Црквата Свети Спас с. Лескоец

Македонија е надалеку позната по богатиот фонд свидетели на средновековната уметност и култура, мошне битни за историјата воопшто.


Паметниците на културата, како катедралната црква Света Софија, Светиклиментовата црква или пак онаа на Свети Јован Канео претставуваат знаци на препознавање не само на Балканот, ами и во целиот свет. За разлика од споменатите цркви, кои со сета своја убавина им се презентираат на стотици и илјадници посетители, не помалку значајни за нашата историја и познавањето на нашата уметност и култура од времето на навлегувањето на Османлиите во нашите краишта е црквата Свети Спас (Вознесение Христово) во с. Лескоец, оддалечено од Охрид околу три километри.

Според натписот кој се наоѓа над западниот влез - однадвор, кој е од времето на обновувањето на црквата во 1898г. се споменува и годината 1462, како датум кога црквата била изградена и живописана. Црквата во основа е еднокорабна градба, со тристрана апсида и полуоблест свод. При обновата е доѕидан трем од западната и јужната страна.

Воопшто, живописот во оваа црква претставува една интересна и специфична ликовна целина а тоа се должи на деталите кои ги среќаваме на композициите - наративно раскажување - потоа, извесните иконографски моменти, мотиви од секојдневието и инвентивното предавање на профаните ликови. Ги споменуваме најзначајните насликани ликови: свети Никола Чудотворец и ликот на свети Климент Охридски - претставен со моделот на градот Охрид.