Св. Богородица, Каменско - Охрид

На педесетина метри источно од стариот охридски чинар се наоѓа оваа црква која била изградена уште во XIVвек како мала капела, но во XIX век е поправена и проширена. На источната страна -- однадвор, на еден блок камен, означена е годината 1832.


Според натписот над јужната врата од внатрешноста, црквата “Успение на Пресвета Богородица - Каменско” била живописана во 1863 г. од зографот Дичо од с. Тресонче, а во 1924 г. сликаријата е обновена. Она што импресионира во оваа црква е иконостасот кој е изработен во 1867 г.

На Царските двери, во долниот дел се насликани Св. Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски и Св. Атанасие. На една од престолните икони “Успение на Св. Богородица” која е сликана од Ѓорѓи Мануил во 1845 г., се наоѓа натпис дека дел од иконостасот изработил Христо Цветко - псалтос за спомен. Според натписот кој се наоѓа над лунетата над Царските Двери, може да се види дека во 1867 г. целиот иконостас бил позлатен, а за тоа платил Стефан Тримче Рекали. Иконостасот е дело на мијачки мајстори и според својата конструкција е поделен на пет хоризонтални полиња и целиот е испреплетен со најразлични сцени од флората и фауната на охридското крајбрежие.