Св. Богородица Елеуса

Недалеку од водочката црква, на една височинка над селото Вељуса кај Струмица се наоѓа старата црква со манастирски конаци, Света Богородица Елеуса.


Живописната природа, панорамската глетка на струмичко поле и селската идилична околина совршено ја надополнуваат нејзината убавина, сочинета од величенствената архитектура, фреско-живописот, мозаичните подови, како и мермерниот иконостас што долго време стоел зад еден таков изведен во дрво. Овој споменик на културата потекнува од XI век за што сведочи мермерната плоча со натпис на ктиторот, струмичкиот епископ Манојло, како и годината на нејзината изградба, 1080 г.

Плочата со натписот, како и многуте вредни икони од оваа црква, не се повеќе на местата каде биле поставени. За време на Првата светска војна оваа црква, како и многу други цркви во Македонија, доживеала огромна неправда. Покрај варварските пустошења и грабежи, таа била и запалена, но не изгорела. Ова го покажуваат потемнетите фрески на ѕидовите од наосот. Набргу црквата била обновена и повторно живописана. Единствена, во целост сочувана композиција од времето на изградбата во XI век е Симнувањето во пеколот, во која што е претставен детаљ со два ѓавола, приказ што мошне ретко се среќава кај нас.

Постојат и други, делумно сочувани композиции од тој период. Во олтарната апсида откриени се фигури на четирите архиереи, претставени во фронтален став и профил, и Богородица со Исус Христос. Пред влезот од олтарот се надѕираат фрагменти од мозаично изведен под. Особено интересни се фреските со ликовите на светците Онуфриј и Панфнутиј од XII век во чија близина се наоѓа познатиот Вељушки крст - единствен од ваков тип во светот. Манастирската црква во Вељуса е нем сведок за животот и судбината на македонскиот народ и неговото национално и културно богатство низ историјата. Денес, во манастирските конаци на црквата Света Богородица Елеуса живеат неколку монаски кои истовремено се грижат за црквата и црковниот инвентар.