Баргала, с. Горни Козјак, штипско

На една блага падина во подножјето на планината Плачковица, во близина на Козјачка река и селото Козјак, откриени се остатоци од каструм град, датиран во раниот IV век.


Овие урнатини науката ги поврзува со градот Баргала, за чие постоење говори откриената плоча од 371 година, со латински натпис што содржи информација за градењето на градска порта во Баргала од страна на Антониј Алипиј, управник на провинцијата.
Пронајдените остатоци откриваат постоење на силно правоаголно обѕидие, со површина 280х185/150м. (4,7ха) и ориентација северозапад-југоисток. Големите и цврсти камени ѕидови, со широчина 2,30 метри, биле зајакнати со 20 четвртести кули, а во внатрешноста имало простории во кои биле сместени војниците и коњите. Главниот двоен влез се наоѓал речиси на средината на западниот бедем.
Постоењето на оваа воена утврда, како и онаа на 6 километри од неа, откриена во селото Крупиште, науката ги поврзува со непријателствата помеѓу Константин I и Ликиниј. Но, по повлекувањето на војската, логорот бил населен од цивилно население така што кон крајот на IV век, Баргала бил цивилен град, сознание што се потврдува и со натписот од пронајдената плоча во урнатините на турскиот ан кај с. Карбинци, 10км североисточно од Штип.
Градот Баргала набргу израснал во моќен центар по средниот тек на реката Брегалница и станал епископско седиште. Во неговиот северозападен дел е откриена Епископската базилика, подигната кон крајот на IV век, а обновена, односно преѕидувана и ремоделирана, во V-VI век. Таа претставува објект изграден по стандардниот тип на старохристијански градби од Балканскиот Полуостров и Медитеранот. Од архитектонска гледна точка е трикорабна базилика со полукружна апсида однатре и однадвор и со внатрешен нартекс и егзонартекс. Од внатрешноста на базиликата, особено впечатливи се подовите обложени со камени плочи, освен северниот, што бил решен со полихромен мозаик. Како најубав се издвојува подот од презвитариумот, што бил обложен со бели и сиви плочи во опус сецтиле.
На еден капител на влезниот трибелон во ексонартексот пронајден е натписот: “Христе, помогни му на твојот роб, епископот Хермија”. Споменатиот епископ и епископите Филип и Евстатиј од двете епископски базилики во Стоби, се обележани како ктитори на базиликите.
Комплексот на Епископската базилика во себе ги опфаќал и епископската резиденција, градската писцина и станбениот комплекс со широк трем и колонада.
Во близина на градските бедеми на Баргала, западно од нив, во 1984 година е откриен еден старохристијански објект од крајот на IV век. Тоа е еkстра мурос базилика, трикорабна, со издадена апсида, со нартекс и егзонартекс и со под обложен со камени плочи кои биле луксузно орнаментирани.
Покрај јужниот бедем и југоисточната кула, надвор од границите на овој локалитет, се наоѓа средновековната црква Св. Ѓорѓи, околу која е откриена и некропола.