Св. Илија, с. Грнчари, Преспа

Над преспанското село Грнчари, опкружена со живописна природа, сочувана е малата еднокорабна црква меѓу народот позната како Св. Илија.


Се претпоставува дека оваа црква првобитно била посветена на свети Никола. Таа е изградена од камен и тула, засводена е со полукружен свод, а на нејзината источна страна се забележува апсида, однадвор тространа. Во внатрешноста на црквата има живопис од два периода.

Првиот, постар живопис, временски се совпаѓа со градењето на црквата. За него, науката претпоставува дека потекнува од првата половина од XIII век. Од овој фрескопис сочуван е фрагмент од композицијата “Успение Богородичино” и композицијата “Преображение Христово”. Втората фаза на живописување се совпаѓа со времето на обновувањето на црквата.

Во еден натпис, пронајден врз композицијата “Деисизот”, се спомнуваат попот Димитар и синот Рајко како обновувачи на црквата Св. Никола. Интересно е да се напомене дека во оваа црква може да се види насликан свети Ахил, светец чиј култ бил особено карактеристичен и многу почитуван во околината на Преспа. Тој е претставен зад иконостасот, на јужниот ѕид.