Св. Богородица - Болничка

До денес не се откриени пишувани податоци за нејзиното подигање и живописување, но според изведбата на градењето и анализа на живописот оваа црква припаѓа на малите еднокорабни охридски цркви, со помали димензии, од времето на XIV век.


Какви биле причините црквата да биде преправена од еднокорабна со полукружен свод во еднокорабна со напречен кораб-транспет, не се познати. Црквата Св. Богородица претрпела повеќе измени и тоа во XVI век, во XVII, а последно во оваа црква се интервенирало во 1834 г. кога е изведен нов живопис на малтер нафрлен врз стариот живопис.

Во 1959-1960 г. по конзерваторските работи, живописот од XIX век е симнат и тој се наоѓа како експонат во тремот. Најстарите фрески потекнуваат од XIv век, а се сочувани композициите Поклонување на жртвата, Вознесението и Благовестие, Св. Василие Велики и Св. Јован Златоуст - во апсидалниот дел. На северниот ѕид се претставени Светите воини: Димитрија, Ѓорѓи и Нестор, а до самиот иконостас претставата на Дејзис. Фрескосликарството на непознатиот локален зограф е од редот на подобрите остварувања во Охрид, зографот има голем осет за компонирање на боите.

Иконостасот во оваа црква е богато украсен со стилизирани растенија, плодови и птици и со други мотиви и работен е во ореово дрво 1833 година. Дело е на Никола Дарковски Караџовиќ од с. Лазарополе и се вбројува меѓу позначајните дела на мијачките копаничари од минатиот век. Интересно е да се каже за двете Болнички цркви - Св. Никола и Св. Богородица - дека во нив уште во средниот век не се дозволувало да се врши ниту црковна служба, ниту венчавка, ниту пак крштевка. Се верувало дека под нив имало мрачни ходници во кои живееле зли сили и правеле постојано лошо на луѓето.

При една крштевка детето починало, а при една венчавка невестата. Во охридскиот Завод и Музеј- Охрид, е пронајден еден документ од 1694 г. во кој пишува дека на секој архиереј кој ќе дојде во Охрид, му се забранува да врши каква и да било служба во овие цркви. Околу црквата се наоѓаат повеќе гробови, секако на монаси или игумени, како и заедничка гробница на мноштво охридски граѓани.