Српско четништво во Македонија

За развој на четништвото во Македонија, Србите преку Главниот одбор во почетокот работат меѓу Македонците - емигранти во Србија.


Подоцна врбуваат и од внатрешноста на Македонија, главно разочарани од неуспехот на востанието, а гонети од властите комити и др. слични одметници.

Првата српска чета од 8 луѓе е формирана во Белград и тоа од лекарот Милорад Гоѓевац кој порано се бавел со лечење на пребегани Македонци но и со собирање на податоци за состојбите во Македонија.

Всушност тој е српски шпион кој зад лекарската работа одлично се камуфлира, а бидејќи некаде носи и “спас” од болести, рани и сл., носи и нови приврзаници за српската кауза во Македонија.

Оваа прва српска чета е под команда на Анѓелко Алексиќ и е префрлена во Македонија - јули 1903 год., кај селото Буштрање. Кај селото Сушица четата и се приклучува на четата од 40 Македонци предводена од војводата Пушкарев.

Заедно водат борби со турските потери кај Ѓуричкиот Манастир и под притисок на турските потери се повлекува кон Врање. Во Врање ВМРО со нив води преговори за заедничко четништво во Македонија, но до конкретен договор не доаѓа.

Наскоро и во Скопје се водат преговори со ВМРО, помеѓу С. Томиќ од името на српските четници и Даме Груев од името на ВМРО, за заедничка соработка во борбата со турските власти.

Кога немало договор за единствена и заедничка борба, српскиот претставник отворено рекол дека може да се договара сега само на основ поделба на Македонија со посебен српски дел.

По ова Груев ги прекинал преговорите јасно ставајќи му до знаење дека Македонија се бори за самостојност и може да се има соработка само на таа основа, за се друго нема место.