Пештерниот храм Воведение на Св. Богородица

Пештерната црква посветена на св. Богородица е сместена јужно од главната црква Св. Јован Богослов, во еден природен карпест амбиент од северната падина кон Езерото, засолнет од сите страни со високи карпи, а само со мал тесен приод од Езерото меќу две карпи.


Во овој релативно широк простор на јужната страна се вдлабени плитки простории за монашко живеење, а во средишниот дел кон запад е зачуван ѕид - во правец исток - запад, кој се спојува со карпата на западната страна, додека пак на источната се забележува остаток од влез кон храмот и монашкото живеалиште.

Во оваа пештерна црква е сошувана, како што наведовме, композицијата Воведение на Св. Богородица во храм. Кога таа наполнила три години, во еден одреден ден на годината било нејзиното свечено влегување во Ерусалимскиот храм. Напред оделе млади девојки со запалени свеќи, а зад нив родителите Јоаким и Ана кои за рака ја воделе малата Богородица. Околу нив биле роднините, пријателите и многу странци кои биле привлечени со оваа церемонија.

Кај вратата од храмот излегол во пресрет големиот првосвештеник Захарие - татко на Св. Јован Крстител, поздравувајќи го доаѓањето на Богородица со свештени песни. Малата Богородица останала во храмот до својата дванаесетта година, кога дошло време да го напушти храмот и, како и другите девојки, да стапи во брак. Без оглед на оштетувањата на фреско - живописот, зачуваните ликови на младите девојки, драпериите на некои фигури, орнаментиката на одеждата од првосвештеникот Захарие како и дел од сочуваната архитектурна декорација во заднината ни покажуваат дека зографот на ова сликарство работи во духот на класицистичките ликовни разбирања на стилот од Палеолозите, па затоа се налага заклучокот дека пештерниот храм Воведение на Света Богородица во Храм во месноста Канео бил создаден за монашките потреби при крајот на XIV век.