Виничко Кале

Над градот Виница, на рид со висина од околу 40 м., опкружен со стрмни страни, се остатоците од некогашна населба од доцнaта антика, денес позната како Виничко Кале.


Според наодите,населбата се простирала и пошироко на падините од ридот и на околните ритчиња. Со височината и местоположбата  локалитетот доминира над Виница, давајќи посебен белег на градот.

Иако мало по површина, Виничкото Кале содржи богатство од предмети и примероци со чија помош може да се реконструира животот во оваа античка населба. Се осознава дека животот на овие простори се одвивал во еден долг континуитет - од младото камено време (неолитот) па се до зрелиот Среден Век. Бројните докази пронајдени во Виничко Кале му припаѓаат на доцноантичкиот период.

Најголем интерес за негово детално истражување и проучување побудиле бројните теракотни релјефи со иконографски претстави, сцени од Стариот и од Новиот Завет и илустрирани Псалми (36, 41, 65, 79...). Натписите на овие теракотни “икони” се испишани со латинско писмо. Стилските особености упатуваат на средината на VI век и се единствени примероци кај нас и непознати на византиска почва. Цели или делови од вакви теракотни релјефи пронајдени се во шутот меѓу ѕидовите на една мала средновековна црква во виничкиот археолошки локалитет. Бидејќи се единствени во својот вид, иконите се со непроценлива археолошка, уметничка и теолошка вредност и будат огромен интерес и љубопитност ширум светот.

Градбите пак се од камен и варов малтер. Откриени се три базилики и една крипта од VI век и еден магацин со вкопани питоси од IV век н.е. Во околината се пронајдени повеќе ранохристијански базилики.

Изобилство на примероци од архитектонска пластика (колони, бази, капители, подни плочи и др.) и подвижен материјал (предмети од бронза, железо и коска, делови од разни керамички садови и предмети) е пронајдено на Виничкото Кале. Во еден женски гроб од XII век е пронајден  разновиден накит од бронза со позлата и еден предмет од коска.

Утврдената населба на Виничко Кале е на патот Стоби - Пауталија и Сердика на кој се одвивале главните економски комуникации во тој дел на Македонија. Поради ова, тој бил на удар на непријателите,па градот има свои подеми и падови. Виничко Кале е неоткриена енигма во археологијата која бара посебно внимание за одгатнување, нуди огромно и разновидно богатство на примероци од кои здивот сопира.