Црквата Св. Димитрија - Велес

На самиот излез од Велес, од десната страна на самиот пат кој води кон Градско, се наоѓа манастирот Св. Димитрија.


Во сочуваниот натпис кој се наоѓа на јужната страна од сводот е забележано: “Сеи обител обновисја во 1855 година изобрази Х. Косте зограф”. Исто така на една уметничка слика - сопственост на самата црква, на која е насликан портрет на Петар Здравев, а работена од Ѓорѓи Зографски во 1942 година е сочуван следниот натпис: “По Божие вдахновение до Петар Здравев откопа затрпани манастир Св. Великомученик Димитрија 1855 година. Почина 1867 година. Подар. Механдж. Еснаф. 1942 - написа се желание игумен Алексие. “ Врз основа на овие сочувани податоци се претпоставува дека црквата Св. Димитрија, во некое за нас непознато време, доживеала посериозни оштетувања како во архитектурата, така и во првобитниот живопис. А исто се објаснува со залагањето и иницијативата на П. Здравев од градот Велес, кој со помош на парични средства на повеќе видни граѓани, црквата била целосно поправена и целосно живописана од страна на велешкиот зограф Хаџи Косте /Костадин/ Крстев.

Подоцна игуменот Алексие, знаејќи за големите заслуги на Петар Здравев околу обновата на црквата, издејствувал кај механџискиот еснаф, познатиот зограф - сликар, Ѓорѓи Зографски, да му направи портрет по фотографија. Инаку црквата Св. Димитрија е еднокорабна градба со тристрана апсида од источната надворешна страна. На западната страна се наоѓа нартекс над кој се издигнува кула со камбанарија - поради која е карактеристична и се издвојува со оваа своја посебност од другите средновековни цркви во Македонија.

Црквата е градена од делкан камен, но за да се постигне ефект на полихромија, користена е тула со спојки од малтер. Самите фасади се оживеани со орнаменти и тоа: шаховски полиња, меандри и запци. Самите страни на апсидата се расчленети со ниши и аркади, а венецот во горниот дел е запчесто изведен од тули. Влезовите и прозорците од северната страна се асиметрично поставени и завршуваат полукружно. Поради сите овие карактеристики, оваа манастирска црква посветена на Великомаченикот и воин Димитрија, се смета дека истата е изградена во XIV век.