Пештерна црква Свети Стефан - Панцир

Лево од патот што води од Охрид за Свети Наум, над синдикалното одморалиште “Орце Николов”, се наоѓа една мала пештерна црква посветена на првиот христијански маченик Стефан што се празнува на 2 односно 15 август нов стил.


Малечката полуоблесто соѕидана црква во шуплината на карпата, постоела и порано, но дури во времето на процутот на уметничката дејност во XV век добила фреско-живопис и тоа благодарение на помошта на широкиот круг ктитори од Охрид и од околните села. На ова укажува натписот испишан во нишата на ѓакониконот од кој се дознава дека дарители биле граѓаните од Велики Варош т.е.од Охрид и луѓето од соседните села: Шипокно, Горица и Коњско.

Внатрешноста на пештерната црква е исликана со извонреден фреско-живопис, но тој е во голема мера оштетен. Во долната зона на апсидалниот простор е насликана света Богородица со малиот Христос пред себе. Од црковните архиереи-светители овде се насликани свети Василиј Велики, свети Јован Златоуст и свети Атанасиј Александриски. Извонреден е ликот на патронот кому му е посветена оваа пештерна црква. Архиѓаконот и првиот христијански маченик Стефан, насликан во нишата на протезисот.

Големата композиција Дејзис или кај народот позната како “Второто пришествие Христово” е насликана на северниот ѕид, а до неа е насликана најпочитуваната светителка Света Петка. Од она што денес останало, според општиот цртеж на фигурите, карактеристичната обработка на формите со слободни потези и сочниот нанос на боите, ова сликарство го прават најблиско до црквата посветена на Сите Светители во селото Лешани, недалеку од Охрид и поради тоа се чини дека оваа пештерна црква е живописана пред самиот крај на шестата деценија на XV век, кога веќе се насетуваше промената во начинот на работата на охридските уметници.