Св. Димитрија, Варош, Прилеп

За точното време на градење, како и за имињата на луѓето кои ја подигнале црквата Св. Димитрија во Варош, науката не располага со точни податоци.


Во една повелба на цар Душан, во XIV век, се спомнува нејзиното постоење и нејзината припадност кон манастирот Трескавец, којшто се наоѓа во околината на Прилеп.

За денешниот изглед на црквата, утврдено е дека претставува спој од неколку градби, коишто потекнуваат од различни временски периоди. Таа е крстообразна црква, над која се издига купола поставена на дванаестостран тамбур. Впечатлива е керамопластичната декорација на фасадите и апсидата, која и дава убав и богат изглед на нејзината надворешност. Во внатрешноста, црквата била живописана, а од нејзиниот мебел денес се сочувани царските двери, изработени во резба и датирани во XV/XVI век.