Патување во г. Велес и Салоники

ФАКТИ ЗА СРПСКО - БУГАРСКИТЕ ПРОПАГАНДИ во Велес, кај Ритих.


Интересна е првата сцена на станицата во Велес, кога човек - странец уште несимнат, веднаш го пречекуваат српско - угарски пропагандисти (зависно кој ќе стигне прв) и на соодветниот јазик му ја пренесуваат пропагандната “вистина”, за Македонија и Македонците. Ритих благо ги исмева и едните и другите, но и ги разголува пред јавноста, зашто на неговото остро око и ум, таквите игри не му се тежок проблем за разрешување. Уште повеќе што едната со другата пропаганда се кодошат и кај него, за начините и методите кои си ги применувале при тоа. Ова прва средба и сцена во Велес, Ритих вака ја опишува:


Велес почеток на XX век

“Од Скопје до Велес растојанието не е големо, само два часа патување со железница, при што панорамата на месноста е – во голем степен е интересна и занимлива. На станицата во Велес нам неочекувано ни пристапија четворица Срби, љубезно не поздравија со добредојде и ни предложија да ни бидат водачи во предстојната прошетка низ градот и неговата околина.

Немавме никаква причина да го одбиеме предлогот, но од друга страна, несетно се насмеавме што пак попаднавме во српски раце кои како да знаат повешто да ги прифаќаат руските патници. Бугарите дури шират гласови дека по наредба на месните конзули, српските школски учители и другата младеж се шетаат во Куманово, Велес и некои други градови на станичните перони во времето на доаѓањето на двата воза од Виена и Солун. Притоа на Србите им е пропишано да водат разговори на нивниот роден јазик за да можат случајните патници Европејци да дојдат до соодветни етнографски заклучоци. Сплетка доволно карактеристична, но според мене не е праведно да се укоруваат поради таквиот фокус само Србите и Бугарите, кога е потребно го прават истото, а понекогаш значително полошо”.