Црквата Успение на Света Богородица, с. Велестово

Црквата успение на Пресвета Богородица е еднокорабна градба со полуоблест свод и полукружна апсида на источната страна.


Фреските пред неколку децении се премачкани со нов слој слики, но е почитуван стариот распоред на претставите и целината останува ненарушена. Конзервирана и заштитена е во 1966 година и притоа се открија неколку натписи со старословенско писмо. Сликањето започнало во 1444 година во месец мај и фреските настанале со залагање на попот Ѓорѓија, потоа на Станец, неговиот брат Михо, Рајко Добрилов, Дабец и Петко. Според вториот натпис, што се наоѓа над западниот влез од црквата, остатокот од површината во храмот е покриен со фрески во 1450/51 година. Во вториот запис се споменуваат ктиторите: В’лкота, Славко, Грубан, Михо Јанков и Никола. Во натписот посебно важен е податокот дека во времето на завршувањето на декорацијата во Велестово на престолот на охридската архиепископија се наоѓал архиепископот Никола.

Во сводот, на средината е насликан “Старецот”, источно од него “Исус Христос” и “Приготвениот престол”. Пониско на надолжните страни се насликани пророците во допојасје. На највисоките површини на сводот и на горните делови се насликани Големите Празници: Благовести, Рожденство, Сретение, Успение на богородица, Влегувањето во Ерусалим и др. На јужниот ѕид, до самиот иконостас се насликани “Визијата на Свети Петар Александриски”, а пред самиот иконостас како патрон е насликана света Богородица со малиот Христос во рацете, а веднаш до неа се свети Никола Чудотворец, свети Климент Охридски и света Марина. На северниот ѕид се насликани Светите Воини: Теодор Стратилат на коњ, Прокопиј, Меркуриј, Димитрија и свети Ѓорѓи Победоносец.

Зографите на постарото сликарство, веројатно двајца, во целина оставиле подобро сликарство со помирни и посигурни цртежи. Нивните внимателни сликани форми на еден дел од декорацијата на ликовите на северниот ѕид, добиле непријатна тврдост изразена со остри судири на светли и темни полиња притоа не избегнувајќи ја провинциската сладникавост во изразот, како што е на пример Свети Меркуриј. Меѓутоа, претставите во долните зони на јужниот ѕид (свети Петар Александриски, свети Никола и свети Климент) ги евоцираат најдобрите пластични прикази во охридското сликарство од крајот на XIV век.