Ритих за српско-бугарските судири во Велес

Понатака говорејќи за пропагандите во Велес, Ритих ќе каже дека бугарската е посилна но дека и српската дејствува но поплашливо. Се гледа и бескруполозноста во мисијата за преобразба на македонскиот народ од страна на пропагандите. За ова тој вели:


“Иако Србите не дејствуваат во Велес многу енергично и имаат само неколку десетина семејства адепти, тоа произлегува од фактот дека тие се плашат од отворена експлозија на негодување од страна на Бугарите, кои во 1900 г. не се мислеле да убијат еден српски учител на улиците на градот“.

Ритих ни дава и сцена на расправа во крчма (за која уште во Скопје му кажувал бугарскиот комерцијален агент Јуруков) која ја бележи како пробугарска, помеѓу представници на двете пропаганди – бугарската и српската. Расправата кој има поголема бројка во Македонија “свои”, се вжештува што дури и присутниот Влав нафрла бројка од еден и пол милион Власи во Македонија на што Ритих и придужбата се потсмеваат.


Велешките цркви поприште на пропагандните судири

Потоа Ритих дава сцена од црквата Св. “Вознесение Господово” каде го упатиле српските пропагатори на наводните докази за српскиот карактер на Македонците. Но таму не нашле никакви траги освен два гроба со натписи – “Георгија Петровиќ успе в лето 1852 в августа” и другиот “ Здту почивает тело покоинику Петра Димко Нацевиќ успе в,лето 1866 априли“ (според дополнителното објаснение од Ритих, буквата “Ќ” напишана по српски, Србите ја посочувале како доказ дека Македонија е нивна). Ритих за овие српски “факти” ќе каже:

“Освен овие два гроба, Србите не најдоа други соодветни споменици на старина. Сите други натписи на гробовите или беа слични или немаа во себе никакви карактеристични српски букви“.
Србите во недостаток на повеќе “факти” за своите тврдења му се жалат на Ритих за најразлични работи од секојдневниот но и политичкиот живот. Се жалеле и на руските дипломати, на злогласниот Берлински договор и се сл. Ритих вешто ја разоткрива целата суштина на Српските изговори, за што и ќе каже:

“Воопшто, од нивниот разговор беше јасно видно дека сите наши стари грешки, од Русите, би се простиле ако во блиска иднина ги исправиме нив и ги наградиме Србите со територија на сметка на Македонија“.