Црквата Света Богородица во село Дреново

Во селото Дреново кое се наоѓа на дваесет километри југоисточно од патот Градско - Прилеп, изградена е црква посветена на божјата мајка, Света Богородица.


Градењето на црквата народот го поврзува со градењето на Полошкиот манастир, создавајќи предание со кое поучува за правилното човечко однесување, за скромноста и фалбаџиството. Легенда за градењето на црквата Св. Богородица - Дреново и Полошкиот манастир Луѓето од тиквешкиот крај се уште раскажуваат за расцепената црква во селото Дреново, напоменувајќи дека се залудни сите поправки и постојани закрпувања, бидејќи на Илинден, на 2 август, таа повторно пука на истото место каде претходно Свети Илија ја расцепил.

Црквата “Св. Богородица” е изградена во времето на цар Душан и живописана во 1356 година од зографот Димитрие. Од нејзината историја познат е податокот дека била приложена на Св. Пантелејмон во Света Гора од страна на Константин Драгаш. Денешниот изглед на црквата е бескуполна трокорабна базилика без остатоци од фрескопис, но за нејзиниот (некогашен) изглед научниците и истражувачите утврдиле дека станува збор за “комбинација од куполна трикорабна базилика и крстообразна црква од стеснет тип, со купола над наосот и нартексот, и со засведени странични кораби.” (Споменици на културата во Р. Македонија, група автори).

При градењето на црквата се користеле и антички материјали за кои се претпоставува дека потекнуваат од напуштената населба Стоби.