Црквата Свети Никола во с. Косел - охридско

Едноставна градба од продолжен тип, однадвор завршува со ниска тристранаапсида и е пресведена со полуоблест свод. Со своите мали димензии и со обликот црквата Свети Никола е сродна на повеќе рустично ѕидани и грубо малтерисани споменици од XV век, од околината на Охрид.


Фреските денес се многу оштетени, особено на источниот ѕид од олтарскиот простор и во долната зона на јужниот ѕид. Во основа, распоредот на сликаниот украс ја повторил содржината на спомениците од Охридскиот круг од средината на XV век.

Би ги споменале ликовите на Светите Тројца - насликани во сводот. Од подобро сочуваните композиции останати се Големите Празници: Рожденство Христово, Сретението, Кршевањето и Воскресението Лазарево. На северниот ѕид: Влегувањето во Ерусалим, Распетието Христово, Слегување во пеколот, а целиот циклус се завршува со Успението на Пресвета Богородица. Стилските својства и особениот ракопис на зографот укажуваат на учество на позната личност и овозможуваат поприближно да се одреди времето на сликањето.

Имено, нема сомнение дека фреските ги извел ист уметник кој во 1487/8 година ја украсил внатрешноста на оддалечениот манастирски храм Свети Димитрија кај Бобошево - Бугарија. Станува збор за еден од поталентираните ученици, воспитан во работилницата чии мајстори ја украсиле фасадата на Свети Константин и Елена во Охрид и внатрешноста на селската црква во село Баница.