Црквата Св. Никола - Велес

Во непосредна близина, јужно од црквата Св. Димитрија, од десната страна на патот, на самите карпи, се наоѓа црквата посветена на чудотворецот Никола.


За жал до ден денес во самата црква не се откриени никакви пишувани историски податоци, за времето на нејзината изградба и живописување, ниту пак е откриен било каков натпис за самите зографи. Според денешната состојба заклучуваме дека оваа црква долго време била запуштена и дури во поново време е поправена. Живописот во внатрешноста е скоро целосно уништен.

По својата архитектонска градба црквата Св. Никола е еднокорабна, мала по димензии, со тристрана апсида на исток и влез на западната страна. Истата е изградена од кршен камен и со наизменични хоризонтални и вертикални редови на делкан бигор и тула. Според начинот на градба оваа црква припаѓа на храмовите кои се карактеристични за нашата средновековна уметност главно до крајот на XIV век. Во поново време кон западната страна е додаден трем, а исто така и дел од апсидата е обновен. Од првобитниот фреско - живопис подобро се сочувани две композиции кои се наоѓаат во самата апсида и тоа: “Св. Богородица Ширшаја - Небес” и “Причестувањето на Апостолите”.

Имајќи ги во предвид изразените тенденции за оплеменување на фасадите, стилските и ликовни одлики карактеристични за живописот од XIV век, оваа црква е изградена и живописана во XIV век. Во периодот меѓу двете светски војни, во нишите на јужната и северната страна од наосот, се насликани ликовите на Св. Никола и Св. Архангел Михаил на вратата од иконостасот во 1939 година.