Македонски револуционер

Да се биде Македонски револуционер е навистина нешто посебно, оној кој тргнал по тој пат знаел дека одбрал нешто што ги надминува маките на Тантал и Сизиф.


Македонските векови се повеќе црнила одошто ден, постојани робии одошто слободен здив. Буни, востанија и непокор се македонското постоење и кратки слободни мигови, ретки во опстојот. Дури и денешниов македонски ден не е ден во кој не се бележи раната на распокинатоста, газената македонска свест и достоинства во Пирин, Егеј, Голо брдо, Гора, Јабука...

- И пак токму затоа да се одбере патот на Македонски револуционер врз нашава премрежна ветрометина од татковина ,среде македонски столетија сите од крвје, колеж и ништеж е и храбро и пркосно и за почит.

- Сите сечења на јазици, фрлање живи в гробје, вгорени вршници на глави, сите одродувања, дивјачки копачења по нашето име и потекло, среде македонскиот непокор по кој не препознава светот – и пак да се одбере патот на револуционер обврзувало да се ископаат во себеси и да се одгледаат сите усвитености и добродатели што му се и битие и историја на револуционерот секаде, врз сите мердијани каде пулсирала револуцијата. Во оваа смисла македонскиот револуционер во ништо не бил поштеден нити привилегиран, напротив.

- Да се одбере патот на македонски револуционер значело да се тргне по врвицата што познава секогаш тргнување но не и стигнување на целта. Единствена поблиска, посигурна дофатна награда на македонскиот револуционер му била смртта, отколку слободата. Затоа..

- Да се одбере патот на Македонскиот револуционер, значело да се прегрне отказот од животот и да се одберат занданите, мачилиштата, ченгелите, колците, спиците под ноктите и растрелите како единствена своја иднина.