Тумба - Маџари, Скопје

Најстарите археолошки наоди говорат дека античката населба Тумба, кај Маџари, датира уште од младото камено време - неолит.


Ова е окарактеризирано како време на хармонија и благосостојба, време во кое културата доживеала свој подем и кога во човековата свест доминирал женскиот принцип. Во матријархатот, како што почесто се нарекува неолитот, жената била столб на тогашното општество, па така и главното божество, заштитничка на народот во тоа време била Големата божица, Мајката - земја.
Археолошкиот локалитет Тумба е лоцирана на просторот меѓу скопските населби Маџари II и Ченто, во близина на автопатот Скопје - Куманово - Велес. Со досегашните археолошки ископувања, истражен е простор од околу 1400 м2.

Притоа е утврдено дека станува збор за повеќеслојна населба со културен слој од три метри во кој се одделуваат три хоризонти на живеење од времето на средниот неолит. Откриени се урнатини и темели од седум куќи (живеалишта) и едно светилиште. Тие се со правоаголна или четириаголна основа, изградени од масивна дрвена граѓа и кал. Речиси од секој од овие објекти се пронајдени остатоци од огништа, печки и голем број на предмети, декоративна пластика, керамички садови со најразлични облици и шари со мотиви со одредена симболика (дожд, вода, класје). Покрај ова, од значаен интерес е пронајдената култна пластика, особено антропоморфната. Од овој тип најинтересен е пронајдениот теракотен жртвеник Големата мајка - заштитничката на плодноста, која денес се чува во Музејот на Македонија, во Скопје. Според начинот на кој таа е изработена, претставува единствен култен предмет кој се разликува од останатите вакви пронајдени на Балканот од времето на неолитот. Нејзината единственост е во тоа што се состои од два дела, од кои горниот е со антропоморфна претстава, а долниот е со архитектонска содржина.