Св. Илија Горни, с. Бањани, Cкопско

Во подножјето на падините на планината Скопска Црна Гора, во близина на селото Бањани и долината на Бањска река, има манастир со црква посветена на свети Илија. Овој манастир меѓу народот популарно се нарекува манастир Св. Илија Горни.


Манастирскиот комплекс го чинат црквата Св. Илија, манастирските конаци, обновени и приспособени за манастирски туризам, убаво уредениот двор со дебела сенка од дрва и ладна вода што би го окрепиле секој посетител. Интересно е да се напомене дека ова прекрасна место е искористено како една од локациите каде се снимани сцени од филмот “Пред дождот” на познатиот македонски режисер Милчо Манчевски.

Манастирската црква Св. Илија е мала по димензии, еднокорабна градба, на од источната страна со олтарна апсида, тристрана однадвор. Од северната страна, црквата е споена со една карпа која и дава еден посебен белег и необичен изглед. Внатрешноста на црквата е насликана со живопис, од кој се распознаваат два слоја. Првиот, постар слој, според претпоставките на научниците, потекнува од XIV век, време кое се смета и како време на градење на црквата.