Свети Никола, с. Љуботен

Во непосредна близина на скопското село Љуботен сместено на падините на планинскиот масив Скопска Црна Гора, е подигната црква посветена на свети Никола.


Според натписот врежан во камената плоча, поставена над западната влезна врата, црквата Свети Никола била изградена во 1337г. од страна на непознатата властелинка, ктиторката Даница.

Низ вековите таа, како и многите други цркви ширум Републикава, ја доживеала судбината еден подолг период да биде напуштена и целосно препуштена на самата себеси. Поради тоа, значително настрадале нејзиниот живопис и горните делови на овој божји храм. Така, во првата половина на XX век, била изведена темелна реставрација, притоа внимавајќи на зачувување на нејзиниот првобитен изглед. Црквата има форма на впишан крст во правоаголна основа. На нејзиниот средишен дел високо се издига осмоаголна купола што се потпира врз четири четвртести столбови.

Полукружната петострана апсида на источната страна, украсена со слепи ниши во горните партии, се вклопува во останатата, расчленета фасадна конструкција. Декорацијата ја збогатуваат фасадните цигли распоредени во форма на крстови и шаховски полиња. Внатрешниот дел на црквата го облагородуваат фрески што датираат од времто на нејзината изградба.

Авторот на овој фрескопис до ден денес останал непознат. Стилските особености на неговата сликарска техника говорат за еден мошне талентиран зограф чии цртежи отскокнуваат од вообичаената иконографска концепција. Тие се ослободени од груби анатомски неточности, а во сликањето на фреските се забележува еден суптилен, пореалистичен пристап надополнет со богатиот колорит во кој доминира употребата на топлите тонови.

Ова е евидентно во долната партија на северниот ѕид каде покрај светителите во цел раст, се предадени портрети на световни фигури-членови на царското семејство: царица Елена, цар Душан и нивниот син Урош. Од композициите покарактеристична е онаа со сцените од Свадбата во Кана Галилејска.