Црквата Свети Петар, Голем град

Од остатоците и откриените темели на повеќе профани и сакрални објекти на островот Голем град, единствено е сочувана црквата посветена на свети Петар.


За неа некои научници, според фреските на кои е претставен животот на света Богородица и Богородичниот Акатис, претпоставуваат дека првично била посветена на божјата мајка. Црквата Св. Петар е подигната и живописана во XIV век, во 1360 година, за време на владеењето на царот Волкашин.

Таа е еднокорабна градба во чија близина се наоѓа еден мал по димензии, двокатен конак, сведок за манастирскиот живот што се одвивал на овој простор. Внатрешноста на црквата е исполнета со живопис од кој се зачувани значителен број на фрески. Во апсидата се забележуваат “Богородица ширшаја небеса”,”Поклонувањето на Агнецот”. Во наосот претставени се сцени од животот на светата мајка. Интересен е живописот изработен на јужната фасада на црквата каде е илустриран Богородичниот акатис.

Тука е претставена една композиција со извонредно тематско значење. Станува збор за фреската каде првпат е претставена опсадата на Цариград од страна на Персијанците и Аварите во 626 година. Оваа тема подоцна ќе стане една од најчестите во фрескописот во црквите во Молдавија. Меѓу композициите вредно е да се спомене и композицијата “Бегство во Египет”, која ретко се среќава во нашите средновековни цркви.