и доверба кон повисоката духовна власт. Пред неколку години велешани беа набожни, добродетелни и послушни, сега поради српсаката пропаганда, просто од рака се искубаа и не знаеш што да правиш со нив.

Се ова беше изречено толку пламено и страсно што навистина не доведе на помисла дека бугарската пропаганда во Велес почнува да се ниша и да ги губи своите адепти“.


Како се фалсификувал велешкиот печат со невештиот фалсификат - „Б`лгарско“

За да ги докаже бугарските права над Велес, митрополитот донел некој школски печат датумиран со – 1845 г. и на кој во средината биле изгравирани куќарка, сарај и распеан петел но и натпис “Печ. Велеското Балгарско училиште”, што Србите го посочиле како невешт фалсификат. И Ритих дава во ова смисла свој коментар за печатот како не-бугарски преку членот “Велеското” успоредувајќи го со членувањето кај училиштето во Башино Село.