Ротондата во сКоњух

Станува збор за црква со архитектонска концепција ротонда, многу ретка на нашава територија. Таа била откриена од страна на селаните кои ја откопале во 1919 година.


Денес се наоѓа во многу тешка состојба и речиси целосно е разурната. Како време на нејзино подигање, науката го утврдила IV век. Црквата била подигната на правоаголен простор, во кој била впишана кружната основа на централниот дел, околу кој се обвиткувал ходник во форма на потковица. Над централниот дел се издигала купола.

Во црквата се влегувало од запад, додека на источната страна се наоѓала апсида, полукружна однатре, а правоаголна од надворешната страна. Помеѓу централниот дел и олтарниот простор имало олтарна преграда со шест орнаментирани столба. Постојат претпоставки дека во олтарот се наоѓал гробот или реликвиите на некој мартир. На просторот на некогашната црква откриени се фрагмнети од богата пластична декорација изработена од камен со зеленикава боја. Овој христијански храм бил долго време во употреба и играл многу важна и значајна улога во ширењето на христијанството на овие простори, почнувајќи уште во IV-V век.