Селцкиот поп и граѓанецот
Еден селцки поп влегол в црква да му поит ѓоа литургија на селаните, во недела. Се погодило да влези и еден граѓанец в црква, чунки бил дојден в село на гости у некој селанец.
Едно го видел попот граѓанецот, запрел пеењето, чунки ништо не знаел од редот на црквата кое кога сакат да се пеит.

Само си стоел в олтар и си молчел. Се чуделе селаните оти не му пеит попот како понапред, туку си молчел. На тоа згора се созборувале неколцина селани од попрвите и му влегле в олтар, та го прашале оти не пеал.

- Море, како да ви пеам и Бога да молам, бре рисјани - му рекол попо
- кога грацкио ѓаол ни дошол встред црква, за да ми се бие мене шега и после да го налутиме Бога и да ми скуси од селово бериќетот.
- Ами чаре на тоа згора, бре попе - го прашале селаните - као да се праит, ако не ни кажиш?
- Ќарето, бре благосоени рисјани, за раменици и истуркајте го надвор за да ви испеам таин Божи и свршена работа!

Коа чуле селаните попо, излегле надвор и го грабнале за раменици граѓанецот, та го изваиле од црква надвор за да не чуе граѓанецот тоа што ќе пеит без ред попо.
И тогај си останал на раат попо да си пеит што си знај и да му се чини на селаните оти литургија му пеи.