Св. Никола, Варош, Прилеп

За времето на подигање тоа е втората половина на XII век, кога, според карактеристиките кои му одговараат на последнот период од сликарството од епохата на Комнените, е датиран живописот во апсидата: “Богородица Ширшаја небеса”, “Поклонувањето на Агнецот”.


Над прозорецот што се наоѓа на јужниот ѕид од оваа црква, постои фреско-натпис во кој е забележана годината 1299 како година на нејзино градење, но по едно друго толкување на натписот, црквата е подигната во месец ноември во годината 1298, од страна на ктиторот Вега, син на Капза и Марија, за време на владеењето на царот Андроник II, Михајло IX и царицата Ирина.

Црквата Св. Никола е еднокорабна градба, со полукружен свод и тристрана апсида однадвор. Изградена е од неделкан камен, а во нејзините горни партии се забележува керамопластична декорација. Таа е мала по димензии, со карактеристична нагласена височина. Она што најмногу импонира во оваа црква е нејзиниот сочуван богат фрескопис којшто со стилот и вредноста го привлекува вниманието на стручната јавност, но и на сите вљубеници во убавото. Тој претставува едно од најпрекрасните остварувања во нашава земја кон крајот на XIII век, но со извесни карактеристики кои го врзуваат за стилот типичен за XIV век.

Над западниот влез однадвор, на нишата, насликан е ликот на светецот св. Никола кому му е посветена црквата. Во внатрешноста, фрескописот е распределен во три зони. Во првата зона, во цел раст, претставени се фигури на светите војници и светците. Во втората зона насликани се композиции во кои се предадени сцени од “Страдањата на Христос”, а во третата зона претставени се “Големите празници”. На сводот се насликани пророците во цел раст. Однадвор, на фасадата на црквата, се забележуваат фрагменти и остатоци од фрески. На западната фасада, освен претставата на патронот на црквата, постои уште една фреско-икона, чие потекло е датирано во XVII век.

Во имотот на црквата се вбројуваат повеќе икони со потекло од XIV до XIXвек. Меѓу нив, од особено значење, е иконата “Взиграние младенца” од XIV век, која со својата доза на реалистичност отскокнува од канонизираното византиско претставување на Богородица со Христос.